Зошто да одам во храм, кога Бог е во мојата душа? (2)

isaUpanishad1

За да го разбереме тоа, ајде накратко да излеземе надвор од пределите на христијанскиот храм. Да ги отвориме „Упанишадите“ – древните индиски книги, составени на границата на II-I милениум пред Христовото Раѓање. Овие книги до ден денес се свештени за хиндуистите, а од неодамна станаа многу авторитетни и за многу наши сограѓани, кои тргнаа по окултистите во сега модерното „поклоништво на Исток“. Еве како во „Упанишадите“ се опишува создавањето на светот: „Во почетокот овде немаше ништо. Сè беше опфатено со смрт и глад, зашто гладот – тоа е смрт. Тој, кој се нарекува смрт, посака: ’Ајде да се воплотам‘ – и го создаде разумот… Тој се придвижи, славословејќи, и од неговото славословие се роди вода… Тој се умори… Со разумот, тој – гладот или смртта – ја соедини речта. Она што беше семе, стана година… Тој ја отвори устата за да го изеде роденото… Тој помисли: ’Ако го убијам, ќе имам малку храна‘. Тогаш со таа реч и со тоа тело тој создаде сè, што постои овде: …жртвопринесувањата, луѓето, добитокот. Сè што тој произведе, реши да го изеде… Тој посака: ’Нека тоа тело ми биде погодно за жртва и нека се воплотам со негова помош‘. Тогаш тоа стана коњ; кога порасна, тој стана погоден за жртва… По една година тој го принесе како жртва на самиот себе, а другите животни ги даде на боговите“.

Пред нас е објаснувањето на едно од најцврстите пагански убедувања: во религијата и ритуалот се случува кружење на една иста енергија. Божеството, создавајќи го светот, во тој труд троши голем дел од своите сили, осиромашува, се исцрпува. Од паганските богови е одржувањето на поредокот во светот, одржувањето на „космосот“ од распаѓање во „хаос“ бара многу трошење. Боговите, кои останале без сила заради одржувањето на космосот (космос во смисла на поредочно творение) да не се распадне, треба да ги одржуваат луѓето. За тоа, луѓето се должни да застанат на патот… на уништувањето. Уништувајќи дел од космосот, жрецот од него ја ослободува онаа енергија, што боговите некогаш ја потрошиле за негово создавање и со самото тоа ја враќаат таа енергија на боговите, укрепувајќи ја нивната сила. Во ритуалот се уништува дел од созданието, за укрепените богови да можат да го одржуваат светот во целост и да го заштитат од конечниот распад. Во нашиот денешен живот, аналогија можеме да видиме во работата на физичарите, кои научиле при вештачки испровоцирано распаѓање на атомот да ослободат енергија и да ја усмерат за други цели… Паганската теологија е убедена, дека богот во созданијата дава дел од својата сила, и поради тоа слабее. Но жрецот, уништувајќи го созданието пред лицето на тој бог, принесувајќи му жртва, ја враќа назад кон првоизворот истата божествена енергија, што била заробена во тој дел од космосот, што сега се пали на жртвениот оган. Ослободената божествена енергија се вознесува кон живеалиштата на боговите. И боговите буквално се хранат со неа.

Затоа во еден друг пагански мит – „Епот за Гилгамеш“, составен во древниот Сумер – содржи детаљ, што денес изгледа сатиричен и смешен. Боговите нанесуваат потоп на земјата. Од него се спасува само еден човек… Поминуваат денови, и одеднаш боговите забележуваат дека луѓето не им нанесувале само немир и непријатност. Со исчезнувањето на луѓето престанале жртвопринесувањата… Боговите почнуваат да гладуваат и го прекратуваат потопот. Кога сумерскиот „Ное“ ја принесува првата жртва по прекратувањето на потопот, тогаш, се вели во тој древен мит, „боговите го почувствуваа добриот мирис, боговите, како муви, се собраа при оној кој принесуваше жртва“.

Понекогаш на боговите за храна им се потребни дури и човечки жртви. Еве еден цитат од неодамнешен весник, што соопштува за трагични пронајдоци на археолозите: Американскиот антрополог Џон Рејнхард започнал да работи „во реонот на вулканот Лулалако затоа што некогаш читал за древните населби на Инките на падините на тој вулкан. Членовите на експедицијата живееле во шатори на врвот од вулканот (неговата височина е 6705 метри). По речиси еден месец раскопување под камењата и сувата премрзната земја биле извлечени три мумии, обвиткани во некаква платнена наметка. Мумиите биле откопани од местото, што надворешно напомнувало на ритуална гробница. Веднаш до мумиите членовите на експедицијата нашле 35 предмети од злато, сребро и школки, остатоци од материи, украсени со орнамент и вез, мокасини и керамички сад. Во него некаде сè уште се зачувале остатоци од храна. Мумиите – тела на две девојчиња и момче на возраст од 8-13 години – датираат од претколумбовскиот период, т.е. исполнуваат 600 години. ’Овие мумии – им изјави професорот Рејхард на новинарите – се најдобро зачувани од сите што сум ги видел во целата моја кариера. Тие биле замрзнати, додека другите мумии биле балсамирани. Ми се чини дека биле замрзнати сè уште живи‘. Според зборовите на американскиот професор, девојчињата и момчето, судејќи по сè, биле принесени како жртва на боговите на Инките во тек на некаков религиозен ритуал, што се вршел, најверојатно, еднаш во годината. ’Исто така, имаме намера да разјасниме – продолжува научникот – како биле умртвени децата, бидејќи на черепите нема траги од удари, што, како правило, се пронаоѓаат на труповите на оние, кои се принесувале како жртва на своите богови‘. Во септември минатата година околу градот Арекипа, во јужен Перу, во вулканската зона биле најдени шест замрзнати мумии, сепак, не во таква добра состојба, како аргентинските. Тие, исто така, сметаат екпертите, биле принесени како жртва на боговите на Инките, а на черепите им се откриени траги од удар, што сведочи за тоа, дека го поминале обредот на жртвопринесување“.

И така, најважен проблем на паганските религии е прашањето за тоа, какви жртви луѓето треба да им принесат на боговите. Кога треба да се принесе жртва. Кој треба да ги принесе. Во што треба да се состои таа жртва. Според каков ритуал таа треба да се принесе. На кој од многубројните богови… За тоа говорат книгите, што ги објаснуваат паганските церемонии.

Но, во Евангелието ние гледаме нешто спротивно. Ако паганите говорат за тоа, каква жртва луѓето треба да му принесат на богот, Евангелието говори за тоа, каква жртва им принесе Бог на луѓето: Синот Човечки не дојде да Му служат, туку да послужи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина (Мт 20,28); Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен (Јн 3,16).

Сфаќате, Богот на Библијата толку ја надминува целата вселена, што не може да стане збор дека Он слабее при создавањето на светот. Да, Бог со Својата сила, со Својата енергија го одржува постоењето на космосот. Но, Неговата бесконечна моќ поради тоа ни малку не се истоштува. А затоа и нема потреба од дополнување од страна на луѓето.

Затоа библиските жртвопринесувања не Му се потребни на Бога, туку на луѓето. Луѓето едноставно треба да се научат да бидат благодарни. Луѓето треба да се научат барем дел од својот живот, својот имот и своето време (спомнете си за заповедта за саботата) да умеат да го одземаат од себе и да го постават пред лицето Господово. Не затоа што Бог има потреба од тој Негов дел. Туку затоа што луѓето со самото тоа се учат на жртвена љубов.

Само еден десетти или стоти дел од религијата се состои од тоа, што во неа ќе внесат луѓето. Главното во религијата е она што во неа го внесува Бог. Не е главно она што луѓето го прават заради Бога, туку она што Бог го прави заради луѓето. Главното во религијата не е она што луѓето го принесуваат во храмот, туку она што тие го изнесуваат од храмот.

(продолжува)

ѓакон Андреј Кураев

Прв дел

Г.Г.

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *