Постот – промена на животната философија (2)

Смислата на првата Божја заповед

Значи, демонската сила атакува на трите основни потреби на човечкото битие. Така било и во почетокот, така е и сега. Сета модерна цивилизација може да се протолкува низ призмата на ова првобитно искушение, Евиното. Интересно е дека исто такво искушение Му се нуди и на Христос во пустината. Во четвртата глава од Евангелието според Матеј се говори како настапува големиот пустински дух – тоа генијално го опишува Достоевски – „претвори ги камењата во лебови, гладен си. Претвори ги камењата во лебови и целиот свет ќе тргне по тебе“. Нели модерните системи, се до системот на современото потрошувачко општество, а да не зборувам за марксизмот, токму на тоа искушение придобиле милиони луѓе за себе? Леб и игри нуделе уште и древните римски императори. На првото искушение се слушаат зборовите Христови: Не само од леб  ќе живее човекот , туку и од секој збор кој излегува од устата на Бога. Преку Христовата победа над искушението на кое паднала Ева, нам ни се открива смислата на првобитната заповед. Од секое дрво јади, но од дрвото на познанието на доброто и злото немој да јадеш. Што тоа всушност значи? Во што е сржта и смислата на оваа првобитна заповед?

Бог му ја дал природата и сета твар на човекот на употреба. Но не му разрешил злоупотреба на тварта. Првобитната заповед е призив кон човекот да воспостави правилен однос кон себеси, кон Бога, кон тварта околу себе. Оваа заповед стои како проверка на неговата слобода, на неговата волја, на неговиот став. И му вели: Употреби го созданието, но на начин кој е согласен со твојата природа и со твојот вечен призив. Што ѝ нуди демонот на Ева? Ѝ ја нуди неговата природа. Ѝ вели дека таа е единствен извор на нејзиниот живот, на нејзиното знаење, на нејзиното познание на доброто и злото. Ѝ вели дека заповедта не е извор на нејзиниот живот, туку ја ограничува нејзината слобода, нејзиното битие. Бог наводно тука нејзе ѝ поставува граница. Огромна лага! Значи ѝ вели: Врати се само на себеси, ќе сокријам дека ти си ограничена, врати ѝ се на природата, ќе сокријам од тебе дека природата според своето устројство е ограничена. Не е за тебе храна зборот кој излегува од устата Божја, односно таа заповед, како мерка на постоењето, како призив човекот да го употребува светот и преку него да возрастува и созрева за јадење на посовршена храна од онаа која  ја дава светот и созданието.

Природата, тоа се „камењата“. Не може човекот, кој е посовршено битие од природата, да го открие своето совршенство и да постигне полнота на своето битие во природата која е од него помалку совршена. И тука е неговиот пад, падот на Адам и Ева, падот на секое човечко битие од Адам и Ева до денес. Штом се свртува кон природата, штом ја обоготворува природата, се обоготворува себеси, тогаш храната од природата ја смета за единствена, а за тварта смета дека е извор на неговото знаење на доброто и злото и на најдлабоките негови мудрости. Убавината на созданијата околу себе ја смета за единствена убавина, смета дека е тој полнотата на убавината за која чезнее; дека храната од природата е полнотата на храна за која чезнее и дека знаењето кое го црпе од природата, од тварта, е полнота на знаење со кое тој се заситува себеси и задобива „гордост“ во животот. Односот кон тварта, кој е осветлен со Божествениот збор се пореметува, бидејќи се потиснува вистината за Божјата заповед. Таа се прогласува за лага, а ова се подметнува како вистина.

Мнозина од Светите Отци тврдат, не без причина, дека таа првобитна заповед Божја, била заповед за пост, всушност повик кон човекот за распнување на својот ум. Свети Григориј Палама зборува дека со таа заповед е предукажана тајната на Чесниот Крст. Посниот однос кон тварта, е однос на воздржание во смисла на почитување на самата твар и во смисла на трагање по нешто многу посовршено од самата твар. И како што се вели кај Светите Отци, човекот преку својот пад всушност ја погазил заповедта – за пост. Првата Божја заповед, во која се содржани сите други. Тој со тоа се отуѓил од Бога, зашто Божјиот збор е токму таа сила со која човекот се држи за Бога. Затоа и вели: Во оној момент кога ќе вкусиш, ќе умреш. Што значи: во оној момент кога ќе ја погазиш оваа заповед, кога ќе се одречеш од зборовите Божји, како храна, таа изворна и исконска мудрост која го осветлува твојот живот и твојата судбина, ти си се отуѓил од Бога, си паднал во светот, „јудол плачевна“, како што вели Његош, долина на тага и плач. Таму каде настапува човечкото слепило и каде што човечкиот живот е „страшно сновидение“. Тогаш веќе не знаеш ни кој си, ни што си.

Гордоста на повредениот ум и смиреноумие

Падот е всушност погрешен однос на човекот кон себе, кон Бога и кон тварта. Тука потоа се раѓа и многубоштво, обоготворување на сонцето, месечината, ѕвездите, обоготворување на друг човек, на себеси, на својот ум, на своето знаење. Токму првата недела од Великиот пост ни зборува за фарисејското високоумие, неговата „високоречивост“, „високоглаголание“, „гласот на неговата гордост“ – тоа се стари словенски изрази, полни со содржина и длабока смисла – за разлика од цариникот кој се удира себеси во гради и вели: Боже, биди милостив кон мене грешниот, кој е исполнет со смиреноумие, со „големината на смирените зборови“. Ако умовредната гордост (гордоста на повредениот ум) која ги затрула Адам и Ева, па тие со таа гордост ја погазиле заповедта Божја, е причината за човековото пореметување, тогаш почеток на човечката обнова е неговото враќање кон смирението пред Божјиот збор, пред вечната мудрост; и преку смирението примање на вечната светлина која тогаш го осветлува човечкиот пат и му дава вистинска мера на неговото знаење, на неговото однесување, на неговиот живот и животот на светот во кој се наоѓа.

Повик за духовен и телесен пост

Смиреноумието како темел на животната философија. И постот како пат да се задобие тоа смиреноумие на животот. Постот – не како формално придржување кон некои правила, јадења и сл. Првиот призив на постот е „Да постиме браќа духовно, да постиме и телесно“. Како и добродетелта, така и гревот се зачнува во срцето на човекот, па потоа оди понатаму. Кога ќе допре до умот потоа оди кон дело, кога ќе постане дело тогаш се извршува со човечкото тело; затоа, ако сака човек вистински да се обнови, да се промени, да го промени својот однос кон творението околу него, кон тајната на која почива, тој мора целиот да се ангажира во таа нова „промена на Десницата Господова“. А таа промена е токму она на кое призива постот, како враќање кон исполнувањето на првобитната заповед.

Нема вистинска обнова на човечкото битие, нема промена во човекот, вистинска, морална, духовна, економска, душевна, без постот. Нема поважна должност, токму за модерниот човек од неговото враќање кон постот. Постот – како длабинско преумување, пренасочување на целокупното човечко битие, како подвиг на човекот како што би рекол Солжењицин, на самоограничување, на воздржание, воспитание, на својата волја, на својата слобода. Тој и таков пост е нешто кое Црквата го проповеда од памтивек.

Прашањето за постот, значи е прашање на животна философија: прашање за обнова на човечкиот дух, на човечкото тело, на човечкото општество, на човечката заедница. Прашањето за постот е прашање за здравјето. Прашањето за постот е прашање за вистинска и права љубов и најдлабоко човекољубие.

митрополит Амфилохиј (Радовиќ)

Подготвила: Мирјана Златанова

Прв дел

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *