Биоетика (11): За сидата од духовен аспект: казна или ѓаволски пронајдок
Како Вие ја сфаќате СИДА-та од духовен аспект: како казна или ѓаволски пронајдок?
Во „Списанието на Московската Патријаршија“ од 1985 година се наоѓа, најверојатно, првото споменување за таа болест во советскиот печат. Станувало збор за некоја екуменска средба на Запад, а помеѓу другото авторот напишал: „Исто така, учесниците на средбата беа информирани, дека се појавила некоја нова болест, наречена ЕЈДС, која ги поразува грешниците“. Авторот, очигледно, со недоверие пишувал за тоа. Јас, исто така, кога првпат го слушнав тоа, доживеав плесок на недоверие: не може да има таква болест што ги поразува само хомосексуалците, проститутките и наркоманите! Тоа би било многу очигледно чудо! Кога се покажа, дека тоа е навистина така, тогаш првата реакција беше шокантна: тоа навистина е некоја казна Божја. При што, независно од потеклото, дури и да се следи верзијата, дека болеста не се појавила по природен пат, туку била создадена во лабораторија. Но, во Христијанството, секоја болест што влегува во мојот живот е од Бога.
Од Бога, пред сè, значи дека не од ѓаволот. Најглупавата и најпримитивна реакција е да се смета дека болката, што влегла во мојот живот, е од ѓаволот. Од тоа ќе започнат потраги: кој фрлил магија, кој проколнал. Ќе се појават гранки на омразата: самооправдување, осудување на другите, фатално сомневање. Духовенството никогаш не го поздравувало тоа. Ако дошла несреќа, тогаш имај храброст да кажеш, дека Господ те става во такви услови, и дека ти треба преку таа болка да пораснеш.
При што, не треба да се говори, дека секоја болест е токму казнување, испратено од Бога за гревовите. Во светот на нашата вера, сè е посложено.
Да, се случува болеста да биде последица од гревот. Јас не говорам во вулгарна смисла, на пример, по пијана ноќ како последица се појавува сифилис. Станува збор за нешто посокриено и затоа посериозно. Како што рекол англискиот писател Клајв Луис (обратен во Христијанство преку проповедта на Толкин): „Бог ни шепоти со гласот на љубовта, ни говори со полуглас преку гласот на совеста и ни вика преку гласот на страданијата“. Се случува, болеста и болката да дојдат во животот на човекот, затоа што тој порано им причинувал таква болка на другите луѓе.
Но, сепак, тоа не е „законот на кармата“. Последицата овде не е копија на причината. Секој грев, а уште повеќе упорниот, вкоренетиот – е отпадништво од Бога. А каде може да се отпадне од Бога, Кој е Извор на животот, Извор на смислата? – Тоа е отпаѓање во светот на умирањето, во светот на агонијата. Болеста и е првиот грч на агонијата.
И, сепак, не треба да се смета, дека секоја болест е казна за гревот и последица на гревот. Црковното поучение (Синаксарот), што традиционално се произнесува во четвртата недела по Пасха (во „Неделата на раслабениот“) вели: „Не секоја болест е од гревот, туку и од природна слабост, и од прејадување и од неполезности и многу други нешта“.
Неодамна во Киев, митрополитот Владимир вака ги одвраќал и поучувал некои премногу „духовни“ свештеници: „Во Киев има некои свештенослужители, коишто практикуваат читање (на молитви за изгонување на бесови) без никаков благослов за тоа од раководниот архиереј или епархискиот духовник. Тоа се сериозни нешта, не смее да се игра со тоа. Тие ги удвојуваат заблудите на нашиот верник, речиси дури и неверен народ, дека секоја болест е веќе демонска опседнатост. Кон тоа се поставуваат: успесите и неуспесите, дали зачешало левото уво или десното, дури лошото и доброто расположение – сето тоа е од ѓаволот. На тој начин, се случува извртување на црковното сознание. Да, навистина, демонот е реална сила, демонот е разумна сила, темна сила, којашто реално постои и дејствува во рамките на допуштението Господово. Но, демонот не е главното раководство на сиот црковен народ. И да се припишуваат на демоните такви широки можности, какви им даваат некои други свештеници, не смее. Што и да се случи – сè е од демонот, ајде молитви. Бидејќи му се допаѓа на народот, ова е исплатливо… Ваков однос е недопустлив како за младите, така и за постарите свештеници. Недопустливи се, затоа што го провоцираат народот и го одведуваат на страната на заблудите. Тоа е навистина – наговор демонски. Читање треба да се врши многу претпазливо. Да, има молитви од Василиј Велики, има молитви во Требникот за изгонување на нечиста сила, но, повторувам, сè, без да се испита од почеток до крај, да се припишува на демонот – тоа е многу штетна заблуда, која, најчесто, се распространува меѓу младото духовенство. Токму ова и се нарекува младостарчество“.
Многу во нашиот живот ни доаѓа, не од нашето минато, туку од нашата иднина. Господ може да даде болест заради тоа, луѓето, коишто се до тебе, да можат во опитот на згрижување на болен човек, во опитот на сострадание, да ги исцелат своите души. А, можеби, Господ доближува до болката, за твојата душа да се измени во тој опит. За ти потоа, од другата страна на болеста, да се оспособиш да вместиш во себе повеќе, отколку што си можел да вместиш пред болеста. Така што, за христијанинот е многу важно да не се предава на провокација од поврзување на туѓите болести со туѓите гревови. Ако јас, откако се разболам, кажам: „Да, Господи, јас достојното според делата мои го примам“, тогаш тоа ќе биде добра формула, морална. Но, ако јас пријдам кон друг болен човек и кажам: „Ти си болен. Значи, во животот си имал гревови и ти за нив плаќаш“ – тоа ќе биде глупост. Здравиот нема право да го суди болниот, каква болест и да има.
ѓакон Андреј Кураев
Прв дел Втор дел Трети дел Четврти дел Петти дел
Шести дел Седми дел Осми дел Деветти дел Десетти дел
Г.Г.