Берѓаев: За достоинството на Христијанството и недостоинството на христијаните (5)

5. Нашите современици, веќе многу далеку од2501-f4f1e Христијанството, често мислат дека христијанската Црква треба да се состои од совршени луѓе, од светители, и ја осудуваат затоа што во неа има грешни, несовршени, лоши христијани. Тоа е најекплоатираниот аргумент против Христијанството. Но, тука недостасува разбирање за суштината на Црквата. Таа постои пред сè и токму за грешните, за несовршените, за смртните. Црквата секогаш снисходи во грешниот свет и дејствува среде стихиите на светот, среде потонатите во гревот. Црквата е небесна по својот происход, и вечна во својот темел, но дејствува на земјата и во времето. Таа не стои во висините, далеку од грешниот свет, којшто се грчи во маки. Таа треба да му помогне пред сè на тој свет, да го спаси за вечен живот, да го воздигне кон небесата. Суштината на Христијанството е во соединувањето на вечноста и времето, на небесата и земјата, на божественото и човечкото, а не во одделувањето од времето, од земјата, од човечкото. Временото, човечкото, не треба да се оддалечува и отфрла туку да се просветлува и преобразува. Во првите векови на Христијансвото имало една  секта т.н. монтанисти коишто тврделе, дека Црквата се состои исклучиво од совршени и свети, и сакале да се исклучат од неа сите грешни и несовршени. За монтанистите, Црквата била заедница на луѓе што ги примале особените дарови на Светиот Дух. На тој начин, поголемиот дел од грешното христијанско човештво останувало надвор од Црквата. Вистинското црковно сознание го осудило монтанизмот, и го утрдило сфаќањето за Црквата како заедница на грешни коишто се спасуваат. Светиите се ограда и поддршка на Црквата, без таа да се состои исклучиво од нив. Нејзе ѝ припаѓа човештвото, коешто се спасува од своите гревови, во сите степени на неговото усовршување. Црквата на земјата е Црквата којашто војува, којашто се бори со злото и гревот, и сè уште не е прославена. Самиот Христос одел помеѓу митарите и грешниците, заради што и Го осудувале фарисеите, а Црквата Христова треба да Му се уподобува на Христа. Таа не може да биде само со чистите и совршените, таа треба да биде најмногу со паднатите. Христијанството, коешто би ги признавало само чистите и совршените, би било фарисејско Христијанство. Состраданието, снисходењето, милосрдието – кон ближните натрупани со гревови и несовршенства, е дело на христијанска љубов, барање на христијанско совршенство. Да се осудува Христијанството за онаа земна кал којашто се прилепила за Црквата, во нејзиниот историски од, е фарисејство. А тешко дека тие што ја осудуваат се така чисти и совршени.

Монтанизмот е пример за лажен максимализам во Христијанството. А таквиот  максимализам има нехристијанска природа и е пројава на духовна гордост, на недостиг на љубов, на лажен морализам. Измамата на максимализмот се состои во тоа, што поставуваме максимални побарувања не кон себе си, туку кон другите. Ги осудуваме другите за тоа, што не пројавуваат максимална чистота, совршенство, светост, а самите не се заземаме да ја оствариме таа максимална чистота, совршенство и светост, без да се осудуваат другите. Светите старци се мошне снисходливи кон луѓето. Човекот треба да поставува максимални изискувања пред сè кон себеси, а не кон останатите. Да се поставуваат максимални изискувања кон другите е особено лицемерие и фарисејство. Христијанството е религија на љубовта и како таква ги обединува суровоста, строгоста, максималните изискувања (пред сè кон себеси), со снисходењето, милосрдието, мекоста (во односот кон ближните). Оние,  пак, коишто го осудуваат Христијанството врз основа на гревовите на христијаните, дури и самите не се обидуваат да ги остварат неговите врвни побарувања. За нашите современици тоа осудување е само повод да ја изразат нивната омраза кон Христијанството, и е оправдување за нивното предавство кон него. Тие се прикриваат зад лажен морализам.

Во тој однос, Христијанството мошне многу се разликува од толстоизмот, којшто е нереален морализам. Лав Толстој радикално и жестоко го критикува т.н. историско Христијанство, и неговата критика е честопати оправдана. Тој тврди, дека Христијанството се исповедало само како апстрактно учење без да се оправдува во животот, без да се исполнуваат Христовите завети. За самиот Толстој, Христијанството се исцрпува со етичко учење на Христа, со Неговите заповеди, а таинствената, мистична страна на Христијанството му е туѓа и несфатлива. Тој мисли, дека сè зависи од вистинското сознание и дека лесно може да се оствари она, што е веќе осознаено. Ако се осознае вистинскиот закон на животот, законот на Господарот на животот, т.е. на Бога, поради самото тоа тој веќе лесно може да се примени. Лав Толстој не ја признава слободата на човекот и не го чувствува злото всадено длабоко во човечката душа. За него злото секогаш е последица на лажно сознание, погрешно разбирање на животот. Тој го гледа изворот на злото во сознанието, а не во волјата, а не во слободата. И, затоа за победа на злото тој не чувствува потреба од Божја помош, од благодатта. Неопходно е само да се промени сознанието. За Лав Толстој, Исус Христос не е Искупител и Спасител, туку само голем учител на животот, возвестител на правилата на живеење, на етичките заповеди. И Лав Толстој смета, дека човекот лесно може да го оствари Христијанството во животот, дека полесно, поповолно, поумно – е да се живее според законот на љубовта, отколку според законот на омразата, според којшто светот денес живее. Тој вели, дека Христос учел да не се прават глупости. Христијанството не се остварувало во живот, Христовите заповеди не се исполниле, зашто тоа го попречувало лажното богословско учење коешто го насочува сето свое внимание на Самиот Христос, очекувајќи сè исклучиво од искупувањето извршено од Него и од Божјата благодат. И Лав Толстој грубо се нафрла врз црковното Христијанство. Тој е во право кога бара сериозен однос кон Христијанството, кога повикува кон остварување на Христовите заповеди во животот, но страшно се заблудува кога мисли, дека е лесно да се стори тоа, дека е доволно нашето сознание и дека тоа може да се случи без Христос – Спасителот, без благодатта на Светиот Дух. Лав Толстој бара од луѓето максимализам во остварување на Божјите заповеди и самиот паѓа во лажен морален максимализам. Самиот тој не може така лесно да го оствари во живот своето учење, коешто го исповедаше. Тој не можеше да го стори тоа до крајот на својот живот, и затоа едвај пред самата смрт, го напушти своето семејство и стана патник – намерник (странник), но само за неколку дни.

227

Учењето на Лав Толстој и неговиот животен пат се многу поучни. Лав Толстој го осудуваше Христијанството и го сметаше за вистинско само своето сопствено Христијанство. Тој обвинуваше поголем дел од луѓето за неморалност, затоа што не се откажуваа од својот имот, не работат физичка работа, јадат месо, пушат итн. Но, тој не беше во состојба да го оствари моралниот максимализам во својот живот. Љубовта за него се претвори во безблагодатен закон и извор на осуда. Лав Толстој беше особено критички расположен и кажа многу точни нешта за гревовите на христијанскиот свет, за гревовите на христијаните. Тој оправдано го изобличуваше нехристијанскиот карактер на културата и општеството. Но, од христијаните, тој не го гледаше само Христијанството, го пропушташе заради гревовите, несовршеноста и извртувањата од самите нив. Тој не Го прими во себе  Христа. Христос за него остана само надворешен учител на животот. Лав Толстој беше генијален човек и ревносно ја бараше Божјата вистина. Но, големо мноштво луѓе, коишто не го поседуваат ниту неговиот гениј, ниту неговата жед за Божјата вистина, го осудуваат заедно со христијаните и самото Христијанство, нестремејќи се во животот да остварат некакво совршенство, и нестрадајќи од прашањето за смислата и оправданоста на животот.

(продолжува)

Николај Берѓаев

Прв дел    Втор дел    Трет дел    Четврти дел

Еден коментар

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *