Неделата на митарот и фарисејот: Смирение

rsz_mitar_i_farisej_mozaik

Следната недела се нарекува „Недела на митарот и фарисејот“. Во пресрет на тој ден, на вечерната во саботата, за првпат се отвора Посниот триод, книгата со великопосни богослужби и кон вообичаените воскресни стихири и канони се придодаваат и стихирите и каноните од Неделата на митарот и фарисејот. Во нив се нагласува смирението, како нешто што е неопходно за вистинско покајание.

Во делот од Евангелието што се чита (Лк 18,10-14), е прикажан човек којшто е задоволен со себеси, затоа што смета дека го исполнува „целиот закон“, сите барања на својата вера. Тој е самоуверен и горд, а всушност ја искривува и не ја разбира смислата на барањата на верата. Тој во нив гледа само исполнување на надворешните обреди и своето благочестие го мери врз основа на она што го приложува во храмот. А што се однесува до цариникот, тој беше понизен и неговата смиреност најде оправдание пред Бога. Ако денес некој морален квалитет речиси потполно се омаловажува, тоа е смирението. Културата во којашто живееме го всадува во нас чувството на гордост, самофалба и величање на сопствената праведност. Таа е изградена врз претпоставката дека човекот може сѐ да постигне сам, па дури и Бога Го претставува како некој што наградува, за да му плати на човекот за неговите дистигнувања и добри дела. На смирението, личното или општото, етничко или национално, се гледа како на слабост недостојна за денешниот човек. Но зарем во нашите црковни заедници го нема тој фарисејски дух? Зар не сакаме и ние, секој наш прилог, секое „добро дело“ што го правиме „за Црквата“, да биде признаено, пофалено и објавено?

Но, што е смиреност? Одговорот на ова прашање може да изгледа парадоксален, затоа што е вкоренет во чудното тврдење: Само Бог е смирен. Меѓутоа, на секој што Го знае Бога, на секој што Го созерцува Него во Неговите созданија и во Неговите спасителни дела, му е јасно дека смирението навистина е божествена особина, содржина и зрачење на славата којашто, како што пееме на Божествената Литургија, ги исполнува небото и земјата. Во нашето човечко сфаќање, ние сме склони да ги спротивставуваме славата и смирението, и на смирението да гледаме како на недостаток и слабост. Според човечкото рабирање, само нашата неспособност и отсуството на знаење можат во нас да предизвикаат чувство на смирение. На современиот човек, воспитан да се потпира на јавното мислење, на самоувереноста и на бесконечната самофалба, е речиси невозможно да му се објасни тоа што по природа е совршено, прекрасно и добро, а во исто време по природа смирено. А токму поради неговото совршенство, на смирението не му е потребен „публицитет“, надворешна слава и пропаганда од каков било вид.

Бог е смирен затоа што е совршен. Неговата смиреност е Негова слава и извор на секоја вистинска убавина, совршенство и добрина, и секој што Му се приближува и што Го запознава Бога, се приопштува кон божественото смирение и убавина. Имено, благодарејќи му на своето смирение Дева Марија, Мајката Божја, стана радост за сиот свет, најголемо откровение на убавината на Земјата, а тоа може да се каже и за светиите и за секој човек, за време на неговите ретки блискости и заедништво со Бога.

Како човекот да стане смирен? За христијанинот, одговорот е прост: со созерцанието на Христа, воплотеното божествено смирение, на Оној во Којшто Бог ја покажал, сега и засекогаш, сета Своја слава во смирение и сето Свое смирение во слава. Сега – рече Христос на денот на Своето најголемо смирение – се прослави Синот човечки и Бог се прослави во Него (Јн 13,31). Смиреноста се учи со созерцување на Христа Кој рече: Поучете се од Мене бидејќи Сум кроток и смирен по срце (Мт 11,29). На крајот на краиштата, смирението се учи кога секој свој збор, секоја своја постапка и сиот свој живот го споредуваме со Христа, затоа што без Него е невозможна вистинската смиреност, додека со фарисејот дури и верата станува гордост и во своето фарисејско славољубие тој се гордее со своите човечки, надворешни достигнувања.

Подготовката за постот почнува со прозба, со молитва за добивање на смирение, затоа што смирението е почеток на вистинското покајание. А покајанието е пред сѐ и над сѐ, враќање кон вистинскиот поредок на нештата, кон вистинските поимања. Тоа е вкоренето во смирението, а божественото и прекрасно смирение е негов плод и негов крај. Да го избегнеме високоумниот говор на фарисејот – се вели во кондакот на тој ден – и да се научиме на величественоста на смирените зборови на митарот…

Ние сме на вратите на покајанието, во најторжествениот момент на воскресното бдение, по воскресението и јавувањето Христово, и откако го „видовме воскресението“, за првпат ги пееме тропарите коишто ќе нѐ спроведуваат во текот на целиот Велики пост:

Отвори ми ги дверите на покајанието Животодавче, оти мојата душа уште од утрини се стреми кон Твојот свет храм носејќи го телесниот храм сиот осквернет: но како штедар, очисти ме со милосрдието на Твојата милост.

На патот на спасението води ме, Богородице, зашто со срамни гревови ја извалкав душата и во мрзливост сиот живот го минав: но со Твоите молитви избави ме од секоја нечистотија.

Размислувајќи за мноштвото злодела што ги сторив јас бедниот, треперам заради страшниот ден на Судот: но надевајќи се на милосрдието на милоста Твоја, како Давид Ти повикувам Смилувај се на мене, Боже, по Твојата голема милост.

протопрезвитер Александар Шмеман

Извор: Великиот пост, Скопје 2004.

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *