А. Кураев: Во што е проблемот со астрологијата?

mudreci

Веднаш ќе кажам дека не сум размислувал многу над оваа тема. Воопшто, ја сметам недостојна за сериозно размислување. Тоа е целосно виртуелна реалност. Во астрологијата не постојат никакви објективни набљудувања, туку субјективен компонент за едни или други ѕвезди во соѕвездието, од аспект на локацијата на  набљудувачот.

Реално, ѕвездите што се вбројуваат во едно соѕвездие, меѓу себе се наоѓаат на подалечно растојание, отколку оние што се означуваат во различни.

Разбирлив е интересот кон астрологијата од страна на луѓето што го исповедаат паганството. Од нивно гледиште, како што кажал Аристотел, космосот е град, населен со богови и луѓе. Планетите и ѕвездите се богови. Секој бог си има свој карактер, свој морал. Од овде доаѓа претставата дека душата, родена под определена ѕвезда, од соодветниот бог е обдарена со некакви таланти или недостатоци. Светогледот на древните пагани бил целосен: тие ѕвездите ги обдарувале со души и потоа допуштале обратно влијание на ѕвездите врз човечките души. Но, сегашните телевизиски јадници, дарот на логичкото размислување веќе одамна го закопале во „полето на чудата“. Да ги прашате дали постои богот Марс, ќе ви одговорат – не! Да ги прашате дали планетата по име Марс има разум и чувства, и тогаш, исто така, ќе се возмутат. Но, притоа, тие веруваат во влијанието на Марс врз карактерот и судбината на земјаните!

Хhoro1ристијанството се противи на астрологијата од причина што таа прокламира многу мало достоинство на човекот. Навлечувањето на хороскопи било природно за паганскиот свет во којшто законот на судбината (фатумот, времето, кармата) се издига над сè постоечко, потчинувајќи ги под себе дури и боговите. Но, Христијанството во светот ја донело веста за слободата на човекот. На небесата нема слепи закони на кармата или астрологијата, туку Отец Кој љуби, во Чија волја е целата вселена и човечкото влакно. Човекот во секој момент („во еден час“, какошто пее едно црковно песнопение) може да го измени својот живот. Покајанието на разбојникот на крстот не зависело од ѕвездите, тугу од подвигот на неговата вера. Петар и Марија Магдалина не хороскопот ги привел кон покајание, туку нивната љубов кон Христа. И токму затоа, првата паганска идеја со која во полемика стапило младото Христијанство е идејата за „судбината“. Верата во хороскопи повторно може да ја парализира човечката волја, да го окова човекот и чувството на сопствена одговорност.

Паганските богови се олицетворение на различни стихии. Човекот во ваквиот космос не е повеќе од песок, микрокосмос – малечок свет, поставен во голем свет.

Но, Христијанството возвестило совршено поинаков поглед на луѓето. Според зборовите на светителот Григориј Богослов, човекот е макрокосмос, сместен во микрокосмос. Голем свет, во малечок свет.Станува збор за тоа дека Богот, Кого Христијанството Го исповеда е наткосмичен. Он на светот ги дал законите, Он ги создал нив. И затоа Самиот не е ограничен со никакви закони.

И од своето наткосмично господство, Бог го дава Својот образ на луѓето. Затоа, иако човекот живее во овој свет, сепак, тој не е негов роб. И христијанинот нема никаква потреба да верува дека неговата судбина, а уште повеќе дека некои морални постапки зависат од влијанието на космичките стихии.

При разговор со економисти, физиолози, психолози, социолози, ние велиме: да, човекот може да учествува во взаемните врски што тие специјалисти ги изучуваат. Но, тој севкупно не се определува од нив. Во моментот кога тој стануваа подобен на животно, заборава на својот возвишен повик, во него почнуваат да дејствуваат законите на гревот. Вклучувајќи ги и оние што се пропишани во економијата, физиологијата, психологијата, социологијата итн. Но, човекот, како што го созерцува Христијанството, секогаш има можност да се издигне над тие закони и да живее според волјата Божја, а не по волјата на паднатата природа.

Но, астрологијата, сепак, не е исто што и социологијата или физиологијата. Тоа е митологија. Затоа имаме причина ни педа земја да не даваме на такви видови верувања. Т.е. нема да се согласиме не само со формулата: „Ѕвездите управуваат со светот“, туку и со помеките формулации („ѕвездите претскажуваат, ѕвездите влијаат…“).

Да не заборавиме: светот и културата се доволно органични. Астрологијата секогаш постоела во најтесен сојуз со различни окултни светогледи. И ако човекот постепено се навлекува на неа, тогаш почнува сериозно да ја „натоварува“ својата душа со окултно-пагански митови. А тое е веќе духовно опасно.

Воопшто, ме поразува тоа како луѓето не се слушаат самите што зборуваат за себе. Христијанството не се согласува со астрологијата, затоа што астрологијата носи ерес за човекот, бидејќи таа има многу ниско мислење за него. Се сретнуваат двајца. Се запознаваат. „Кој си ти?“.– „Јас сум бик. А ти?“.– „Јас сум скорпија“. Си спомнувам како во списанието „Наука и религија“, пред неколку години, беше објавена една статија под наслов „Какво дрво си ти?“. Искрено, веднаш препознав какво дрво е авторот.

За чудење е тоа колку глуви стануваат луѓето кога божем веќе да се навикнале да се борат за правата и достоинството на човекот! Кога станува збор не за политика, туку за митолошката страна на животот, тие веднаш стануваат смирени (недопусливо смирени) и се унижуваат себеси до степен на марионети, со кои управуваат некои невидливи космички текови и откако ќе ги отворат устите слушаат што ќе им „предсказамус настрадал“! (Израз на Тимур Шаов од „Астролошка песна“).

Астрологијата нас не нè интересира, не само од религиозни мотиви, туку и од мисионерски. Зашто астрологијата се наоѓа вон науката. А за нас науката е и дете, и традиционален критичар, и помошник.

Дете – затоа што токму Христијанството создало култура во која можело да се роди науката. Научната револуција е дете на христијанска Европа, а не на Саудиска Арабија, Кина или Индија.

Критичар – затоа што антицрковната пропаганда ја обвинува Црквата за антинаучност. Веќе неколку столетија живееме во агресивна средина која бара секаков повод да ја нападне Црквата. И едно од омилените копита со кои нè клоцаат е токму обвинението за антинаучност.

Во такви услови, црковните луѓе научиле да оценуваат некои свои убедувања во соодветност со стандардите на научната мисла. Затоа, претпочитаме да сме во сојуз со науката, а не со астрологијата.

Но, во Евангелието, имено мудреците-астролози дошле први да Му се поклонат на Христа!

Црквата помни за мудреците што дошле да Му се поклонат на Христа. Но, таа помни за оној совет што Господ им го дал на мудреците: и, откако добија во сон откровение да не се враќаат кај Ирод, по друг пат се вратија во својата земја (сп. Мт 2,12). Друг пат ним им бил откриен по средбата со Спасителот. Друг, поинаков од претходниот: покажувајќи им друг пат за враќање дома, Бог со тоа им заповедал да го остават лошиот занает (види: Тертулијан, За идолите, 9).

Epiphany

Господ ги приведува астролозите кон восприемање на Евангелието преку нивната сопствена лажна мудрост. Вие им верувате само на знаците на небото? Вие сметате дека со истражување на планетарните патишта поедноставно ќе Го поимите Бога, отколку преку гласот на совеста и душата? Вие сметате дека не во човекот, туку на ѕвезденото небо Му приличи на Бога да се пројави Себеси? Епа, тогаш, ѕвезда и ќе ве приведе вас кон Бог, Кој постана човек (човек, а не ѕвезда).

Во тропарот (црковното песнопение) на Божик се кажува за тоа дека во Рождеството Христово „оние што им служеа на ѕвездите, од ѕвезда беа научени Тебе да Ти се поклонуваат, Сонцето на правдата“. Самата витлеемска ѕвезда, во црковната традиција обично се подразбира како ангел, кој примил поразбирлив вид за паганските мудреци.

За последен пат во свештената историја на човештвото, Бог се обраќа кон луѓето преку знак на небесата, на тој начин откривајќи им ја Својата волја. Подоцна Христос ќе им говори на оние, кои при потрагата на конечната вистина се загледуваат во небесата, но не погледнуваат во својата душа: Лицемери! Умеете да го разликувате лицето на небото, а знаците на времињата не можете. Лукав и прељубодеен род бара знак, но нема да му се даде знак, освен знакот на пророкот Јона. И, оставајќи ги, си отиде (Мт 16,3-4).

Отсега само една религиозна смисла може да се види на небото: тоа дека небото не е самосоздадено, дека тоа има Творец. „А што е тој Бог? Ја прашав земјата и таа рече: ’Тоа не сум јас‘; и сите што живеат на неа го исповедаа истото. Ги прашав морето, бездните и лазачите… и тие одговорија: ’Ние не сме твој бог; барај над нас‘. Ги прашав ветровите што дуваат и сето воздушно пространство со своите жители проговори: ’Анаксимен греши: јас не сум бог‘. Ги прашував небото, сонцето, месечината и ѕвездите. ’Ние не сме богот, кого ти го бараш‘, велеа тие. И им реков на сите нешта што отстапуваат од вратата на мојата плот: ’Кажете ми за мојот Бог, зашто, еве, вие не сте богови, кажете ми нешто за Него‘. И тие повикаа со силен глас: ’Творецот наш, еве Кој Е ОН‘. Моето созерцание било моето прашање; нивниот одговор – нивната убавина“ (Блажени Августин, Исповед, 10, 6, 9).

Значи, книгата на природата на љубопитниот ум може да му открие дека таа има Творец. А за распознавање на волјата на Творецот, потребно е да се обрати кон друга Книга. По многу векови, за тоа ќе говорат преемниците на евангелските мудреци – Галилео Галилеј и Никола Коперник, Јохан Кеплер, Исак Њутн, Михаил Ломоносов…

ѓакон Андреј Кураев

Извадок од книгата: Почему православные такие?.., Москва, 2006.

Подготвил: Георгиј Глигоров

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *