Религија и наука (2): Библијата против митот

Во Библијата нема астрални митови, коишто се толку органични во светот на паганските религии. Нема раскази за тоа каде оди сонцето ноќе, чие е лицето на месечината, за тоа кој истурил млеко на Млечниот пат, и за тоа од кого е мечето на Големата мечка. Така што, „кога Христијанството го рамнат со најдивите митови, јас не се смеам, ниту роптам, и не избувнувам, туку учтиво забележувам дека идентификувањето не може да се смета за целосно“[1].

Еве го текстот од првата страница на Библијата: Потоа рече Бог: „Нека се појават светила на сводот небески, што ќе ја осветлуваат земјата за да го делат денот од ноќта, и да бидат знаци и за времињата, и за деновите и за годините; и нека светат на сводот небесен, за да ја осветлуваат земјата!“ И би така. И создаде Бог две големи светила: светило поголемо да управува со денот, а светило помало да управува со ноќта, и ѕвезди; и ги постави Бог на сводот небески да ја осветлуваат земјата, и да управуваат со денот и ноќта, и да ја одделуваат светлината од темнината. И виде Бог дека е добро. И би вечер, и би утро – ден четврти (1Мојс 1,14-19).

sun-moon-stars

За што зборува овој текст? Какво е тоа прашање: секако, тоа е библискиот мит за создавањето на сонцето, месечината и ѕвездите. Но, не е така. Тоа не е мит, туку полемика со митот. Во Египет и Вавилон, Финикија и Ханаан, сонцето и месечината се величествени богови. А од гледиште на библискиот автор, нивниот религиозен статус е толку безначаен, што може дури и по име да не се нарекуваат. Туку, две светила. Две лампички за луѓето, за тие да знаат, кога за која работа треба да излезат и кога да Му празнуваат празник на Единиот Бог, Кој ги создаде тие светилки. Со тоа што во текстот не се употребуваат зборовите „Сонце“ и „Месечина“ се означува дека овој текст е профан. За она за што митот говорел со поетски јазик, за тоа Библијата воопшто не зборува, демонстративно преминувајќи на инжинерска терминологија: „А архитектот инсталира два система за осветлување – еден основен („во почетокот на денот“), а другиот во случај на хаварија („во почетокот на ноќта“)“. Сè! По ова нема да се појави ниту најмала желба за поклонување на светилките. Светилата се за луѓето, а не човекот за светилата.

Повеќе ништо не може да се дознае за ѕвездите од Библијата. Што и ќе му дозволи на Галилеј да им напомни на инквизиторите, дека во Библијата дури не се набројани по имиња „седумте светила“, затоа што Библијата нè учи како да стигнеме до небото, а не како тоа е устроено[2].

И така, имено, поради тоа што Богот на Библијата е наткосмичен, Библијата во себе не содржи догмати за природата и за нејзините закони. Нешто што и ја прави библиската традиција извонредно флексибилна за решавање на научните прашања. Зашто ништо така лесно не се согласува со туѓите и нови погледи, како што тоа го прави молчењето. Библијата молчи за природата.

Иако религиозниот човек може да живее без да се интересира за космологијата, обичниот човек, а уште повеќе цела култура, нема да можат долго без неа. Средновековната култура, исто така, во себе содржела збир на космолошки претстави. Но, од каде таа можела нив да ги црпи, ако ги нема во Библијата? Средновековието ги зело нив од својот втор извор – од античкото наследство.

Но, знаеме, дека тоа наследство не е едноставно „античко“. Тоа е и „паганско“. И тогаш започнала многувековната сеанса на егзорцизам – прогонувањето на паганските доживувања од космолошките претстави. Еден од најзначајните моменти бил осудувањето на авероистите (аристотелците) на 7 март 1277 година од страна на парискиот епископ Етјен Тампје. Помеѓу 219-те анатемисани тези, за судбината на астрономијата посебно е важна 92-та точка. Таа ги осудува оние што учат дека „небесните тела се движени од внатрешен принцип, каков што е душата; тие се движат како живо суштество токму од душата и нејзиниот стремеж: затоа, како што животното се движи, бидејќи се стреми кон нешто, така и небото се движи“. Ѕвездите немаа душа, значи, нивното движење треба да се опишува на јазикот на механиката, а не на психологијата.

И Средновековието на Запад завршувало со тоа што самата христијанска Црква почнала да влегува во нешто аморфно и сепроголтувачко. Епохата на Ренесансата (Возраѓањето) е ренесанса на паганството. Римски папи, навлечени на хороскоп; теолози, во чии трудови почесто одекнува името на Аристотел, отколку на апостолот Павле… Но, 16 век е век на реакција. Здрава христијанска реакција на привремената капитулација на христијанската волја и мисла пред примамливоста на паганската плотска и философска седозволеност. Преминот од Ренесансата во Новото време е премин од карневал во пост. Тоа е векот на Реформацијата (и Контрареформацијата). Тоа е векот на најголемо религиозно напрегање во целата историја на Западна Европа. Тоа е век, кој не е рамнодушен кон прашањата на верата. Науката се раѓа кога во Европа започнале религиозни војни… „Секуларизираните“ народи, кои се рамнодушни кон религијата, не водат религиозни војни.

Повикот на лутераните „само Писмото“ бил протест, не толку против црковните преданија, колку против ропското понижување пред авторитетот на паганските философи. Тоа е меч, кој не е упатен против Јован Златоуст, туку против Аристотел и Хермес Трисмегист. Реформацијата не ги рушела христијанските догми и науката која била во зародиш, туку догмите на паганската философија. Повикувањето на Аристотел станало недоволно.

Значи, патосот на христијанската Реформација бил повик кон дисциплина на умот, волјата и чувствата. Дали тој повик е туѓ на науката? Англискиот хемичар Бојл видел религиозно применување на науката во вклучувањето на разумот на истражувачот во борба со страсните похоти: „Оној кој може да ги натера најмалите случаи во сопствениот живот и дури цветовите од неговата градина да му држат предавања за етиката и теологијата, ми се чини, тешко дека би чувствувал потреба да оди во таверна“[3]. Аргументацијата е јасна: од една страна, секое растение сведочи за Разумот, Којшто го создал, од друга, пак, истражувачот на шареното светско многуобразие се учи да ја гледа неговата внатрешна стројна складност на законите. Оној кој се научил да ги гледа законите во природата, ќе ги почитува и оние закони кои се впишани во човечкото срце, и, следејќи ги, ќе оди по патот на заповедите и ќе се оттрга од гревот.

[1] Честертон Г.К., Вечный человек, М. 1991, 139.

[2] Всушност, тоа се зборови кои на Галилеј му ги кажал кардиналот Барониј уште во 1598 година (види: Фантоли А. Галилей, В защиту учения Коперника и достоинства Святой Церкви, М. 1999, 145).

[3] Цит. по: Косарева Л.М., Генезис научной картины мира, М. 1985, 44.

(продолжува)

ѓакон Андреј Кураев

Прв дел

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *