Матрикс: Reloading со теологија (5)

Петти и последен дел од теолошката рефлексија на „Матрикс“

rsz_the_matrix_revolutions[16352716-19-48]

Во третата епизода бројот на христијански мотиви се умножува. Постојано се огласува темата на верата и темата на чудото. Кога борбените машини на Марикс веќе ја пробија бариерата на Сион, останува само да се верува во чудо. А верата – тоа е специфично христијанско стекнување на сознание. Маѓепсниците и вражачите од сите народи не веруваат, туку „знаат“. И будистот нема да ги изрази своите принципи преку зборот „вера“. Дури и во Стариот завет зборот вера се употребува ретко; на пример, тој едноставно е отсутен во Тората – Мојсеевото Петокнижие (првите пет книги на Стариот завет). И во христијанското богословие, и во „Матрикс“ се огласува темата на премногу наметнатата очигледност, преку која во актот на верата треба да се помине. Верата е рефлексија (одраз) на реалноста (одраз во смисла, во која го одразуваат нападот на непријателот). Оној кој верува во победата на Нео, нема да го остави оружјето и ќе го одржи врвот. Мудриот епископ во романот на Клифорд Сајмак вели дека „верата е сосема разумна основа за постапката“.

И, конечно, во финалето на третиот „Матрикс“ се наоѓаат два очигледни цитата од Евангелието. Едниот е визуелен, а другиот – текстуален. Визуелниот, сликовитиот цитат е распетието. Нео во буквална смисла се распнува, ги раширува рацете пред Матрикс… Всушност, токму во оваа минута на неговата просторна неподвижност и физичка неслобода, незаштитеност и се случува решавачкиот двобој со агентот Смит. Тоа значи дека војната на Нео не се случува во физичкиот свет, не онаму каде исходот на битката го решава ножот или тенкот. Според зборовите на апостолот Павле – Нашата борба не е против телото и крвта, туку против духовите на злобата.

Вториот цитат е фразата „Се заврши!“. Според Евангелието, тоа била последната фраза на распнатиот Христос на Крстот. И тука треба да се нагласи тактичноста на авторите на сценариото. Ако оваа евангелска фраза тие ја ставиле во устата на Нео, тогаш мојата реакција на овој филм ќе се ограничи со едноставниот збор: „Анатема!“. Затоа што, во таков случај, би било очигледно дека Нео е поистоветен со Христос, а „Матрикс“ станува петто Евангелие, „Евангелие според браќата Вачовски“. И тоа би било премногу богохулно (доволно е да си спомнеме за љубовницата на Нео и нејзиното име).

Но, сценаристите постапуваат коректно: тие оставаат цитатни укажувања на Евангелието, но фразата, која ја произнесува евангелскиот Христос, ја ставаат во устата на Матрицата, а не на Нео, со самото тоа не дозволувајќи поистоветување на својот Избраник со Христос.

Секако, во некоја мера шокира фактот, што Нео склопува договор со Матрикс (за заеднички дејствија против агентот Смит). Но, во христијанската мисла имало и вакво сиже: се претпоставувало дека Христос нè откупил нас од сатаната, склопувајќи со него своевиден договор – давајќи се Себеси како откуп за ослободување на сите луѓе. Навистина, оваа идеја останала маргинална и не добила признавање во Православната црква, но сепак таа постоела…

Најглавното – и тоа што Нео оди по патот на искупителната ослободувачка жртва, и тоа што сижето се врти околу темата на слободата и Предопределувањето – го поставува овој филм во контекст на христијанската култура.

Тинејџерите не ги забележуваат овие сижеа? Па што. Тоа е вечен конфликт на сите училишни класови: на децата во книгата им се допаѓа нешто друго, а не она на што педагогот и учебникот сакале да ги фокусираат нивните мисли и дискусии. Во „Војна и мир“ на момчињата им се допаѓаат борбите, а на девојчињата – баловите. Учителот и на едните и на другите се обидува да им го побуди интересот кон психологијата и етиката… Така и мене ми беше болно да го гледам „Матрикс“ во кино-салата, наполнета со тинејџери. Нивните шеги и смешки ми изгледаа неумесни и речиси хулни. Но тоа не значи дека филмот е лош. Тоа значи дека луѓето треба да се научат да размислуваат и да се научат да гледаат. „Матрикс“ не е помалку погоден за тоа, отколку романот „Злосторство и казна“…

Како и да е, овој филм им дава повод на студентите да размислуваат. Според мене, за нашево време и тоа е нешто големо. Сè што те провоцира на мисла, сè што те одучува од „клиповото“ восприемање – тоа е веќе добро. Убеден сум дека во современиот свет, светот на клишеа и видео клипови, сето она што го учи човекот да размислува – било да е тоа квантната механика или филмот „Матрикс“ – сето тоа претставува стратешки сојузник на христијанската Црква.

Јас не мислам дека „Матрикс“ е христијански филм. Ќе кажам поинаку: „Матрикс“ е плод кој израснал во полето на христијанската култура. Не световната, не будистичката.

И за мене тоа претставува радост. Зашто, самото тоа значи дека гласините за „смртта на Бога во европската култура“ испаднале, меко да се изразам, преувеличени. Евангелието се покажало способно да породува ехо и во културата на 21 век, во електронската и компјутерската култура.

Тоа значи дека за христијанинот и светот на современата култура може да биде негов дом. За да се биде христијанин, не е задолжително да се бега во Средновековието. Помеѓу поимите „Православие“ и „Средновековие“ нема знак на еднаквост.

ѓакон Андреј Кураев

Прв дел    Втор дел    Трет дел    Четврт дел

 Извор: Фильм „Матрица“ как повод для разговора о религиозной философии // Кино – перезагрузка богословием, Москва 2004.

Подготвил: Георгиј Глигоров

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *