Денот на свети Валентин (4)
Четврти и последен дел
Поопределено може да се каже за тоа, дали свети Валентин ги венчал вљубените[1]. Тоа сигурно не е повеќе од легенда. Легенда, затоа што се основа на несомнителен анахронизам: во времето на свети Валентин (во III век) едноставно не постоел посебен обред на црковно венчање на бракот. „Првичниот домашен свадбен обред се христијанизира со почетокот на IV век како на Исток, така и на Запад, пред сè со присуство на епископ или презвитер на него“[2]. Самото присуство на свештеникот се сметало за форма на признавање на законитоста на бракот од страна на Црквата. Во IV век можеме да видиме дека свештеникот читал благословувачки молитви во домот кај родителите на невестата или на брачниот пир.
Генерално, „од древната Црква бракот се сметал како тајна независно од тоа дали нему му претстоел црковен обред… Во стара Русија, венчањето било форма на заклучување на брак кај највисокиот народен слој и постепено проникнал надолу (на крајот од XVII век)“[3].
Но, во III век не постоела никаква специјална црковна тајна на брак. И со тоа ништо не можело да значи во очите на паганскиот император вршењето на брак од свештеник, кој е од секта, презирана и гонета од него.
Но, во религијата има закон: она, во што луѓето веруваат, постанува реалност. Можеби, апостолот Андреј не одел по бреговите на Дњепар и не стигнал до Валаам. Но, во Русија секогаш верувале дека тоа е навистина така? – значи, апостолот Андреј, навистина се сродил со нашата земја. Нашите молитви кон него и неговите молитви за нас, меѓу нас создале врска потрајна од чисто „историската“[4].
Постои и закон на логиката: „од лагата произлегува било што“. Се има предвид дека дури и од неправилно упатување може да се добие вистински заклучок. Ако луѓето сметаат дека св. Валентин бил казнет затоа што бил покровител на вљубените, и ако тие луѓе, поаѓајќи од таа вера, се молат на Валентин за своите љубени, тогаш дури и ако нивната претстава историски не е достоверна, сепак, св. Валентин и навистина се моли за нив.
Интересно е кога на „не-нашиот“„ден на Валентин“ пробуваат да спротивстават некој православен празник, што може да се претстави како „празник на светиите – покровители на вљубените“, тогаш обично предлагаат да се спомне за светите Петар и Февронија Муромски. Но, ако се чита нивното официјално црковно житие – тогаш зад општите зборови („бидејќи и двајцата свети и праведни луѓе, ја љубеле чистотата и целомудрието и секогаш биле милостиви, справедливи и кротки… двајцата примиле монаштво и се упокоиле во еден ден“) никако не се преминува историјата на нивната љубов.
Но, постои прекрасен споменик на старо-руската литература „Повест за Петар и Февронија“ (почеток на XVI век). И како таа ги обдарува своите персонажи со прекрасни и јасни човечки црти… Но, таа повест останала во редот на апокрифите и не била вклучена во кругот на црковното читање.
Како резултат, ситуацијата станала слична на историјата на култот на св. Валентин на Запад: и овде и таму, во основата на култот лежи споменот за реални луѓе, од Црквата почитувани како светии. И овде и таму, тој спомен бил украсен со фолклорни тонови, и овде и таму, народните преданија во тие светии ја потцртале нивната човечка вљубеност. Но, таа фолклорна преувеличеност не попречила со тоа на црковниот спомен за Петар и Февронија како за светии, кои се љубеле еден друг.
И верата на современите луѓе во св. Валентин како покровител на вљубените е несомнителен факт, кој не зависи од никакви изворни студии.
Дали Црквата ги преубедува луѓето, кои веруваат дека против забоболка треба да се молат токму на свети Антипа, а против главоболка на светиот Јован Крстител? Не, иако тоа не е повеќе од предрасуда. И зошто Црквата треба да ги разрушува убедувањата на луѓето, кои сакаат да му се молат на нашиот светија за нешто поважно од забоболката и главоболката?
Значи, од формална гледна точка, празнувањето на св. Валентин токму на 14 февруари потполно може да биде примено од Руската православна црква.
Прашањето е дали е потребна таква рецепција.
14 февруари е „ден на вљубените“. Зар тоа е лошо од гледиште на Православието? Зар нашата Црква се содржи само од монаси? Зар кај нас само монашкиот пат се смета за спасителен и дозволен? Зар вљубеноста не треба да биде придружена со молитва?
Сфаќам дека повеќето од оние кои го празнуваат „денот на свети Валентин“ не ни помислуваат да му се молат на Валентин… И токму овде би било умесно словото на Црквата: како така, во денот на Валентин да не се постави свеќа за Валентин, да не му се помоли нему?!! Бидејќи оваа традиција во Русија сè уште е новородена, таа е изменлива и еластична. И Црквата може да влијае врз нејзиното формирање не со роптање, туку со нешто друго.
Во идеалот (мисионерскиот идеал) може да се каже: вистинските „валентинки“– се оние добиени и осветени во храмот. А може да се почне со тоа, на 14 февруари да се служат молебни на св. маченик Валентин за умножување на љубовта. За тоа дури не е потребно дозвола од Синодот: ние во секој ден можеме да служиме молебен на св. Николај или Георгиј, а не само во деновите на нивниот календарски спомен.
На тие молебни може да им се појасни на младите луѓе дека љубовта на самиот Валентин била пред сè – кон Христа. Дека љубовта и похотта не се едно и исто. Дека „љубовта“ и „искористувањето“ се антоними.
А во таа проповед возрасните парохјани можат да се повикаат кон молитва за зачувување на нашите деца во чистота и за дарување ним опит на вистинска љубов. И на едните и на другите може да им се напомне дека во тешките животни ситуации, кога не знаеш како да ги градиш односите со човекот, можеш да се молиш на маченикот Трифон (неговиот спомен паѓа токму на 14 февруари). И ако вие не го измолите св. Валентин да ви дарува цврста и вистинска љубов, тогаш со време ќе треба да му се молите токму на Трифон – избавителот од болеста на пијанството…
И на крајот би кажал: ако вие, дечки, навистина си сте драги еден на друг, дојдете уште утрото на следниот ден. Следниот ден, 15 февруари, е денот на Средбата, на Сретението. Помолете се заедно еден за друг. Знајте, молитвата е максимално напрегање на добрата волја на човекот, кој посакува добро на другиот човек. Ако вашите очи и очите на љубениот од вас човек се упатени кон една иста икона, уште една нитка ќе ве соедини вас еден со друг. Како што говорел древниот подвижник ава Доротеј, луѓето се како точки во круг, чиј центар е Бог. Ако луѓето едноставно се движат по кругот, тогаш, приближувајќи се кон едниот сосед, тие ќе се оддалечуваат од другите. Но, ако тие заедно се упатат кон центарот, тогаш ќе се скрати и растојанието меѓу нив[5] (види тука).
Тој празник може да биде светол. Барем за некои луѓе, неколку парови. За некого тој ќе остане повод за конзумирање на уште една порција нечистотија. Но, односот на едните и на другите зависи и од нашиот мисионерски напор. На крајот на краиштата, и на православната Пасха некој се опива до состојба на свиња. Зар да се откажеме од нашата Пасха? А на Богојавление некој бае и прави магии. Дали поради тоа и ние сме загрозени ако го празнуваме Богојавление на наш начин? Некој го очекува Божик само заради попустот на божикните распродажби. Но, ние Го очекуваме Христа.
Не е потребно излишно смирение, не се потребни брзи капитулации, не треба да се оставаат нашите светињи, ако кон нив се допрела некоја нечиста рака. Не треба да ги оставаме нашите празници во рацете на паганите и бајачите, туку да се бориме за зачувување (или враќање) на нивната христијанска смисла.
Валентиновиот ден може да се исполни со повеќе христијанска содржина, малку сменувајќи ги акцентите, но оставајќи го патосот. Сега тој е празник на слободната љубов, а може да биде преобразен во Ден на семејството. Навистина, кај нас има разделени половини – Ден на жената, Ден – заштитник на татковството, а нема празник на целото семејство. Тоа особено е важно во светлината на нашите демографски проблеми.
Од друга страна, востановувајќи во денот на Валентин празник на семејството, на младината ѝ даваме правилна ориентација: целта на заедничките односи е семејството, а не ќефот. Т.е. акцентите од лесниот безодговорен флерт се преместуваат во областа на светлата и вечна љубов.
Се разбира, тоа не треба да биде едноставно само црковна активност, туку општодржавна програма, поддржана од Црквата. Сите, и државата, и бизнисот, и општеството, и, конечно, Црквата се заинтересирани за тоа.
Од нас се бара малку. Едноставно да се каже дека во денот на свети Валентин храмовите ги очекуваат оние кои љубат и посакуваат да бидат љубени. Да им се насмевнеме на дојдените. И да се помолиме заедно со нив.
Од нас се бара само добар поглед. Ни пари, ни реформи; мисионерската програма нема потреба од ништо такво. Доволни се само соопштенија на црковните врати: „14 февруари. Молебен на св. Трифон и св. Валентин Интерамски“. Младите парохјани веќе сами ќе ја разнесат веста по околните училишта и универзитети. И уште подобро би било свештеникот да подежури тој ден во храмот – во очекување на „валентиновците“ за да поразговара со нив и, можеби, повторно да се помоли…
Со ништо не навредувајќи и не смутувајќи ги своите традиционални парохјани, со ништо не менувајќи го нивниот начин на живот и вера, со тој ден тој може да приведе во Црквата неколку млади луѓе.
Дури и ако такви новообратени на „валентиновиот повик“ се покажат само пет луѓе – зар тоа е малку?
ѓакон Андреј Кураев
Извор: поглавје День святого Валентина од книгата на ѓакон Андреј Кураев: Церковь в мире людей, Москва: издание Сретенского монастыря 2006.
[1]“Христијанската религија била вон законот кога свештеникот Валентин проповедал во Рим во III век. Во времињата на императорот Клавдиј II (268-270) започнала војната со Готите и било објавено собирање на млади луѓе во армијата. Но, оние кои биле женети, не сакале да ги оставаат своите жени, а оние кои биле вљубени – своите љубени. Во гнев Клавдиј ги забранил брачните обреди, но Валентин не се подчинил на заповедта и продолжил да ги венча младите луѓе. Тоа го направило Валентин пријател на сите вљубени во Рим, но тоа го разгневило императорот. Валентин бил фатен, заклучен во темница и казнет на 14 февруари 169 година. Во очи на казната Валентин пратил писмо до ќерката на началникот на затворот, која била негова возљубена. Во писмото тој се збогувал со неа, за сè благодарил и се потпишал: ’Твојот Валентин‘. Тоа и поставило основа на традицијата на Денот на св. Валентин“. http://www.chayka.org/article.php?id=417/
[2] Хулап В. Церковное заключение брака на Востоке и Западе в IV-VI веках // Кафоликия. Сборник научных статей. Минск. 2003, стр. 44.
[3] Венчание // Христианство. Энциклопедический словарь. Т. 1. – М., 1995, стр. 351.
[4] „’Легенди‘… Дали тие мали псевдо ’паметни‘ дека легендите не се помалку важни од фактите, дури и поважни? Дали тие мудреци се замислиле дека самата желба и создавање на ’легендите‘ не се помалку важни и од самите чуда?“ (митрополит Вениамин (Федченков). О вере, неверии и сомнении. СПб., 1992, стр. 74). Овде треба да се приведе откровението во сон, запишан од св. Филарет Московски: „Љубовта на твојата татковина си го присвои него (св. Николај) себе“(св. Филарет. Келейный дневник // Филаретовский альманах. Приложение к “Богословскому сборнику”. Вып. 1. М., 2004, стр. 64).
[5] авва Дорофей. Душеполезные научения и послания. Троице-Сергиева Лавра, 1900, стр. 88.
Подготвил: Георгиј Глигоров