Матрикс: Reloading со теологија (4)

rsz_1378694278

Главното прашање на вториот „Матрикс“ е прашањето за слободата на човекот. Самиот бунт на Нео – дали е слободен или не? Или тоа е само средство за преинсталирање и обновување на самиот систем, на самата Матрица. Дали бунтот на Нео е програмиран или не?

Самото поставување на ова прашање веднаш го враќа филмот „Матрикс“ во областа на христијанската култура. За секој човек, воспитан во европската христијанска култура, е природно да го прекратува текот на религозната мисла и проповед со прашањево: а како да ги споиме слободата на човекот и постоењето на Бога? Ако постои Бог, како можеме ние да постоиме? Ако постои Неговата семоќност, што значи нашата слобода?

Уште во почетокот на петтиот век од христијанската историја, римскиот философ и поет Боециј остро го изложил овој проблем: „Кое божество меѓу две вистини војна започнало?“. Под двете вистини се подразбираат двете догми на христијанската вера. Првиот догмат е верата во Бога како Седржител (без волјата на вашиот Отец нема да падне ниту едно влакно од вашата глава). Вториот догмат е догматот за нашата слобода и одговорност. Како да се усогласи ова? Ако дури ни влакно не паѓа без волјата на Отецот, тогаш каде е нашата слобода?

Не може да се рече дека ние 90 проценти зависиме од Бога, а 10 – од нас самите. Не. И едното и другото е 100 проценти точно. 100 проценти сè зависи од Бога, и 100 проценти ние сме одговорни за својот живот и за својата смрт. Како да го усогласиме сево ова? Во рамките на нашиот евклидовски ум (термин на Достоевски) ние не сме способни за тоа. За ова е потребно да излеземе од „матрицата“ на нашиот свет, да погледнеме од страна, и само тогаш конечно ќе сфатиме како бил устроен домот, во којшто сме живееле.

Христијанската култура и ден денес умее да ги усогласи овие две тези. Вјачеслав Бутусов во една песна пее за Божјата Промисла („Од небото снег паѓа – значи Небото така сака“), а во друга говори за нашата потполна слобода („Твојата глава е секогаш одговорна за тоа, каде седи задникот твој“).

На теоретско ниво, христијанската философија во текот на сите овие векови не дала одговор. Но, на практично ниво, постои величествениот одговор на Тома Аквински: „Ние сме должни да се молиме така, како сè да зависи само од Бога, а должни сме да постапуваме така, како сè да зависи само од нас“. Во првиот „Матрикс“ оваа формула звучи вака: „Што ви е друго потребно, освен чудо? – Оружје. Многу оружје“. Надевај се на чудо, но самиот не откажувај се…

Треба да се забележи дека оваа логика функционира и во современата наука: моделот на елаборација научникот треба да го избере во зависност од тоа, каква задача тој решава во моментот. И тие модели можат да се исклучуваат еден со друг, како на пример, во теоријата на корпускуларно-бранов дуализм.

Будизмот не објаснува како човекот може да го запре текот на кармата, ако законите на кармата господарат со сè. Философијата на хиндуизмот не го поставува прашањето, како е можно човекот да биде слободен, ако сè во светот е Божество. Ако човекот е честица од Божеството, тогаш како е можно таа честица да биде слободна од Целото, од што таа претставува дел?

Но, „Матрикс“ го поставува ова прашање. Во вториот дел сите ликови го убедуваат Нео дека тој не е слободен, дека од него, во крајна линија, ништо не зависи. Нео, пак, настојува на својата слобода. Самото присуство на оваа дискусија веќе го приближува „Матрикс“ до портите на христијанската култура.

Одговорот кој го предлага третиот „Матрикс“, како што мене ми изгледа, звучи вака:

  • Бунтот на Нео е слободен од гледиште на самиот Нео;
  • Бунтот на Нео е непредвидлив за самата Матрица (сп. судот на Толкин во „Силмарилион“): „Во секоја епоха се појавуваат нови и непредвидливи нешта, бидејќи тие не произлегуваат од минатото“;
  • Бунтот на Нео не претставува новост за архитектот на Матрицата.

Потполно христијанска шема:

  • Човекот субјективно ја доживува својата слобода;
  • Неговата слобода не може да биде предвидена и доловена во системот на светскиот детерминизам;
  • и, сепак, слободната постапка на човекот е предвидена од Творецот.

(продолжува)

ѓакон Андреј Кураев

Прв дел    Втор дел    Трет дел

Г.Г.

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *