Религија и наука (12): Инквизицијата и Коперник

И дури осудувањето на коперниковата хипотеза од страна на инквизицијата во 1613 година, не треба да се гледа како акт на антинаучно непознавање и терор.

Да претпоставиме дека мене ми предложуваат да се согласам со некоја екстравагантна хипотеза, која под себе нема никакви докази, а како додаток на тоа, противречи на низа директни и индиректни набљудувања. Освен тоа, мене ми е познато дека сите обиди за нејзино докажување завршувале без успех. И така, ако јас се воздржам од согласувањето со таа хипотеза, дали тоа ќе биде сведоштво за антинаучниот склад на мојата мисла?

rsz_copernicus

Но, имено, таква била ситуацијата во меѓусебните односи на коперниковото учење и Католичката црква. Пред да бидат обвинети богословите за антинаучност, треба да се зададе едноставно прашање: „Од која дата хелиоцентризмот станал научно објаснета теорија, којашто се базирала на факти?“.

Дури во 1851 година, патешественикот Фуко го докажал движењето на Земјата. И само во 1838 година Бесел ја открил ѕвездената паралакса (агловото поместување на ѕвездите, при нивно набљудување од различни краишта на земјината орбита)[1].

За тоа, дека при годишното движење на Земјата треба да се менува картата на видливото ѕвездено небо, знаеле и во времињата на Коперник. Тихо Браге на крајот на 16 век се обидел да ја открие паралаксата и, не наоѓајќи ја (нешто што било невозможно без развиена оптика), како чесен научник се откажал од поддржувањето на коперниковата хипотеза[2].

heliocentrismЕве потполно типичен и научен чесен исказ на академски научник од 18 век: „Хигенс предложил начин да се определи движењето на Земјата со набљудување на неподвижните ѕвезди, дали две ѕвезди се доволно блиски една до друга, дали ќе се покаже мала промена на видливото растојание во различни времиња од годината, од каде можеме да претпоставиме дека тоа се случува поради движењето на Земјата, благодарение на кое таа би се наоѓала, де поблиску, де подалеку од тие ѕвезди. Јас велам ’да претпоставиме‘, затоа што секогаш би требало да се претполага дека тоа не се случува поради некакво движење, коешто неподвижните ѕвезди би го имале во однос една на друга. Но, освен тоа, таквото набљудување апсолутно не го докажува движењето, не може ни да се види дека тоа набљудување било направено или, по крајна мера, дека во совршенство успеало. Г-н Хигенс го предложил, но тој не говори дека би го спровел. Патер Ричоли во својата ’Реформирана астрономија‘ соопштува за набљудувањето на некој Пирон, кој велел дека пронашол варијација од неколку секунди во растојанието на две ѕвезди, многу блиски една на друга, кои се наоѓаат во главата на Скорпијата. Но, споредувајќи ги измерувањата со оние што ни ги дал нам г-нот Маралди за истите тие ѕвезди во ’Мемоарите на Париската академија на науки‘, станува очигледно дека нема никаква основа за спроведување на тоа набљудување од Пирон. Освен тоа, патер Ричоли покажал дека варијацијата, која ја пронашол Пирон во растојанието на тие две ѕвезди, не е соодветна со она што го бара движењето на Земјата. Јас не знам за други набљудувања, кои може да се стават во паралела со овие кои ги кажав. Еве зошто мене ништо не ме спречува да го заштитувам мојот првичен став, дека сè уште не е докажано движењето на Земјата со помош на набљудувања, но, дека дури не е ни возможно да се докаже тоа само со помош на астрономските набљудувања, без помош на хипотеза и др.“[3].

Хелиоцентристите немале докази. Галилеј погрешно го видел бараниот доказ во океанските приливи и одливи (плима и осека), но Кеплер веќе докажал дека приливите се поврзани со гравитационите активности на месечината, а не со дневното движење на самата Земја.

Воопшто, „пронаоѓањето, заштитата и делумното оправдување на коперниковата хипотеза, противречат речиси на секое методолошко правило, за чие зачувување се грижиме денес“[4].

[1] Впрочем, понекогаш велат дека уште во 1837 година рускиот астроном В.Ј.Струве ја определил годишната паралакса за една ѕвезда (види: Гурев Г.А., Учение Коперника и религия, 157.

[2] Види: Шрейдер Ю.А., Галилео Галилей и Римско-Католическая Церковь, 58.

[3]   Реч, кажана од страна на г. Делил во јавното собрание на Академијата на науките на 2 март 1728 година, на првиот диспут во заштита на учењето на Коперник // Источники по истории астрономии России XVIII века, Т. 1, СПб. 2000, 57.

[4] Фейерабенд П., Избранные труды по методологии науки, М. 1986, 199.

(продолжува)

ѓакон Андреј Кураев

Прв дел    Втор дел    Трети дел    Четврти дел    Петти дел    Шести дел

Седми дел    Осми дел    Деветти дел    Десетти дел    Единаесетти дел

Г.Г.

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *