Пророштвото за Божик (1)

ikona

Суета над суетите, вели проповедникот, суета над суетите – сè е суета!.. Род еден си заминува, и род друг доаѓа, а земјата си постои секогаш. Сонцето изгрева и заоѓа, и пак брза кон местото свое, од каде што изгрева… Она што било, пак ќе биде, и она што се правело, пак ќе се прави – нема ништо ново под сонцето (Проп 1,2.4.5.9).

Созерцанието на постојаното, еднообразно и циклично движење на нештата во еден ист правец го довело Еклизијастот до овој заклучок. Во неговите зборови како да се антиципира очекувањето и потребата од Настан, што ќе ја преобрази целата човечка историја. Стотици години подоцна ќе се случи она за што тој жеднеел, она што ќе биде апсолутно ново под сонцето, собитие со космичка димензија – Воплотувањето на Словото Божјо.

Целата свештена историја на избраниот еврејски народ е упатена кон една одредена цел – доаѓањето на Денот Господов. Денот Господов е времето на исполнување на Божјите ветувања, тоа е периодот на Месијата (Помазаникот). Во Личноста на Исуса Христа Назареецот сите израилски очекувања ќе го добијат своето исполнување. За човекот што го познал Христа преку опитот на личносното општење со Него во Црквата, не му се потребни екстра докази за да се увери во месијанството на Исуса. Иако подоцна секој христијанин, читајќи ја Библијата, се фасцинира од еден чудесен факт – како сето тоа, како целиот живот Христов: Неговото Воплотување, учење, делување, Распетие, Воскресение и Прославување, било до детали предобразено, на еден пластичен начин претскажано и изобразено, уште векови пред Неговото доаѓање.

Кои биле пророците во историјата на избраниот израилски народ?

Пророците Евреите ги нарекувале нави, т.е. оној кој говори. Тој збор има корен во глаголот, којшто и денес е зачуван во арапскиот јазик, наваа, т.е. известување (сп. асирски наву – повикува, етиопски навава – говори). Под тој епитет – оние што говорат (невиим) се подразбирале особени луѓе, коишто со своите зборови привлекувале исклучително внимание и почит, едноставно кажано, луѓе пратени од Бога да ја возвестуваат Неговата волја. Главната задача на пророците им била да ја утврдат во народот верата во доаѓањето на Месијата и Неговото царство. Христос и Неговото царство претставувале централна точка, на која било обратено вниманието на пророците.

Пророштвата имаат двојствено (сугубо) значење. Како прво, тие се однесуваат на настани што се во одреден историски контекст, но подоцна преку промислувачката Божествена активност, тие стануваат сенка на месијанското време и се однесуваат на Христа. Евангелската светлина се пролеала врз сите книги на Стариот завет по воскресението Христово, кога Воскреснатиот и Самиот Преобразен, на своите сè уште старозаветно слепи апостоли им го отвори умот за да ги разбираат Писмата (Лк 24,45), акт кој се исполнува на Педесетница.

Св. Атанасија Велики одлично ги употребува пророштвата во својата аргументација „За Воплотувањето на Бог Словото“, велејќи дека „од страница во страница во вдахновената Книга јасно се предаваат тие нешта во нивната полнота“. Наша цел ќе биде накратко да се осврнеме на најважните места од Стариот завет, коишто јасно укажуваат т.е. пророкуваат за Христовото доаѓање.

После трагедијата на гревопадот на прародителите, Бог сакал да ги повика нив кон покајание. Он со кротост им се открил и повикал кон скриените грешници: Адаме, каде си? (1Мојс 3,8-9). После Божјото повикување и нерешителното, непотполно сознание и раскајание на грешниците следел Божјиот суд – најпрво над змијата искушувач. И во тој суд за паднатите луѓе се открила надеж за спасение од ѓаволот преку Семето на жената, а дури потоа следел судот над жената и мажот.

И ставам непријателство меѓу тебе и жената и меѓу родот твој и породот нејзин. Он ќе ти ја гази главата, а ти ке го каснуваш во петата (1Мојс 3,15).

Семето на жената ќе ја гази главата на змијата, а таа ќе го каснува во петата. Тие зборови укажуваат на тоа дека Бог определил, без оглед на човечкиот грев, да го заврши Своето творење со успешен акт. Тоа ветување се препознало како месијанско пророштво. Светите отци на Црквата, од времето на св. Иринеј Лионски па наваму, во овој текст го гледаат „првото Евангелие“ (Protoevangelium) за доаѓањето на Спасителот. Под Семето на жената отците Го гледаат Христа. Најверојатно според филолошката методологија на интерпретација кај апостолот Павле за местото каде Бог го дава ветувањето на Авраама, дека во неговото семе ќе бидат благословени сите народи (1Мојс 22,18; Гал 3,16). Употребата на еднина на ова место (Семе, а не семиња), Павле го препознава како укажување на единствена личност – Исуса Христа.

Bogomater_i_pror._Isaiya_12v._Vizantiya_23h18.5_Sinaj._M-r_Sv._Ekateriny_1

Со посредство на жената човекот паднал, но со нејзино учество и ќе биде искупен. Спасението ќе се случи со посредство на човекот: Он ќе биде семе на жена, т.е. Он ќе се роди од Жена, но без физичко учество на маж. Тоа древно предвозвествување укажува на Раѓањето Христово од Дева. Постоел само еден Потомок на Ева, Кој се родил од Жена без учество на семе од маж – Исус Христос. Ова укажување поопределено е изразено во пророштвото на Исаија:

Затоа Самиот Господ ке ви даде доказ: ете, Девица ќе зачне и ќе роди син, и ќе му го дадат името Емануил (Ис 7,14).

Чудесно и неслучајно е решението на благочестивите јудејски преведувачи од еврејски на грчки (уште во времето пред Христа) на ова место од Исаија упорно да го постават неочекуваниот термин за означување на жена која зачнува, необичниот збор воопшто за јудаизмот παρθένος, т.е. девица, преведувајќи го така еврејскиот збор ха-алма. Директниот еврејски збор за означување на девство и девица е бетула. Зборот алма е поширок по своето значење. Тој означува зрела девица во брачна возраст и млада жена веќе стапена во брак. Од седумте случаи на употребата на зборот алма во Стариот завет, само уште во 1Мојс 24,43 грчките преведувачи го превеле него со παρθένος, според потребата за јасна смисла на зборот (станувало збор за невестата на Исак, Ревека). Во петте други случаи тие секогаш го преведувале со νεα̃νις т.е. млада жена (слов. отроковица, 2Мојс 2,8; Песна 1,2); Изреки 30,19 – младост (неточно); Пс 67,25 – νεανίδες, неточно во мак. прев. „девици“. Но окото на евангелистите, кои ја читале Библијата веќе вообичаено на грчки, навлегол во зборот παρθένος и ни возвести, дека тој смел неточен превод не е случаен, туку е провиденцијален, праобразен. Не попусто целиот александриски превод, наречен Септуагинта (LXX), е примен со љубов од Црквата, а од јудејството, кое него го создал, е отфрлен со мистично ужасување и е заменет со други (на Акила, Симах), антихристијански обработени.

(продолжува)

Подготвил: Георгиј Глигоров

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *