А. Тарковски: „Верата е единственото нешто што може да го спаси човекот“ (2)

Втор и последен дел од интервјуто

tarkovski sacrifice

Брант. Во „Жртвопринесување“, сомнежите на Александар после посетата на Марија се сомнежи во сопствената вера; сомнежите на Марија, која не се решава да му се оддаде на Александар, се поврзани со вистинитоста на љубовта. Дали сепак може да се зборува за еден ист сомнеж?

Тарковски. Единствен начин да се покаже искреноста на овие двајца херои е да се надмине почетната невозможност на нивните односи. Заради тоа секој од нив е должен да се издигне над сите различности.

Брант. Дали филмот „Жртвопринесување“ е развиток на Вашите уметнички потраги?

Тарковски. Ако зборуваме сериозно, во тој филм ми успеа целосно да го разоткријам моето разбирање на светот од страна на современиот човек. Но, од уметничка страна, „Носталгија“ ја ставам над „Жртвопринесување“, бидејќи тој не е изграден врз развој на некаква идеја или тема. Неговата единствена цел е поетскиот образец, додека „Жртвопринесување“ се заснова на класична драма. Токму затоа давам предност на филмот „Носталгија“. Секогаш се восхитував на Бресон за она чувство на преемственост или логички взаимности, кои се создаваат од филм во филм. Тоа чувство се појавува од законитоста на такви епизоди како, на пример, излевањето на чаша вода во мијалник секое утро. Тоа го сметам за многу важен момент. Не ги сакам случајностите во филм. Најпоетскиот образец, дури незначителен и неоснован, секогаш е закономерен, а не случаен.

Брант. Се има впечаток дека филмот „Сталкер“ е близок до „Жртвопринесување“.

Тарковски. Точно. За мене „Жртвопринесување“ од сите мои филмови е внатрешно најпоредочен. Станува збор за опсесивната идеја на чистота и сувереност на сопственото „јас“, која може да го доведе човекот до избезуменост.

Брант. Зошто го избравте свети Антониј како централен лик на еден од Вашите следни филмови?

Тарковски. Ми се чини дека сега е многу важно да се размисли над онаа противречност што секогаш постоела во срцето на човекот: што е светост и што е грев? Дали е воопшто добро да се биде свет? За Православната црква, поимот на заедничарење со другите луѓе е еден од централните. За православните христијани, Црквата е обединување на луѓето, поврзани со исти чувства со иста вера. Кога светецот го напушта човечкиот свет и заминувам во пустина, природно го поставуваме прашањето, зошто тој го направил тоа? Одговорот се сугерира самиот: затоа што тој сакал да си ја спаси сопствената душа. Во таков случај, дали тој размислувал за останатото човештво? Мене цело време ме мачи прашањето за соодносот меѓу спасението на душата и учеството во животот на заедницата.

Брант. Но, зошто сепак го избравте свети Антониј?

Тарковски. Можеше да биде било кој друг… Во дадениов случај, мене повеќе ме интересира со каква цена се достигнува рамнотежата меѓу материјалното и духовното. Се плашам дека оние што мислат дека нашле излез, не ја кажуваат целата вистина.

Брант. А што ќе кажете за Вашата идеја на филм за Хофман?

Тарковски. За Хофман! Тоа е стара приказна. Многу сакам да ја употребам таа тема, за да поговорам за романтизмот воопшто и засекогаш да завршам со тоа. Ако ја помните историјата на животот и смртта на Клејст и неговата невеста, ќе разберете што имам предвид. Романтичарите се обидувале да го претстават животот поинаков од она каков што тој во суштина е. Нив најмногу ги плашела рутината, стекнатите навики, односите со животот како со нешто предодредено, предвидливо. Романтичарите не се борци. Кога тие гинат, тоа се случува заради невозможноста на мечтата, создадена од нивната фантазија. Мислам дека романтизмот, како начин на живот, е многу опасен, зашто придава првостепено значење на личниот талент. Во животот сите нешта се поважни, отколку личниот талент.

Брант. Во што конкретно се пројавува Вашиот однос кон Православната црква?

Тарковски. Тешко е да се каже во што конкретно. Јас живеев во Советскиот Сојуз, се преселив во Италија, а сега се наоѓам во Франција, немав можност да поставам нормални односи со Црквата. Ако одев на служба во Фиренца, таа се одржуваше на грчки, а друг пат – на италијански и никогаш на руски. Се разбира, зборувам за Грчката православна црква. Неодамна бев длабоко потресен од средбата со владиката Антониј (Блум) во Лондон. Односите со Црквата претпоставуваат релативно утврден режим на живот. Јас сум во ситуација на човек, кој преживеал бомбандирање, затоа е тешко да се очекува да имам нормални односи со Црквата.

Брант. Постои мислење, дека Луначарски, писателот и болшевик, говорел за религиозниот карактер на револуцијата од 1917 година. Што ќе кажете за тоа?

Тарковски. Каде го зборувал тоа? Глупости! Освен со тоа што сакал да го истакне својот восхит од револуцијата. Но, се сомневам дека тој искажувал вакво мислење, иако кога требало да се извојува популарност, некои комесари зборувале и признавале сè и сешто.

Брант. Имам впечаток дека Вас Ве привлекува темата на Апокалипсисот, како да сакате да го приближите.

Тарковски. Не, само се обидувам да го разберам нашето место во денешниот свет, а Апокалипсисот говори за крајот на сè…

Брант. Во својата книга „Духовидци“, Оливие Клеман пишува дека философот Фјодоров сакал да ја претвори традиционалната индивидуална тема на аскетизмот во колективна, според негово мислење, тоа треба да доведе до радикални промени во културата. Што мислите за тоа?

Тарковски. Ако аскетизмот и внатрешните духовни усилби можат да повлијаат на светот, тогаш зошто развитокот на општеството во текот на четири илјади години довело до вакви катастрофални резултати? Пред две илјади години имало потреба од Голгота, за да се упати човештвото кон патот на вистината. Но и тоа не помогнало. Мачно е да се осознава бесполезноста на слученото, иако во одредена смисла Голгота им помогнала на луѓето да стекнат стремеж кон духовните висини. Ако ја немало неа, тогаш би немало ништо.

Брант. Неколкупати видов дека го читате Берѓаев. Дали се сметате себеси за негов следбеник?

Тарковски. Секако, не! Јас не ги споделувам неговите гледишта. Некогаш тој го поставува проблемот на таков начин што можеш да помислиш дека тој го знае неговото решение. Не им верувам на таквите луѓе, како Штајнер или Берѓаев. Во спротивно, ние треба да признаеме дека има луѓе со претходно дадено знаење, а тоа е невозможно!

Брант. Зошто христијаните понекогаш велат: „Христос е единствениот одговор“?

Тарковски. Единственото нешто што вистински го имаме е верата. Волтер рекол: „Ако не постоел Бог, Него требало да го измислат“ и не затоа што тој не верувал, иако и така било. Причината не е во тоа. Материјалистите и позитивистите сосема неточно ги протолкувале неговите зборови. Верата е единственото нешто што може да го спаси човекот. Тоа е моето најдлабоко убедување. Инаку, што би можеле да направиме? Тоа е единственото нешто, кое човекот неспорно го има. Сè друго е несуштинско.

Брант. Како Вие ќе ги интерпретирате зборовите на Достоевски: „Убавината ќе го спаси светот“.

Тарковски. Таа изрека била подложена на многубројни толкувања, понекогаш вулгарни и примитивни. Со сигурност, кога Достоевски говорел за убавината, тој предвид ја имал духовната убавина која, на пример, ја имале кнезот Мишкин или Рогожин, а не физичката убавина, како на Настасја Филиповна, која всушност била обична падната жена…

Брант. Говоревте дека човекот треба да твори по образот и подобието на својот Создател…

Тарковски. Тоа истовремено е и важно, и неважно… За мене е исто како да дишиш чист воздух…

Брант. Дали ги разграничувате поимите уметник и светец, монах?

Тарковски. Секако, тоа се различни животни патишта. Светецот или монахот не творат, бидејќи не се поврзани непосредно со светот. Обичната позиција на светецот или монахот е неучеството. Таа идеја има многу заедничко со источните верувања, нешто слично во будизмот. Додека уметникот… бедниот несреќен уметник… треба да шлапа по кал, во центарот на сето она што се случува наоколу. Сетете се на францускиот поет Рембо, кој посакал да не биде поет. Можат да се најдат многу вакви примери.

Кон монахот чувствувам сожалување, зашто тој живее половичен живот, реализирајќи само дел од себе. Уметникот ќе го распламти својот талент, тој може да застрани, да биде заблуден, неговата душа е секогаш во опасност.

Истовремено не треба светецот да се противставува на поетот, како ангелот на ѓаволот. Сè зависи од тоа во каква ситуација се наоѓа човекот. Светецот наоѓа спасение, уметникот можеби не. Јас верувам во божествена предназначеност.

Херман Хесе рекол: „Целиот свој живот сакав да станам свет, но сум грешник Можам само да се надевам на помошта од Господа“. И јас сум уверен дека моите дејствија ќе доведат до саканите резултати…

Постои сличност меѓу светецот и уметникот, но неопходно е да се види и разликата, која се состои во тоа што човекот или се обидува да биде сличен на својот Создател, или се стреми да ја спаси својата душа. На тој начин, прашањето е или за спасение на самиот себе, или за создавање на духовно побогата атмосфера во целиот свет. Кој знае уште колку ни остана да постоиме? Треба да живееме со таа мисла, дека Господ утре може да нè повика кон Себеси. Многу гении го потрошиле животот, обидувајќи се да одговорат на прашањето што Вие ми го задавате. Тоа е тема за филм! Ако се обратам кон ликот на свети Антониј, најверојатно, ќе ја допрам неа. Ќе се обидам да го разберам и објаснам ова болно за сите луѓе прашање. Конечно, не е важно, ќе умреме ли или не, зашто сите ние ќе умреме – или сите заедно, или секој поодделно.

„Значењето на религиозната вистина е надежта. Философијата бара вистина, одредувајќи го значењето на човечката дејност, границите на човечкиот разум, смислата на постоењето, дури кога самиот философ доаѓа до заклучок за бесмисленоста на постоењето и бесполезноста на човечките напори.

Основното значење на уметноста не е во тоа, како што често мислат, да се изнесуваат идеи, да се пропагираат мисли, да се даде пример. Целта на уметноста е да го подготви човекот за смртта, да ја возвиси неговата душа, за да може таа да се обрати кон доброто.

Ремек-делото така ќе делува над човекот, што тој почнува да го чувствува во себе оној призив кон вистина, според кој се раководел уметникот, создавајќи го. Кога се утврдува контактот меѓу уметничкото дело и човекот, кој него го восприема, последниот доживува потрес кој ја очистува душата.

Кога гледачот се наоѓа во поле, кое зрачи со величествено уметничко дело, се разоткриваат најдобрите страни на неговата душа, која се стреми кон ослободување. Во такви моменти се случува осознавање и откривање на себеси како личност, надоаѓа чувство на безграничност на творечкиот потенцијал, од длабочините на нашите чувства што немаат дно“[1].

[1] Тарковский А. Запечатленное время. Размышления о кино. Лондон. Бодли Хэд, 1987, с. 43.

Извор: www.tarkovskiy.su

Прв дел

Превод: презвитер Георгиј Глигоров

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *