Отец Томас Хопко: Младоженецот и Невестата

GREECE-RELIGION-EASTER

Треба да знаеме уште едно нешто: Нимфиос, Младоженецот, доаѓа да умре за Својата невеста. Доаѓа Самиот да биде разголен, понижен, омаловажен, доаѓа да ја конзумира Својата љубовна афера на Крстот. Тереза од Лизио, една прекрасна римокатоличка светителка рекла: „Крстот е постелата на која Синот Божји ја конзумираше Својата љубовна афера со Неговата создадена грешна, проколната и мртва невеста.“ И кога Исус висеше на Крстот и умираше, според Евангелијата на Матеј и Марко, повика со силен глас: Боже мој, Боже мој, зошто Ме остави!? (Мт 27,46; Мк 15,34). А ова се првите зборови на 21 псалм (кој пророчки говори за Христовите Страданија)… Според научниците, тој глагол остави се употребува само на уште едно место во Светото писмо, во Битие, кога се вели: Затоа човекот ќе ги остави татко си и мајка си и ќе се прилепи кон жената своја; и (обата) ќе бидат едно тело (басар ехад) (1Мојс 2,24). Тој збор ехад е истиот што се користи и во молитвата Шма Јисраел: Послушај, Израиле: Јахве е Бог, нашиот Господ е Бог и Он е Еден (ехад) (види 5Мојс 6,4-5). И рабините се прашуваат, како е можно да се употреби овој збор ехад, еден, зашто тој се употребува за случај кога двајца стануваат едно. Термин за математичко еден е јахид, а не ехад. И затоа велат, како е можно истиот збор кој говори за единството на Бога да говори и за единството на мажот и жената, кога двајца стануваат едно? Во една од мистичните традиции на јудаизмот се вели вака: „бидејќи Самиот Јахве Господ е еден единствено кога е совршено едно со својата создадена невеста – Израил, со Неговиот народ, со Неговите возљубени“. И тука е тоа единство, единството меѓу Младоженецот и невестата што го имаме ние. Христос е Младоженецот, ние сме невестата. Тоа е совршено единство. Ние стануваме со Него едно тело. Ап. Павле, пак, вели: оној, кој со блудница се соединува, станува едно тело со неа (1Кор 6,16). Но ние кои сме прилепени кон Бога, не само што стануваме едно тело, но и еден дух со Него. Совршено едно, едно со Исус со истото единство што Он го има со Бог Отецот. Он во Својата последна молитва, во Евангелието според Јован, рече: за да бидат сите едно, како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе; па така и тие да бидат во Нас едно (види Јн 17,21). Совршено едно.

Па така, кога Исус повикува на крајот од Страдалната Седмица, во Петокот: Боже мој, Боже мој, зошто Ме остави?, одговорот е даден на првата служба, во првите стихови од почетокот на Страдалната Седмица, кога му се обраќаме Нему како Младоженец. Зашто, кога Он прашува: Боже мој, Боже мој, зошто? Одговорот е: Бидејќи Ти, Сине Мој, Си Младоженецот. Морам да Те оставам и Ти треба да Ме оставиш, па дури и Твојата земна Мајка Марија треба да Те остави, а и Ти треба да ја оставиш Неа (според Евангелието на Јован, Он ја предава на Својот возљубен ученик Јован Богослов). Ти треба да бидеш оставен Сам, треба да бидеш отфрлен од сите и од сè, не само од созданието, дури и од несоздаденото, од Самиот Бог. И кога Исус висеше целосно осамен на Крстот, оставен од Бога, оставен од апостолите, од Своите луѓе, од римскиот император, целосно отфрлен, целосно сам, освен со разбојниците со кои беше распнат – и во тој момент Он станува едно со Неговата грешна, проколната и мртва невеста. И станувајќи грев за неа, таа станува света, станувајќи клетва за неа, таа станува благословена, со Неговата смрт, таа станува жива и станува едно со Него. Невеста и Младоженец. Совршено едно. И таа е одведена од Младоженецот во брачната одаја и во Светињата над светињите што е над небесата и пред самото лице на Бог Отецот, за Отецот на Младоженецот да биде и наш Отец. Он доаѓа да ја одведе Својата Невеста во домот на Својот Отец, Бога, да живее вечно во раскошот и славата на свадбената вечера, на гозбата на Јагнето, каде што ние не сме само гости, туку сме и Невестата.

отец Томас Хопко

Прв дел    Втор дел

Подготвил: Георгиј Глигоров

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *