Берѓаев: За достоинството на Христијанството и недостоинството на христијаните (6)

6. Погрешна е мислата, дека е лесно да се остварат Христовите завети и дека Христијанството не е вистинска вера, затоа што христијаните лошо ги оствариле заветите на својата вера. Не помалку погрешо е да се мисли, дека не е неопходно да се обидуваме да го оствариме Христијанството во сета полнота на животот, дека не е неопходно да се стремиме кон совршенството на Небесниот Отец, кон Царството Божјо. Целиот живот на христијанинот треба да стои под тој знак: Барајте го најпрвин Царството Божјо и сè друго ќе ви се даде. Не треба да се парализира волјата кон совршенството, кон Божјата вистина, кон Царството Божјо, врз основа на тоа, дека човечката природа е огревовена и дека совршенството е недостижно на земјата. Човекот треба да ја остварува Божјата вистина, независно од тоа дали таа во полнота ќе се оствари во животот. Малкумина на земјата нека ја остварат Христовата вистина, нека човекот ја оствари само за еден час во својот живот, но таа нека се остварува. Ако постојаните укори на луѓето, дека христијаните не го остваруваат Христијанството во животот преминат во одречување на самото Христијанство, тогаш тие (луѓето) се лицемери; но не е помало лицемерие одречувањето да се оствари Христовата вистина врз основа на тоа, дека таа е неостварлива. Вистинскиот пат е токму во усилбите да се оствари Христовата вистина, во барањето на Царството Божјо, неосудувајќи ги другите луѓе – ближните.

img18-02

Христијанството зачекорило во сосема нова епоха, кога човекот повеќе не може да се однесува надворешно кон својата вера и да се ограничува со обредно благочестие, кога христијаните ќе треба посериозно да се однесувааат кон остварување на своето Христијанство, во сета своја полнота на животот, треба да ја остварат верата на својата личност, живот, верност кон Христос и кон Неговиот завет – љубовта, со кои ќе ѝ се спротивстават на злобата во светот. Во нашата Православна црква денес се извршува одбирањето на најдобрите, најискрените, најпламените, најподготвените на жртва, најверните на Христа, и отпаѓањето на оние што биле само надворешно, по традиција православни, без да ја разберат смислата на својата вера и она, со што таа ги задолжува. Би можело да се рече, дека одминува времето кога се мешаше Христијанството со јазичништвото, а настапува време на многу почисто Христијанство. Христијанството многу губеше од тоа,  што беше преовладувачка, државна религија, и Црквата се соблазнуваше од мечот на кесарот, кон којшто прибегнуваше за насилства врз оние, чиешто учење се разликуваше од преовладувачкото. Затоа во сознанијата на многумина, Христијанството беше престанало да биде вера во Крстот, со него се поврзуваше образот на гонителот, а не на гонетиот. Од многумина Христијанството се примаше како осветување на јазичничкиот бит, без вистинско просветување и преобразување. Но, сега настапуваат времиња кога Христијанството одново станува гонето и затоа од христијаните се бара повеќе хероизам и жртвена љубов, повеке автентичност и познавање при исповедањето на верата. Настапуваат времиња кога христијаните ќе престанат да бидат соблазна за Христијанството.

(продолжува)

Николај Берѓаев

Прв дел    Втор дел    Трет дел    Четврти дел    Петти дел

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *