Постот како милосрдие
Во древниот Патерик има ваков расказ, кој модифицирано често се случува во нашиот живот. Дошол некој човек кај старецот, духовникот, и му рекол: „Отец! Еве, постот настапува, што да јадам?“ Или како што еднаш слушав за еден свештеник во советската епоха. Дошла некоја жена и му рекла: „Отец, јас работам во советска институција, а таму не можам да постам, бидејќи во мензата таму, ден за риба е само четврток, сè е мрсно, и секогаш јадам пред очите на својот началник, партискиот координатор. Ако постам, ќе бидат поставени прашања. Што да правам, што да јадам?“ Како одговор слушнала: „Јади сè. Луѓе немој.“
Најважно е воздржанието од канибализмот. Не јади луѓе: не гневи се, не осудувај, не раздразнувај – тоа и ќе биде вистинска жртва. Во врска со тоа, добро е да обратиме внимание на уште еден детаљ.
Во последно време се појави проблем што не постоеше пред 8 или 10 години. Се појави едно извратување на постот, би рекол. Знаете, кога пред десетина години, во советско време, човекот започнувал да пости, тоа имало единствено значење: тој ќе јаде пржени компири, одвреме навреме заменувајќи ги со ориз и макарони, а на големите празници, ако се може, тој ќе си купи увозна икра од модар патлиџан (=ајвар) и одвреме навреме ќе ја додава на краевите од својата чинија. Ништо повеќе и не може да купи. Ѓеврек по пат ќе јаде. И постот навистина ќе биде пост.
А денес многу често ќе влезеш во православен дом и те послужуваат со „посен ручек“: бриселска зелка, октоподи, лигњи, школки. Навистина сè е посно. И кога сè ќе собереш – некакво увозно слатко, џем, посни маргарини, кокосово млеко (тоа е посно, но млеко, многу интересно) испаѓа дека тој „скромен“ посен ручек, всушност, чини поскапо од бифтекот. И тука се појавува прашањето: а што е смислата на нашиот пост? Св. Јован Златоуст вака ја појаснувал смислата на постот: „Пресметај колку пари чини твојот мрсен ручек, кога ти јадеш месо. Потоа пресметај колку ќе чини твојот ручек ако не јадеш месо, а разликата дај им ја на бедните.“ Ова е смислата на постот, вели тој. Не само да јадеш, туку за сметка на тоа да се стекнат вишок пари, со кои би можело да се помогне на човек.
А сега се случува феноменално нешто. Кај нас тоа сè уште не се чувствува, но јас некогаш сум се наоѓал во таква ситуација, кога бев во Италија, на пример. Православен манастир. И гледаш – тие не јадат риба, туку месо. Не кога е пост, туку кога не е. Но, според руските претстави, во манастир да се јаде месо – тоа е едноставно беззаконие. И јас, исто така, сето тоа го гледав со гнев, осудувачки: „Ама како тоа, ова е манастир и вие месо јадете тука. А да купевте риба!“ И ми објаснуваат: „Кај нас рибата е двапати поскапа од месото.“ Навистина, секој човек што ги знае западните цени на производите, знае дека рибата чини двапати поскапо, отколку некои пилешки копани, отколку месото. И се јавува прашањето: зошто тогаш манастирот би собирал пари од парохјаните, од даренијата, и тие пари да ги троши на надворешната страна на постот? Зашто, со надворешноста на постот – јадат риба, а всушност во исто време со таа риба ја јадат лептата на вдовицата. Така што треба и за ова да се предупреди. Сепак, постот е време, повторно велам, кога треба да бидеме малку подобри христијани од вообичаено. А да се биде христијанин – тоа не значи да се љуби само Бога, но и својот ближен.
Последно што сакам да Ви кажам. Ви говорев, дека саботите и неделите не се сметаат за денови на Великиот Пост. Но тоа не значи дека во тие дни црковниот устав претпоставува, еве, штом ќе дојде црковното утро, ти веднаш пржиш јајца за време на Велики Пост. Не. Станува збор за време, кога човекот може да се радува во храмот. Тоа е време, кога нема покајни молитви. Време, кога нема литургиски пост. Всушност, двете цели што ги спомнав – олеснување на молитвеноста и скротување на плотта – се такви офанзивни дејствија, кои имаат потреба од систематичност. За една седмица нема да добиеш ефект. Т.е. можеш да добиеш, но ако тоа е многу строг пост итн.
ѓакон Андреј Кураев
Прв дел Втор дел Трет дел Четврти дел
Г.Г.