Митрополит Методиј: Божиќно послание 2020

mitropolitmetodij

Возљубени духовни чеда,

Срдечно ве поздравувам со Радосната Вест на раѓањето на нашиот Господ и Спасител Исус Христос – Христос се роди! Овој светол празник е предвестител на спасителните собитија преку кои Творецот го избави своето создание. Христовото Рождество ни ја најавува радоста на почетокот на божјата мисија за спас на човештвото. Кога се исполни времето, Бог го испрати Својот Син, вечното Слово Божјо, да земе човечки облик и да стане еден од нас (Гал. 4:4). Примајќи телесно раѓање од Марија Дева, на првиот Божиќ, Христос во Себеси ги обедини небото и земјата, божјото и човечкото, светото и несовршеното. Божјиот спасителен план кој беше скриен со векови, се објави токму преку воплотувањето на Спасителот. Иако се роди во малиот Витлеем, каде беше повиен и легнат во јасли зашто немаше место во локалната гостилница, неговото доаѓање на овој свет беше торжествено објавено и прославено од многубројно небесно воинство. Тројцата мудреци, пак, кои од далечниот Исток тргнаа да Го најдат и даруваат Богомладенецот, беа меѓу првите кои сведочеа за светата Tајнa на Oтелотворувањето (Матеј 2). Тие неуморно ја следеа светлината на ѕвездата која како симбол јасно сјаеше на темното небо и ги доведе до вистинската Исконска Sвезда, Изворот на Светлината, Господ Исус Христос. Драги мои, како мудреците тогаш, така и ние денес водени сме од светлината на нашата Света Православна Црква; Таа е нашата Sвезда и Светилник кој нè озарува со вистинска светлост и јасно нè води низ темнината на овој свет до Спасителот, Христос.

Драги мои во Христа Богомладенецот,

Рождеството Христово е откровение на Божјата слава. За нас како созданија, суштинско познавање на Бога е и ќе остане засекогаш недостапно. Но Бог е наш небесен Родител и затоа што е човекољубив, благоволи да ни се открие со својата благодат. Преку Христовото воплотување, Тој ни ги објави Неговите енергии на љубовта. Светиот Апостолот Јован запишал, „Бога никој никогаш не Го видел; Единородниот Син, Кој е во крилото на Отецот – Тој Го објави“ (Јован 1:18). Единородниот Син Божји, Господ Исус Христос, дојде да живее помеѓу нас за да можеме да разбереме каков е Бог Отецот (Евреите 1:2). Ако некој сака да дознае дали постои олицетворение на вистинската божја слава, нека се загледа добро во Христа. Христос е откровението на бесконечната милост божја. Тој е човечкиот превод на божјата слава, сушта љубов излеана во облик на човек. Драги мои, ова божјо откровение е за целиот човечки род, но на индивидуално ниво, за нас лично, тоа може да значи сè или ништо. За мудреците од Исток, не беше пречка да поминат половина свет и да Го пронајдат Спасителот. Мнозина, пак, иако таа вечер на рождеството се наоѓаа токму во Витлеем, не ја видоа славата на Богомладенецот. Слично станува и со нас мили мои! Да Го бараме Христа со искрени, ревносни и чисти срца, да не би, иако водени од Христовата Црква, нашата Sвезда водилка, да останеме далеку од Него. Нека светлината на нашата Света Православна Црква нè води до самиот извор на Светлината, Богомладенецот Исус Христос.

Возљубени чеда во Господа,

Отелотворувањето Христово е непроценлив дар на небесна помош чија централна придобивка е онтолошка промена на човечкото битие. Во Христа, Бог се соедини со човекот, за да може човекот да се соедини со Бога. Но, драги мои, ние треба да разликуваме помеѓу два вида на соединување. На првиот Божиќ, во Личноста на Исус Христос, Бог го изврши иницијалното спојување при што ја обожи човечката природа која што ја превзеде. Ова единење е космички настан кој е неповторлив а неговите придобивки се применливи во вечноста. Словото Божјо се отелотвори еднаш засекогаш, вечно ‘носејќи‘ ја човечката природа за човекот вечно да ја ‘носи’ божјата. Преку Воплотувањето, Словото Божјо, стана Исус Христос, новиот совршен Човек, совршена слика и подобие божјо. Второто соединување, пак, е посебно за секоја личност која верува во Него. Преку тоа единење, ние лично се спојуваме со Совршениот Човек, Христос и правејќи го тоа ние живееме во Него. Да се одважиме и да ги отвориме нашите срца за да Го примиме Христа, зашто заедно со Отецот, преку Духот Свети, Христос благоволил да пребива во човечките срца (Јован 14:23). Кога Него Го имаме во нас, ние таинствено се единиме со Неговите божански атрибути. Живееме во Неговото достигнување, се напојуваме од Неговата светост, растеме во Неговиот раст на совршенство. Ние стануваме слободни зашто Тој е слободен, се издигаме во духовна бесконечност зашто Тој е бесконечен, безрезервно љубиме зашто Тој Самиот е извор на љубовта. Сепак, треба да знаеме дека ова единење се остварува единствено преку активно учество во Светите Тајни на Црквата. Тоа секако вклучува и чиста вера, непрестајна молитва, пост, исповед, доброчинство и сл., но најмногу од сè, учество во Светата Тајна Причест преку која на од Бога воспоставен начин ние реално се спојуваме со вистинското Тело и Крв Христови.

Драги браќа и сестри,

Надежта на Христовото Рождество за која денес се радуваме потребно е да ги осветлува нашите срца секојдневно. Светото Писмо нè повикува да „го ползуваме времето зашто дните се лукави.“ (Ефес. 5:16). Христос нè предупреди дека настапуваат времиња кога љубовта и верата ќе изладат (Матеј 24:12). Од ден во ден сведоци сме на исполнувањето на Христовите пророчки зборови. Модерното општество притиска кон воспоставување на некаква општоприфатена, безлична и хедонистичка духовност, која се сведува на себичен емоционализам со главна цел поединецот да се чувствува убаво и сигурно надвор од благодатта на Троединиот. Верата во Христа, од друга страна, сосем погрешно се претставува како архаичен израз на надеж од некои минати времиња, како нерелевантен и неапликативен дискурс на одамна дотраен религиозен систем. Но драги мои, таквиот став не може да биде подалеку од реалноста. Философијата на модерното време е дијаметрално спротивна со верата во Спасителот. Вистината е дека човекот има сериозна потреба од божанска помош и токму Рождеството на Богомладенецот е израз и откровение на Божјата подадена рака. Да бидеме мудри и да ја запазиме чистотата на верата облеана со благодатта на Христовото Воплотување.

Мили мои во Христа Спасителот,

Ако Христос не се родеше, немаше да ја знаеме големината на љубовта на Отецот небесен. Ако тој не се отелотвореше, немаше да добиеме обновување на нашите битија. Токму затоа целото создание се радува зашто Создателот ни се објави. Да се радуваме зашто вратите на рајот се отворени, а спасението е објавено. Да пееме за неизмерната милост и љубовта кои бесплатно ни се понудени. Да ја прославуваме радоста на Рождеството и да ги љубиме ближните со љубовта со која Богомладенецот прв нè засака. Овој Божиќ, да се сетиме на сиромашните и да им помогнеме на оние кои имаат потреба; да ги посетиме болните, да ги утешиме обесправените и разочараните; да ги љубиме и да се молиме за сите, зашто таквите дела Му се мили на Бога. И конечно, да Го прославиме Бога пеејќи заедно со многубројното ангелско воинство: „Слава на бога во висините, на земјата мир и меѓу луѓето добра волја!“

ХРИСТОС СЕ РОДИ! НАВИСТИНА СЕ РОДИ!

НЕКА НИ СЕ ЗА МНОГУ ГОДИНИ БОЖИЌНИТЕ И БОГОЈАВЛЕНСКИТЕ ПРАЗНУВАЊА!

Со Божји Благослов,

МИТРОПОЛИТ АМЕРИКАНСКО-КАНАДСКИ

г. МЕТОДИЈ

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *