Берѓаев: За достоинството на Христијанството и недостоинството на христијаните (4)

4. Нетрпеливоста, фанатизмот и жестокоста неретко пројавувани од христијаните во историјата, се последица од неспособноста на човечката природа да ја смести во себе полнотата на христијанската вистина за љубовта и слободата. Човекот примал само дел од таа вистина и останал со него, а полнотата на вистината, полнотата на светлината, се покажале достапни само за малкумина. Човекот е способен да изопачува сè, дури и највозвишената вистина, и  да ја исползува како орудие за сопствените страсти, па дури и апостолите коишто биле околу Самиот Божествен Учител, во зраците на светлината што произлегувала од Неговата Личност, понекогаш го искривувале Христијанството, разбирајќи ја Христовата вистина мошне острастено, мошне човечки, внесувајки ја често ограниченоста на својот еврејски светоглед. Кога се напаѓа Христијанството од средните векови, кога се укорува христијанската вера заради кладите на инквизицијата, заради насилствата над совеста, заради фанатизмот и нетрпеливоста, заради жестокиот однос кон човекот, во тој случај прашањето се поставува сосема неточно. Нападите против средновековното Христијанство, засновани според констатираните несомнени факти, иако понекогаш предимензионирани,  воопшто не се напад против Христијанството, туку против средновековните христијани. И, конечно со тоа луѓето самите себе се осудуваат. На средновековниот римокатолицизам му бил својствен лажливиот теократски принцип, според кој Црквата се сметала за мошне слична со државата, и на папите им се припишувала власта над светот. Но, Римокатоличката црква не е виновна за средновековната жестокост и нетрпеливост, туку варварската природа на човекот. Средновековниот свет бил варварски свет, исполнет со жестоки ладнокрвни нстинкти. Црквата се грижела да го организира тој варварски свет склон кон анархија, да ја смекне неговата жестокост, да го охристови, но тоа само делумно и поаѓало од рака, затоа отпорот на непросветената човечка природа бил мошне голем. Средновековниот свет формално се сметал за христијански,  но всушност бил полухристијански – полуезичнички. Затоа, се разбира, не може да се обвини Христијанството кое не можело насилно да го направи светот христијански. Самите луѓе во црковната ерархија биле грешни и во животот на Црквата внесувале човечки страсти, биле властољубиви, и неретко ја извртувале Христовата вистина. Но, и за тоа пак не била виновна самата Христова вистина – тоа било грев на христијаните, а не на Христијанството. Божествениот темел на Црквата останал недокоснат, неизвртен од луѓето – и ги просветувал. Евангелскиот глас на Христа одѕвонувал со својата поранешна чистота. Без Црквата, без Христијанството, варварскиот и жесток средновековен свет би се задушил од крв, духовната култура би скончала засекогаш. Античката грчко–римска култура, со своите најголеми достигнувања, била зачувана од Црквата и предадена во новото време! Единствените учени, фолософи и културни луѓе во средните векови биле монасите. Благодарение на Христијанството бил оформен витешкиот ред, во кој биле смекнати и облагородени варварството и грубоста. Но, дури и природното варварство на средновековниот човек понекогаш стои повисоко од механичноста на современиот цивилизиран човек.

russian-orthodox-cross

Таква е вистината и за Римокатоличката црква, и покрај тоа, што од православна гледна точка, и во самата организација на римокатолицизмот, и во неговото богословско учење, биле внесени грешки и извртувања. Што се однесува до Православната црква, таа нема ништо заедничко со инквизицијата, со насилството во областа на верата и совеста, со фанатизмот. Насилствата кај нас најмногу доаѓале од државната власт, и историскиот грев на Православната црква (од нејзината човечка страна) бил во нејзиното мошне големо потчинување на таа власт. Човечки гревови и слабости имало и во Римокатоличката црква и во Православната црква, но недостатоците на Христијанството во светот секогаш биле недостатоци на христијаните, човечки недостатоци, а не Божји; неуспехот на Христијанството бил човечки неуспех, а не Божји. Ако вие не ја остварувате вистината, виновни сте вие, а не самата вистина.

Луѓето тежнеат кон слобода и не сакаат да бидат принудувани кон добро. А за последиците од бескрајната слобода, што им е дадена од Бога, тие повторно Го обвинуваат Бога. Но, кој е виновен за тоа, што човечкиот живот е полн со зло? Христијанството ли? Христос ли? Христос никогаш не учел на она, заради што го критикуваат, хулат и го отфрлаат Христијанството. Ако луѓето го следеа учењето на Христа, тогаш не би имало зошто да се одрекува Христијанството. Херберт Велс дава еден дијалог помеѓу луѓето и Бог. Луѓето Му се жалат на Бога, дека животот е полн со зло и страданија, војни, насилства… и дека е неподнослив. Бог им одговара: „ако тоа не ви се допаѓа не правето го!“. Тој, восхитувачки по својата простота, разговор е мошне поучен. Христијанството опстојува во светот и покрај страшниот отпор на силите на злото. Не само човечкото, туку и натчовечкото зло се спротивставува. Против Христа и Неговата Црква стануваат силите на адот, и тие адски сили дејствуваат не само надвор од Црквата и Христијанството, туку и внатре во нив, за да ја разделат Црквата и да го извртат Христијанството. Мерзоста на запустението (Мт 24,25) е на свето место, но од тоа Христијанството не станува помалку свето. Напротив, ако луѓето имаат духовна прозорливост, изгледа ќе видеа дека извртувајќи го Христијанството, изменувајќки и проколнувајќи го за зло, за коешто не е виновно, тие Го распнуваат Христа. Христос вечно ја излева Својата крв за гревовите на светот, за гревовите на оние што Го отфрлуваат и распнуваат. Но, за вистината не треба да се суди според луѓето, и тоа особено не според најлошите од нив. Треба да се вгледаме најправин во лицето на Вистината, и да ја видеме светлината што излегува од неа. Во човечките односи, за Вистината треба да се суди според добрите, а не според лошите. За Христијанството треба да расудуваме според апостолите и мачениците, подвижниците и светителите, а не според огромната толпа полухристијани – полујазичници, кои прават сè за да го изопачат образот на Христијанството во светот.

Две големи искушенија му биле испратени на христијанското човештво во светот – искушение преку гонење и искушение преку торжество. Првото искушение – преку гонење, христијаните го издржале и дале примери на маченици и херои. Го издржале во самиот почеток на Христијанството, кога биле подложени на гонења од страна на Римската имерија. Го издржале и во наши дни, кога во Русија комунистичката власт ги подложи христијаните на гонења. Меѓутоа, многу потешко е да се издржи искушението преку торжество. Кога императорот Константин се приклонил кон Крстот (313 г.) и Христијанството станала доминантна, државна религија, тогаш започнал долгиот период на искушување преку торжество. Но, тоа искушение христијаните не го издржале така добро, како искушението преку гонењето. Од гонети, христијаните неретко станувале гонители, се соблазнувале од царството на овој свет, од власта над светот. Имено, тука христијаните ги примиле оние изопачувањеа на Христијанството, кои станале предмет на обвиненија против него. И повторно, Христијанството не е виновно за тоа, што луѓето не успеале да извлечат радост од неговото торжество во светот, и што тоа торжество се претворило во изопачување на самиот образ на Христијанството. Христос одново бил распнат од луѓе, коишто себеси се сметале за Негови слуги на земјата, но коишто не можеле да го сфатат духот на Христијанството.

(продолжува)

Николај Берѓаев

Прв дел    Втор дел    Трет дел

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *