Постот е средство – оправдано со својата цел

Последен дел од написот

se zenih

Го помнам својот прв Велики Пост, кога отидов кај еден свештеник во храмот и таму тогаш сериозно се испостив. Не бев сосема дете кога стигнав таму. Мене ме порази една работа: свештеникот беше зборлест (прости ми Господи) и во последниот ден, кога веќе требаше да си заминам, тој сè уште зборуваше, се присеќава на некакви духовни стории или сл. Тој навистина беше една цела духовна енциклопедија. Но, автобусот веќе тргнува, а тој уште зборува ли зборува… На крај, успеав да го побарам последниот благослов од него и треба да се трча, зашто инаку автобусот од тоа село поминува само еднаш во денот, така што не знам кога ќе стигнам во Москва. И автобусот веќе само што заминува, а јас кон него трчам. И кога после една седмица од постот трчав по тој автобус, одеднаш се почувствував себеси како да имам 12 или, не знам, 10 години. Децата се радуваат кога трчаат – чувство, кое потоа засекогаш го забораваш. Што побргу трчаш, радоста е поголема; не се собира умор, туку радост. Јас веќе одамна престанав да бидам дете, и одеднаш после тој пост ја почувствував истата радост на движењето. Добро, да речеме дека тоа е речиси телесна радост, иако треба да кажам дека тоа, при сериозен пост, е навистина радост за телото, олеснување на телото, да. Неслучајно денес има толку многу разни методи на лекување со гладување и слично, но најважното е душата. Така што, сепак за една седмица нема да се добие ефект. Но, ако се живее во еден таков подолг ритам со паузи…

Знаете каков е постот кај муслиманите? Настапува месецот рамазан и додека сонцето е на небо – „очите на Аллах“ – тие не јадат. Штом настапува ноќта (а ноќта се определува со изнесување на два конца надвор – бел и црн, и кога е невозможно да се разликуваат, кој каков е, во која рака, значи денот завршил, ноќта започнала), се враќаат дома. И таму: ѓувеч или што било. До утрото се најале, утрото поспале, и потоа повторно постат до вечерта. (Треба да се забележи дека тоа правило се појавило на Блискиот Исток, а таму ноќите се многу темни, на Север се речиси бели, но таму е многу остра границата меѓу денот и ноќта, затоа тоа правило таму многу ефективно функционира. Ми се чини, муслиманите овде тешко дека би можеле да постат според тоа правило. Затоа тие мерат по часови, по дванаесет часа, да речеме, веќе може да се јаде). Така што, ваквиот пост не би имал траен ефект, затоа што ако денот си го поминал во таков пост, а преку ноќта повторно си надокнадил, и она од денот не останало – ќе треба уште една седмица да се чистиш од тоа, за да исфрлиш сè од организмот.

И затоа во православната традиција, иако саботата и неделата од Великиот Пост не се сметаат за посни денови, туку празнични, сепак, во смисла на диета, така да речеме, постот и во тие денови продолжува, макар со некое олеснување. Понекогаш во некои храмови, богословии, дури и риба се дозволува во неделите итн.

Еве, се обидов да објаснам дека постот не е таква језуитска измислица, како што понекогаш се чини, дека постот има некаква врска со таинствените движења на нашата душа. Бидејќи постот е пат, а патот завршува со Пасха, повторно вреди да се забележи дека тоа е средство, кое навистина е оправдано со својата цел. Во животот имав случај кога не можев да постам за Велики Пост и ја пресретнав Пасха. Знаете, радоста воопшто не беше таа. Имав чувство како да ја украле Пасха. Во пасхалните денови, на пасхалната ноќ се чита Великото слово на Јован Златоуст: „вие што сте постеле и вие што не сте постеле, дојдете сите“ – за сите тоа е радост и се покажува дека нашата душа, па дури и нашето тело се устроени навистина мудро. А потоа добиваш сразмерно на оние трудови што си ги понел.

Каков треба да биде Постот и во што треба да се состои, ако во семејството мажот или жената се верници, но вториот сопружник не е?

Јас не сум свештеник, а многу често се поставуваат такви прашања, коишто треба да бидат решавани не со инструкција, не со папска енциклика, не со потточки, туку во интимен, личносен дијалог на духовникот со човекот, кога свештеникот го познава животот на тој човек, ги познава неговите реални семејни ситуации, мерата на неговиот некаков духовен подвиг. И тогаш свештеникот може разумно да каже, а не само генерално за сите животни случаи. Затоа сега ќе кажам онака, како што мене ми се чини, дека постот не треба да внесува озлобленост во релациите.

Се сеќавате како вели апостолот Павле: „Ако тоа што јадам месо го соблазнува мојот брат, тогаш нема никогаш да јадам месо?“ Бидејќи појаснува тој – каква глупост е, ако поради месо, поради јадење, загине човек. Во семејството тоа е многу сериозен проблем. Да речеме, еден сопружник почнал да пости – дошол во црква и почнал да ги запазува црковните правила, а вториот почнал да се смутува: „Види, црквата ми ја украде жената? Ти постиш, во ред, тоа е твој проблем, ама зошто мене не ми подготвиш месо?“.

Тоа сè уште не е страшно, но има многу посериозни случаи (бидејќи постот вклучува и воздржување од брачниот живот): знам случаи, кога мажот доаѓа и почнува: „Оче, што сторивте со мојата жена? Јас маж ли сум или не?! А таа ми вели: Не, миличок, тоа после Пасха!“ Сфаќате, тоа е сериозно прашање. Мислам дека тука има еден мисионерски аспект, со својата упорност таа жена може да го доведе мажот во состојба на таква озлобеност, не само против себе, туку и против Црквата. И тогаш оној ќе мисли за Црквата и Евангелието како за некаква страшна инквизаторска инстанција, која од него му ја украла жената, го лишува од сите радости, и самиот долго време ќе остане надвор од Црквата. А самото тоа, како последица, ќе се одрази и на воспитанието на децата.

ѓакон Андреј Кураев

Прв дел    Втор дел    Трет дел    Четврти дел

Петти дел    Шести дел    Седми дел    Осми дел

Подготвил: Георгиј Глигоров

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *