Денот на свети Валентин (3)

luperkalii1

На крај, за да се појасни дали односот на Руската црква кон „денот на свети Валентин“ може да биде поинаков, неполемичен, треба да се постави и прашањето за тоа, дали Црквата може да земе не католички и не световен, туку пагански празник и да го реформира, отфрлајќи ја паганската нечистотија и некој вообичаен датум да го исполни со своја содржина?

И на тоа прашање црковната историја дава потврден одговор. Имено, таква е историјата на нашиот празник на Рождеството Христово.

Најдревната христијанска Црква многу остро ја доживувала тајната на Пасхата за да обраќа внимание уште и на рождеството. Пасха е премин (такво е буквалното значење на еврејскиот збор). Христијаните ја восприемале маченичката смрт како пасха, како исход. Поради тоа деновите на споменување на мачениците се деновите на нивното раѓање во вечноста, т.е. деновите на земната смрт. И затоа не се одбележувале деновите на земното раѓање. До четвртото столетие, Црквата не го одбележувала дури и денот на Христовото раѓање.

Први кои направиле чекор кон Божикниот празник во почетокот на третиот век се еретици – гностиците василидијани. Тие почнале да го одбележуваат денот на Крштението Господово на 15 ден од месецот Туби (6 јануари)[1]. Во тој ден тие го осветувале Нил. Христијаните биле принудени да му придадат своја смисла на тој празник и одекот на таа полемика до денес се слуша во нашите служби на Богојавление: „Границите на нашата природа си ги ослободил, девствената утроба си ја осветил со Твоето раѓање“– тоа песнопение, освен смислата на празникот, во себе носи отфрлање на учењето на гностиците за детераѓањето како за акт на вмешување на зла сила. „Сета твар Те воспева Тебе Кој се јави“– тоа утврдување на Христа како Творец, покрај славословието само по себе, предупредува против учењето на гостиците за тоа дека Бог-Творецот на Стариот завет е непријател на добриот Бог-Спасител на Новиот завет. „Зашто Ти си Бог наш, на земјата си се јавил и со луѓето си поживеал“– противставено на учењето дека Христос само изгледал како човек, но не постанал тоа навистина. „Ти и јорданските води си ги осветил, од небото си Го испратил Светиот Дух Твој“– против учењето, според кое Исус станал Син Божји само тогаш кога Он влегол во Јордан. „И главите на вгнездените таму змии си ги скршил“– против гностичката претстава, според која Христос добил дар на познание во Јордан од змијата, која ја измамила Ева во рајот[2].

За првпат се празнува Божик на 25 декември во времето на папата Јулиј (337-352 година). На Исток тој празник се појавува по четврт век (при светителот Григориј Богослов во 379 година[3]). Во Антиохија, светителот Јован Златоуст во 386 (или 388) година вели дека традицијата на празнување на Божик на тој ден не брои ниту 10 години…[4] Имало и спротивставување на таа календарна реформа: св. Филастриј Бриксиски обичајот на празнување на Богојавление во друг ден, освен Рождество Христово, го осудува како ерес (Против ересите, 140)[5].

Зошто бил избран токму тој датум? Во Рим (од каде и да се појавил тој) во тоа време се завршувало празнувањето на Сатурналиите (17-23 декември). Тие завршувале со гладијаторски борби (форма на еволуирани човечки жртвопринесувања). По тоа следел празникот на „непобедливото сонце“ кој бил поврзан со денот на зимното враќање на сонцето. Имено, култот на Сонцето во средината на IV столетие активно се насадувал од императорот Јулијан Отстапник. Култот на Сонцето стоел во центарот на митраизмот, религија, која била сериозен конкурент на Христијанството.

Денот на зимското враќање на сонцето е ден кој се очекува. Ден, што не смее да не го забележи човекот кој живее на земјата. Тоа е граница, соединување. Религиозното чувство секогаш ги чувствува таквите преломни моменти како потенцијално опасни. Опасност од продирање на силите на хаосот во нашиот свет (си спомнувате за Древниот Ужас, кого го разбудија толкиновските гноми, преминувајќи ја границата во пештерите на Морија?) Тоа чувство на опасност бара неопходност од осветување на пограничните минути. Затоа основните ритуали во најразни религии се вршеле на границата од светлината и темнината (утрински или вечерни молитви и жртвопринесувања), на границата на годишните времиња, на границата на човечките возрасти.

Така што, човекот едноставно е должен да твори ритуали што го укрепуваат космосот на границата на времињата. Во најразни светски религии постои вера дека светот (уредениот космос) ќе постои до тогаш, додека се принесуваат правилни жртви. Соодветно на тоа, жреците и се тие атланти (атласи) кои дозволуваат „надежта да живее до тогаш, додека атлантите го држат небото на камени раце“. Навистина, „нивната тешка работа е поважна од другите работи: ослабне ли некој од нив и небото ќе падне“.

Црквата не спорела со убедувањето дека човекот, имено, и е таа жива нитка, на која се нанижани и со која се зацврстени створите на вселената. Црквата не спорела со таа човечка потреба: со молитва да ги соединува границите на времињата. Таа едноставно го исправила начинот на тие молитви. Наместо на богот на сонцето, Митра, таа предложила во тој преломен ден, ден на светлината што повторно се раѓа, да се моли на „сонцето на правдата“, Христос.

Подоцна и во друга култура, друг соларен култ – словенската паганска масленица (палачинката е символ на сончевиот круг) бил преосмислен како дел од подготовката за Пасха, како вход во Великиот пост.

Смислата на таа педагогија е јасна: треба да се ослаби битовото општење на новообратениот христијанин со неговите сè уште пагански соплеменици и соседи. По можност, со разорување на празничното општење. „Да се востанови христијански празник во пагански празничен ден значело да се повикаат христијаните во црква и да се подложат под такви спомени, што за многу потоа станувало психолошки невозможно да учествуваат во паганските празници. Кој наутро слушал за тоа дека во развратен пир било заповедено да се отсече главата на најголемиот меѓу родените од жена, нему паганското новогодишно расположение веќе за цел ден му било расипано“[6].

И така, Црквата дури и пагански празници можела да зема и да ги преосмислува (а паганските храмови да ги преосветува[7]).

Па и самиот „ден на свети Валентин“ бил востановен за тоа да се „побијат“ паганските навики. Тие денови во Рим се празнувале така наречените „луперкалии“ (од lupus – волк). Во светилиштето, изградено во пештерата на стрмнината од палатинскиот рид и кое се нарекувало Луперкал, се вршеле жртвопринесувања: жреците – „луперки“ колеле коза (животно, најпријатно на вкус за волкот). Потоа кон олтарот се упатувале две разголени момчиња (тие, исто така, се нарекувале луперки). И секој од двајцата жреци, кои го извршиле жртвопринесувањето, го приклавале окрвавениот нож кон челото на еден од луперките, а потоа го бришел со белото крзно од козата. Потоа ги дереле закланите животни и од нивната кожа сечеле тесни ремени, наречени „фебруа“. Двајцата луперки се препојасувале со таков ремен, останатите ремени во рацете ги соединувале и приврзувале, трчале голи од пештерата и започнувале ритуално трчање околу палатинскиот рид, мавајќи ги со ремените сите кои им излегувале на патот. Од тие удари, не само што никој не се тргал, туку напротив, жените и девојките со весела насмевка пред луперките ги подложувале грбот, плеќите и градите: се сметало дека тоа дава среќа во љубовта, бракот го прави среќен и гарантира обилно потомство[8].

Луперкалии

Меѓу другото, од називот на свештените ремени на луперките, „фебруа“, произлегол и називот на месецот, во чија средина се случувал празникот (и во чија средина ќе се одбележува Валентиновиот ден): „фебруариј“– февруари.

Веќе во времето на Цезар, никој не можел теориски да објасни што се тоа луперкалии и поврзаните со нив обреди.  Затоа, како и секогаш во такви случаи, сите се задоволувале со легендата. Раскажувале дека празникот на луперкалиите го востановиле основачите на Рим, Ромул и Рем, во чест на волчицата која ги прехранила со млеко во пештерата и дека тие биле првите луперки. Можеби, тој култ е поврзан со почитувањето на Фавна – богот-покровител на стадата. Едно од имињата на Фавна било „Луперк“, што буквално значело „оној кој чува од волците“ и самиот бог се изобразувал во вид на волк. Жртвопринесувањата на Луперк и празникот во негова чест се случувале во средината на февруари, кога започнувало парењето на животните и го молеле богот да го благослови размножувањето на стадата и да ги запази од волци.

Како што гледаме, февруарскиот празник во Рим има древни корени. Во сите негови варијанти едно по друго оделе љубовта и стравот, смртта и болката. Не е за чудење и тоа што, на крајот на краиштата, и споменот за христијанскиот маченик се покажал пронизан со сите тие сижети.

Дали навистина папата Геласиј го назначил празникот на 14 февруари останува нејасно. Несомнено, тој папа ставил крај на празнувањето на Луперкалиите во Рим. Исто така, тој папа се памети и по тоа што издал декрет што го ограничува ширењето на апокрифите и ги определува рамките на библискиот канон. И се сомневам дека има документи што би дозволиле да се тврди дека „во 496 година со папски указ Луперкалиите се преобразени во Ден на сите вљубени, а Валентин, кој заради љубов го дал својот живот, го присоединиле кон соборот на светиите“[9].

(продолжува)

ѓакон Андреј Кураев

Прв дел    Втор дел

[1]„Следбениците на Василид го празнуваат, исто така, и денот на крштението на Исуса Христа, поминувајќи ја ноќта во очи него на молитва. Тие велат дека крштевањето на Господа се случило во 15-тата година од царувањето на Тибериј Цезарот во 15-тиот ден на месецот Туби. Други тврдат дека тоа се случило во 11-тиот ден од истиот месец. Некои од оние, кои внимателно ги испитуваат најмалите детали од страданието на нашиот Господ, тврдат дека тоа се случило во 16-тата година од царувањето на Тибериј Цезарот, во 25-тиот ден од месецот Фаменоф; други, пак, во 25-тиот ден од месецот Фармуфи; трети тврдат дека тоа се случило во 19-тиот ден од месецот Фармуфи. А некои од нив велат дека Он се родил во 24-тиот или 25-тиот ден од месецот Фармуфи“ (Климент Александрийский. Строматы 1, 21).

[2] Успенский Н. Анафора // Богословские труды. Сб. 13. М., 1975, стр. 73.

[3] Рубан Ю. Сретение Господне. СПб., 1994, стр. 33.

[4] св. Иоанн Златоуст. Беседа в день Рождества. Творения. Т. 2. Кн. 1. СПб., 1896, стр. 387.

[5] Цит. по: Иванцов-Платонов А. М. Ереси и расколы первых трех веков христианства. М., 1877, стр. 327.

[6] Болотов В. В. “Михайлов день”. Эортологический этюд // Христианское чтение. СПб., 1892. Т. XI-XII, стр. 621. Кај Болотов станува збор дека 29 август, денот на посечувањето на главата на Јован Претеча, соответствува на првиот ден од месецот Тоут на александрискиот календар, т.е. на првиот ден од новата година во Египет. Подоцна тој датум коптите, сепак, го пренеле на вториот ден за да не се помрачува првиот ден на Новолетието.

[7]„Јас мислам дека идолските храмови на тој народ не треба да бидат разрушени. Откако ќе ги уништите идолите што во нив се наоѓаат, земете света вода и попрскајте ги тие храмови, подигнете во нив олтари и поставете свети реликвии. Зашто ако храмовите се поставени да траат долго, многу е важно во нив служењето на идолите да се замени со служба на Вистинскиот Бог. Кога тие луѓе ќе видат дека нивните светилишта не се разрушени, тие ќе ги изгонат заблудите од своите срца и со брзање ќе влезат кон познатите места за да Го признаат Вистинскиот Бог и да Му се помолат. Исто така, со некој празник може да се замени некој нивен обичај да колат бикови во жртва на демоните. И така, во денот на осветувањето на даровите или во празниците на светите маченици, чии реликвии се поставени во храмот, треба да им се дозволи да стројат сеници од гранки околу храмот и таму да празнуваат. Не давајте им да принесуваат животни на ѓаволот? Но нека тие самите ги употребуваат како храна? Благодарејќи Му на Творецот на сите созданија за Неговите штедри дарови. На тој начин, преку надворешните радости лесно тие ќе дојдат до внатрешните радости; зашто невозможно нивните невосприемчиви умовие наеднаш да бидат лишени од се’. Човекот, кој има намера да се искачи на врвот, постепено се качува, а не веднаш  прескока. Така и Господ, јавувајќи им се на Израилците во Египет, им заповедал да Му служат со истите жртви што до тогаш тие ги принесувале на ѓаволот и заповедал да Му колат животни Нему во жртва. Веќе со други чувства тие земале дел од жртвата и останатото го оставале, и иако ги колеле истите жртви, но нив ги принесувале во жртва на Вистинскиот Бог, а не на идолите, а значи, тоа веќе било друга жртва“ (св. Григорий Великий. Письмо аббату Меллиту. Цит. по: Беда Достопочтенный. Церковная история народа англов. СПб., 2001, стр. 40). А исто така: „Бонифациј бил четврт епископ на Рим после блажениот Григориј; тој од императорот Фока во дар примил светилиште на Римската црква, од старо време наречен Пантеон, бидејќи таму се наоѓале изображенијата на сите богови. Откако ја оттргнал оттаму сета нечистотија, тој таму основал црква посветена на Мајката Божја и на сите Христови маченици, за по изгонувањето на демонската збирштина да служи таа како спомен на соборот на светиите“ (На истото место, стр. 53).

[8] http://www.chayka.org/article.php?id=417

[9] Карташевская А. Навстречу любви // Она/She. 2003, февраль.

Г.Г.

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *