За смислата на постот

rsz_prezde

Великиот Пост е време, кога човекот се наоѓа на пат. На пат кон Пасха. И затоа, бидејќи сме на пат, колку и да е чудно, за време на Великиот Пост има помалку богослуженија. За време на Великиот Пост не се служи Литургија. Другите служби од дневниот циклус, деноноќието, остануваат, а Литургија не се служи. Таа се служи само во саботите и неделите, но во православната традиција саботата и неделата секогаш се сметаат за празнични денови – тие не се посни денови. Тоа е многу важно да се разбере: саботата и неделата не се вбројуваат во деновите на Великиот Пост. Во сабота и недела нема пост, па затоа тогаш се служи Литургија, а во останатите денови – не. И само во среда и петок, за оние што сакаат почесто да се причестуваат, се дозволува Причест – тие можат да дојдат во храмот и да се причестат, но Даровите не се осветуваат заради нив во тие денови, туку се причестуваат со Даровите кои биле осветени претходно, во минатата недела.

Во овој случај ги советувам оние луѓе, кои сè уште не ги знаат црковните установи: за да разберете што претставува Великиот Пост, покрај саботите и неделите, одете во храмот и во другите денови. Барем на половина час погледнете, доколку во вашиот град има храмови, такви, да речеме, манастирски храмови, во кои има секојдневно богослужение. Отидете барем неколкупати во работните денови, не мора целата служба, ако немате навика да ја отстоите целата, макар 20 минути, половина час постојте, подишете ја таа чудесна атмосфера на Великиот Пост.

А сега конечно да преминам на она прашање, што обично сите си го поставуваат, кога станува збор за постот. Што е со диетата, со исхраната? Зошто се, велат, тие ограничувања во храната? Зар на Бог Му е важно она што е поставено во мојата чинија? Во Евангелието е кажано: „Не она што влегува во устата на човекот го осквернува него, туку она што излегува од неговата уста“, т.е. лошите зборови, зборовите на осуда и гнев. Значи, пред сè, христијанскиот пост воопшто не е поврзан со претставата за тоа, дека постои храна што го осквернува човекот или не. Старозаветната поделба на „чиста“ и „нечиста“ храна воопшто не се прифаќа во Новиот завет. Сè што создал Господ, сè е чисто. Ако нешто може да се јаде – јади. Човекот не се осквернува со храната. Но, зошто притоа велиме дека воздржанието од храна е неопходно? Затоа што човекот е целосен. Ние не сме само дух. Човекот е воплотен дух. И од тоа, како живее моето тело, многу зависи и животот на мојата душа. Претставете си: човекот ја менува облеката. Колку тоа менува! Жената облекува вечерен фустан – и таа веќе е потполно друга. Кога била во тренерки – таа е една, и одеднаш ги заменила нив со вечерен фустан – таа е веќе сосема друга. И друга не надворешно, туку и самата се чувствува поинако, се доживува поинаку, поинаку гледа, поинаку чувствува! Значи, ако дури од облеката зависи душата на човекот, уште повеќе зависи од состојбата на телото во целина. Преподобниот Серафим Саровски еднаш, на прашањето како треба да се пости, одговорил: „На телото треба да му дадеш на знаење, дека и тоа е исто така виновно“. Сфаќате, човекот не греши со телото. Човекот греши со својата слободна волја. Телото не е виновно за нашите гревови, ами нашата душа. Но, сепак, многу гревови произлегуваат затоа што гревот, кој се вмешал во мојата душа како резонатор, мегафон, бил засилен од мојата плот. И потребно е тој мегафон да биде ослабен, за помалку да резонира. Постот затоа и служи.

Значи, според мислата на преподобниот Серафим Саровски, постот не е најглавното во животот на христијанинот, ниту молитвата е најглавна, па дури ни милостината, а најглавно е стекнувањето на Светиот Дух. А постот, молитвата и милостината се средства за тоа.

Значи, постот не е најглавното. Постот е пат кон Пасха. Постот е средство. Но, за правилно да се употребува средството, треба да знаеш конкретно за што.

Разбирате, ако Ви подарам чекан и Ви кажам дека со помош на тој чекан можете да монтирате автомобил… да, тоа е вистина. Но, треба да се укаже точно кои делови од автомобилот можат да се удираат со чекан. Инаку, сфаќате, ќе продупчувате насекаде и сите тие полуфабрикати, делови, можат да се уништат, и ништо повеќе.

Значи, не е доволно да се каже дека постот е потребен за духовниот живот итн. Туку да се конкретизира, за што точно? Постот (во смисла на воздржание од месна, масна храна) има три смисли.

Првата, која најдобро ни е позната и со која започнав: постот е знак на општоцрковна солидарност, дејство на послушание. Црквата благословува ова време да се пости – од послушание кон Црквата, од чувството на своето единство, соборноста со другите православни христијани јас ќе постам во ова време, иако тоа ми е тешко и никаква радост не ми претставува итн. Тоа е првата смисла на која, како што мислам, повеќето црковни луѓе денес и се наоѓаат.

Втората смисла: постот е потребен за тоа, да се направи душата понезависна од плотта, пред сè, за полека да го згасне вишокот на сексуална енергија. И тука прво треба да се забележи, дека во овој случај (во втората смисла) постот не е применлив за сите. Тој е применлив само за луѓе кои се во т.н. сексуално зрела возраст, т.е. можеби почнувајќи со момчињата и завршувајќи со периодот, кога се приближува веќе поинаков период во животот, кога плотта веќе не го возбудува човекот. Значи, ако станува збор за постот на деца во христијанско семејство, тука би имало смисла да се говори дека треба да се пости едноставно од послушание. Разбирате во која смисла: едноставно да му се даде на човек да сфати, дека постот претставува време на удвоен личен подвиг и време на послушание. За тоа не е задолжително да му се ускратува млекото на петгодишно дете. Но, ако престанете да го храните со слатки до Пасха, да му готвите вкусни јадења… Ако се навикнал, дека му печете кифли со сирење, па престанете да му ги готвите и му објасните зошто не му ги печете кифлите, туку го поите со млеко – за него тоа ќе биде доволен пост. А веќе на тринаесет години ќе треба да се размисли, дали навистина е потребно толку упорно да го храниме со месо или не.

Туку станува прашање за некоја решителност. Дали човекот навистина сериозно има намера да го ограничи бунтот на своето тело или не? Би немало смисла, ако не се промени нешто. И многу често ова предизвикува разочарување кај луѓето: „Божем се обидов да постам, но немаше олеснување на искушенијата“. И ова е, исто така, сериозно прашање, но пастирско прашање е што да се прави во таков случај.

И, на крај, третото значење на постот како воздржување од тешка храна, заради олеснување на молитвениот труд. Како што еднаш еден старец рекол: „Треба да се јаде онолку, за кога ќе станеш од трпезата, да имаш желба за молитва“. Зашто, ако стануваш со тешко чувство, така што не ти се сака ниту да помислиш на Бога, значи си се прејал.

(продолжува)

ѓакон Андреј Кураев

Прв дел    Втор дел    Трет дел    Четврти дел    Петти дел

Г.Г.

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *