Библијата – приватна книга на Црквата

gospel_resized

За верните, Библијата е Слово Божјо. Таа не Куран, издиктиран од Бога текст, а запишан од луѓе. Во Светото писмо се опишува Откровението дадено во историјата, и при пишувањето на свештените текстови под Божествена инспирација, кај писателите целосно учествувало и човечкото: оттука различни стилови, нагласоци во богословието, антропоморфизми по однос на Бога, научни сознанија од времето на писателите и сл. Во таа смисла, Библијата е богочовечки производ, во која се опишува историјата на спасението, којашто и самата има богочовечки карактер.

Светото писмо единствено вистински се разбира во светлината на Светото предание, во чијшто контекст и самото настанало. Светото писмо не може да се разбере изолирано од Црквата. Новозаветната Христова Црква е природно продолжение на старозаветната Црква. Откровението во историјата е дадено на Црквата и таа запишала дел од него: така практично се појавува Светото писмо. Во таа смисла, Светото писмо, Библијата, е книга на Црквата: таа е напишана од неа и само во неа правилно се разбира. Затоа протестантскиот принцип Sola Scriptura (само Писмото), според кој Библијата е доволна сама по себе, е неприфатлив за Православната црква, затоа што на овој начин Светото писмо се отсекува од Црквата како од негов светотаински извор. На пример, самиот текст на Новиот завет не ја содржи полнотата на Преданието: св. Василиј Велики зборува за крсното знамение, за обраќањето кон исток и за стоењето во недела како за апостолска традиција, а тоа е нешто што го нема во новозаветните книги.

Значи, Библијата е приватна книга на Црквата и само Црквата го има клучот за нејзино правилно разбирање.

Во отечката литература постои еден расказ, кој приближно звучи вака: еден старец бил прашан, што ќе се случи доколку сите книги на Библијата во еден момент исчезнат. Старецот одговорил: Ништо, ќе напишеме други. Поентата е дека Црквата не се темели на Библијата, туку самото Писмо е израз на Преданието=Откровението што го поседува Црквата. Преданието на Црквата треба поинаку да се сфаќа од обичната човечка традиција. Преданието е животот на Светиот Дух во Црквата. Ако се изгубат сите книги, ќе напишеме нови, затоа што Писмото, каноните, житијата на светиите и сè друго произлегува од живиот живот присутен во Црквата.

Г.Г.

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *