А. Кураев: Биоетика (2)

karl-marx-hip-bicubic

Отец, а зошто токму опиумот за народот?

Вие го цитирате Маркс или Остап Бендер? Формулата на Маркс „Религијата е опиум на народот“ е сосема ненавредлива. Само треба да се оддели од нејзината советска експлоатација. Ленин, како и секогаш, извртел и рекол: „Религијата е дрога за народот“. Но, кај Маркс нема ни „дрога“, ни предлог „за“. Тоа е многу важно. Ако е „за народот“, значи дека некоја ненародна група изработува, а потоа на народот му го наметнува својот производ. Но, „опиум на народот“ попрво го означува она што го изработува самиот народ.

Дури во советските времиња, кога Маркс го цитирале на секој агол, малку кој помнел дека контекстот на статијата на Маркс, каде тој говори за „опиумот на народот“, е многу возвишен. „Религијата е здив на угнетената твар, срце на бесрдечниот свет, дух на бездушните поредоци. Религијата е опиум на народот“. Во следниот пасус Маркс зборува за религијата како за цветови што ги украсуваат синџирите, што го оковуваат работливото човештво. Значи – цветови, здив, душа, опиум…[1] Се устројува доволно висок ред на образи.

Треба да се помни дека изразот „Религијата е опиум на народот“ не е создаден од Маркс, многу порано него го употребувал еден англикански епископ. Работата е во тоа, што во Европа во 19 век опиумот не е наркотик, туку анестетик (средство против болки). Затоа и светителот Теофан Затворник можел да се интересира за кокаинот, а да не згреши: „Сè повеќе ме убедуваат да одам на операција, но јас се противам. Затоа што болката би требало да биде голема. Но, слушам дека имало некакви капки, кои ако неколку ставиш во око, тогаш тоа ја губи чувствителноста. И еве се сепнав, од каде дојде храброста: сега сум спремен за операција. Барам побргу да ми кажат: има ли такви капки? Нивното име е: кокаин“[2].

Тоа звучење на марксовата формула многу точно ја разбрал извонредниот шпански писател Мигел де Унамуно.

Тој има расказ со ваква содржина: во селото служи свештеник, постар човек, одговорен, добар. Народот едноставно го сметал за свет. И еднаш еден парохјанин слуша од него страшно признание: „Јас самиот не најдов вера“. Својот живот во Црквата тој го објаснува вака: „Работата на религијата не е да ги разрешува во овој свет економските и политичките тешкотии кои Бог ги дал на луѓето. Без разлика на каков начин на мислите се држат луѓето, без разлика како тие постапуваат, најважно е тие да се утешуваат за тоа што се родиле на светот, за да живеат, колку можат, со чувство на задоволство и илузија, дека во сето тоа има некоја цел. Не е моја работа да ги потчинувам бедните на богатите или да им проповедам на бедните тие да се потчинуваат на богатите. Смирението и милосрдието се за кон сите и за сите. Богатиот, исто така, треба да се помири и со богатството и со животот, а бедниот, исто така, треба да биде милосрден кон богатиот. Социјалните прашања? Остави ги нив на мира, тие немаат врска со нас. Еве, ќе се формира ново општество во кое ќе нема ни богати, ни бедни, во кое богатството ќе биде справедливо распределено и сè ќе им припаѓа на сите, а што потоа? Зар не ти се чини дека општото благоденствие само ќе породи, во засилен степен, одвратност кон животот. Јас знам, еден од водачите на социјалната револуција рекол дека религијата е опиум за народот. Опиум, опиум… И навистина е опиум. Па, така, да му дадеме нему опиум”[3].

Што стои зад сето ова? Во сите култури, општествената функција на религијата е да биде средство за очовечување на човекот. Нејзината задача е да даде смисла на човечкото постоење. И на човекот, и на ѕвездите, и на тревките… Да даде смисла на доаѓањето и заминувањето на човекот, на раѓањето, болката, смртта. Затоа што смисла на животот може да му придаде само она што ќе придаде смисла и на смртта. За разлика од животните, човекот живее во двојна реалност: за него е откриена вселената на символите, на значењата. И човекот така е устроен што може да ја истрпи секоја болка, но само ако може и неа да ја оправда. Токму ова и е психолошката задача на религијата – да внесе смисловна димензија во вселената на човекот.

Во зората на христијанството, аскетите кои на себе го зеле заветот на пустинско уединување и тихување ги нарекувале ферапевти. Денес има терапевти и мноштво други медицински специјалности. Но кој да се избере – ферапевтот или терапевтот, свештеникот или лекарот?

Лекарот-христијанин, кој може да придаде некоја смисла на страдањата на болниот човек, ќе направи добро дело. Тој ќе му помогне на болниот. Секој лекар ќе се согласи: може да боли различно. Човекот кој кон својата болест се однесува како кон некое досадно доживување, тој се раздразнува, со нетрпение очекува, ги брои деновите, часовите, кога сето тоа ќе заврши, за да се ослободи од болничката постела, да избега, како од купе од кое му досадило, и да се врати на вообичаениот начин на живот. Таквиот човек, најверојатно, подолго ќе оздравува, отколку човекот кој е внатрешно спокоен, кој во болеста не гледа досадна пауза, туку услов за свој раст. Тој побргу ќе се исцели.

Медицината тоа ќе го нарече „психотерапевтски ефект“. Така што дури од нерелигиозна гледна точка има смисла во взаемодејството меѓу медицината и религијата. Терапевтот треба да биде ферапевт.

[1] Маркс К., Кон критиката на хегеловата философија на правото. Вовед // К. Маркс и Ф. Енгелс за атеизмот, религијата и црквата, М. 1986, 58.

[2] Св. Теофан Затворник, Зборник на писма. Од необјавеното, М. 2001, 500.

[3] Мигел де Унамуно. Светиот дон Мануел Добриот, маченик // Избрани дела: В 2 т. Т.2. Л. 1081, 116-117.

(продолжува)

ѓакон Андреј Кураев

Прв дел

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *