За борбата со „плотта“

rsz_1plot

Кај православните има една благодарствена молитва по трпезата, во која Му благодариме на Бога за тоа што нè наситил со Своите земни блага. Потоа човекот проси: „Не нè лишувај од Твоето Небесно Царство.“ Се сеќавам, еднаш еден мој познаник свештеник, кој поседува една добра самоиронија, по доволно раскошна трпеза стана од трпезата и рече: „Браќа, се обдувте ли? Ајде сега да го побараме Царството Небесно.“ Според тоа, треба да се јаде така, да не биде премногу некомфортно меѓу оваа молитва, она што го просиме од Бога, и она, во која состојба само што сме се довеле. Значи, во таа смисла – постот е средство за истенчување на плотта. Простете, заборавив да ви објаснам што значи зборот „плот“ на православен јазик. Плотта не е тело. Плотта е оној дел од нашата душа, која е поврзана со телото. Тоа се оние движења на нашата свест и потсвест, нашите чувства што се поврзани со нашата сексуалност, што е сосема природно (сексуалноста, сама по себе, не е гревовна. Се сеќавате, 1-та глава на Библијата вака вели: „И го создаде Бог човекот, машко и женско ги создаде“?), поврзани со нашата телесност, со нашиот инстикт за јадење итн. Прашањето е, во колкава мера сето тоа го определува нашиот свесен душевен живот. Значи, она што се наоѓа на границата меѓу телото и нашата душа како таква, нашиот дух – тоа и е плотта. На современ јазик може да се каже, дека плотта е она што го истражува фројдовската психоанализа. И така, плотта е тумор, кога нашата сексуалност се раширува зад нејзините назначени предели. Како што еден руски црковен писател рекол (тој бил син на свештеник и затоа подоцна во советско време поминал низ логорите), многу префинет писател, Сергеј Худов: „Православната Црква не е Црква, која се состои од бесполови луѓе. Црквата го благословува бракот, го благословува привлекувањето меѓу мажот и жената, го осветува. Една работа е кога кучето седи во дворот со синџири, а друга – истото куче да се најде со шепите на мојата трпеза и да го јаде моето јадење.“ И така, кога истата сексуална стихија се распространува надвор од пределите и станува диктатор – е тоа е веќе плот. И таа плот треба да се постави на место. И тука, секако, постот може да помогне.

Затоа разберете: проблемот не е во тоа што е поставено во мојата чинија. Можеш да се прејадеш и со посна храна. Проблемот се состои во тоа, како сето тоа влијае врз молитвеното расположение на човекот. И тука има уште еден проблем.

Ако е кажано дека постот ја истенчува плотта, суштината е во тоа дека преку таа истенчена завеса може да се види некаков лик! Постот го прави човекот попровиден. И тогаш можат на видело да излегуваат такви страсти, кои обично човекот во себе, повеќе или помалку, културно ги сокрива.

Еднаш го прашале некој старец: „Како може да се претстави, што е тоа ад?“ И тој рекол: „Појди во својата ќелија. Изнеси ги од неа Евангелието и Псалтирот. Затвори се. Загради ги сите прозорци и врати. И немој да се молиш! И така, сам, без молитви, помини неколку дена и ќе разбереш што е тоа ад“ – состојба, кога човекот е сам, без Бога, и кога сите оние мисли и страсти што живееле во тебе, сите почнуваат да беснеат, и тој со нив останува еден на еден – без Бога, без браќата и без духовникот. И тие почнуваат да го теглат и растргнуваат. Така, додека човекот живее во светот, тој има некаква утеха: ближните, книгите и уште нешто слично. А кога сето тоа ќе се одземе, човекот останува сам со себе и станува јасно, дека најстрашниот непријател, најстрашниот ѕвер го носам во себе.

Започнува времето на постот, се истенчува таа завеса, и како што често се случува, човекот кој пости станува социјално опасен, страшно е да се биде покрај него, тој станува ужасно нервозен. Додека бил сит, тој се гневел само во петоци. А штом постојано чувствува извор на вознемирување (а гладниот желудник е постојан извор на раздразливост, а тој не може да го контролира своето раздразнување, не владее со својата душа, со своите емоции), раздразливоста на неговиот стомак започнува да се излева врз сите наоколу. И затоа има случаи, кога опитните духовници забрануваат да се пости.

Уште еднаш повторувам: постот е средство за достигнување на целта. А што ако човекот не оди кон таа цел? Нему не му е интересно никакво духовно творештво, духовно делување. Тогаш е опасно да му се подава чекан во неговите раце. Замислете дека ние претставуваме кружок на луѓе кои монтираат автомобили „Направи сам“. Деловите се размонтирани и секому во рацете му са дава чекан. И се појавува еден човек кој воопшто нема намера да монтира некаков автомобил. Тој е многу нервозен, а вие му давате чекан. Со тој чекан, да ми простите, тој нема да удира по шипките, но може да почне да удира по главите. И затоа има случаи, кога духовниците им забрануваат на некои луѓе да постат. Им велат: „Не, ти подобро живеј спокојно. Наместо физичкиот пост (храната), подобро секој ден читај го Покајниот канон, почесто оди во храмот и, пред сè, обиди се да си ги согледаш гревовите. Тоа ќе биде твојот пост.“

(продолжува)

ѓакон Андреј Кураев

Прв дел    Втор дел    Трет дел    Четврти дел    Петти дел    Шести дел

Г.Г.

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *