Беседа против абортусот

ilarion

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Од сите благодатни дарови со кои Бог го дарувал човекот, несомнено, највозвишен е дарот на љубовта. Љубовта е најсветото, најблагопријатното, најскапоценото и најрадосното чувство без кое човекот не може да го замисли своето постоење и својот живот. Да се љуби и да се биде љубен е голема света тајна, која единствено го осмислува и разубавува краткиот човечки век овде на земјата. Да се биде човек е прекрасно, да се биде добар човек е благочестиво, но да се биде човек што постојано блика од љубов е совршено. Тоа е она благопријатно чувство со чија благодатна топлина сака да се стопли секоја човечка душа, која ја преживеала студената гревовна ноќ. Највозвишен облик на ова небесно чувство е љубовта на човекот кон Бога, која со својата совршеност и полнота, не знае за тага и разочарување.

Но, постои уште еден облик на љубов кој со својата возвишеност и убавина е достоен за секоја пофалба и почит; тоа е љубовта на мајката кон своето чедо. Оваа љубов со сета своја длабочина и нежност, е најдлабокото и најсвето чувство кое Бог благословил да го доживее и почувствува секој човек на земјата, уште во оној миг кога е зачнат во утробата на својата мајка. Голема радост и восхит се пробудува во нашето срце секогаш кога ќе здогледаме мајка со своето дете која во своите прегратки со голема нежност и благост го полева тој прекрасен цвет, со голема светлина и љубов. Благочестивата христијанка со нежност и благост гледа во лицето на своето љубено дете и во тој миг како да го заборава целиот свет. Се чини како во рацете да го држи своето срце, како да има едно мало делче од небото овде на земјата. Мајката грижливо го чува своето дете како најскапоцено богатство што ѝ е доверено. Од нејзините мајчински очи блеска една тивка спокојна радост, која како да не е од овој свет. Ваквата мајчинска љубов не може да се искаже, таа како да доаѓа од еден божествен свет каде што љубовта е сè.

Цвет што ја чека светлината

Но, денес, за жал, се случува нешто ужасно. Денес во ова современо и културно општество се случува нешто одвратно, гадно, демонско. Денес жената, наместо да се подготвува да стане мајка, размислува да стави крај на животот на своето дете кое сè уште живее во нејзината утроба. Во неа се развива едно живо човечко битие, еден преубав цвет што ја чека дневната светлина за да почне да се развива, да расте и разгранува. Но, на тој миризлив цвет, наидува еден опасен ветер кој со својата студена изопачена сила може да го уништи, да го убие. Тој грев, кој е одлика и надгробна плоча на нашето македонско проевропско општество, Европејците го нарекуваат абортус, но ние ќе го кажеме неговото вистинско име, а тоа е чедоморство или детеубиство, сурово и ладнокрвно убиство на нероденото бебе.

Чедоморството е крвав дожд кој со своите крвави капки постојано, и дење и ноќе, ја полева земјата и ја претвора во крваво место на живеење. Уште при самото зачнување, почнува да живее едно живо човечко битие, со свое тело, иако целосно не е оформено, и со своја бесмртна душа која нетрпеливо го очекува денот на нејзиното просветлување со Христовата светлина преку светата тајна крштение. Затоа, за Православната Христова црква, чедоморството или абортусот претставува убиство од најтежок вид, бидејќи на тој начин се лишува од живот еден човек кој немал можност да биде удостоен да се очисти од првородниот грев преку светото крштевање. Св. Атанасиј Велики, св. Григориј Богослов и св. Кирил Александриски велат дека некрстените деца нема да бидат во слава како крстените, но нема да бидат казнети како грешници што свесно правеле гревови.

63689-77679

Убиство на беспомошните

Чедоморството е убиство на своето дете. Жената-чедоморка го убива своето дете што не сака да го види, да го запознае и возљуби, бидејќи повеќе го засакала својот себичен удобен живот исполнет со комфор, сладострастие, блуд и разврат, без никакво воздржување, чистота, достоинство, слобода и љубов. Затоа и се одлучува да го жртвува своето неродено бебе пред идолот наречен либерален живот, несогледувајќи ја трагедијата и ужасот на таа нечовечка и нехристијанска одлука. Дилемата:дали да го остави своето дете во живот или не – е најтрагичен миг во нејзиниот живот. Но тоа воедно е и опис на денешната трагична и жална состојба на модерното „хуманистичко“ човештво. Хуманистичкото сфаќање дека човечкиот ембрион во утробата на својата мајка не е жив човечки организам, туку израсток кој може да се отстрани бидејќи жената има право да прави што сака со своето тело во името на својата слобода и право, е доволен доказ за незрелоста на денешното човештво, во кое човекот сам се потопува во својата неморалност, жестокосрдечност и огревовеност. Сè додека детеубиството не биде прогласено за најголемо злосторство и забрането со закон, сите апели за мир, праведност и демократија се само маска на лицето на европските политичари.

Чедоморството е нем крик на беспомошните жртви кој од ден на ден сè погласно и погласно ја потресува земјата што се претвара во духовна пустина. Нема кој да ги чуе и утеши. Како што вели Спасителот: слушаат и не чујат (Мт 13,13). Нивниот тажен глас не допира до срцето на мажот-убиец и жената-чедоморка, кои по убиството на своето несакано чедо ја изгубиле радоста, љубовта и совеста. Од хуманистичката и безбожна Европа постојано слушаме за човековите права.

А каде се правата на неродените деца?

Зошто проевропските политичари кај нас се глуви кога станува збор за детеубиството?

Зошто родителите кренале нож против своите деца?

Зошто мажот ја принудува жената на чедоморство, а таа веднаш се согласува?

– Бидејќи љубовта оладува помеѓу луѓето, особено меѓу сопружниците кои стануваат туѓи и рамнодушни едни кон други. Љубовта бара општење и заедничарење, но само преку подвигот на самооткажување и самопожртвување. Вистинската љубов секогаш е подготвена на жртва и чувствува радост, ако оваа жртва е прифатена. Но, чедоморците се во духовна парализа и опустошеност. Ако не се покајат, не можат да живеат во љубов, бидејќи нивните срца се скаменети и неплодни. А доказ за нивниот мачен и беден живот е убиството на своето дете. Познатиот православен мислител од 2 век, св. Климент Александриски, вели: „Жената исфрлајќи го својот плод, заедно со него исфрлува и сè што е човечно во неа.“

На блудот и убиството како последица на безбожниот живот најмногу им се радуваат демоните, кои засекогаш се отпаднати од Бога. Нивната омраза се проширува и врз човекот кој е создаден како боголико битие, па затоа скришум се обидуваат, преку разни помисли, да ги наговорат мажот и жената на чедоморство. Притоа, како причина им ја посочуваат „економската неподготвеност“ да го издржуваат своето дете. Така, мажот и жената, прифаќајќи ја оваа „разумна“ причина – се одлучуваат на чедоморство. Какво демонско лудило?!

Утробата стана погубилиште

Зошто порадо не се откажат од скапата облека, луксузниот стан, од луксузниот автомобил и компјутер или, пак, од своето патување на годишен одмор на кој трошат огромни парични средства за разонода и забава, а не сакаат да ги употребат за грижливо чување на своите деца?! Колку е чудно тоа што денес жената не сака да раѓа, не сака да го чува и воспитува своето дете, туку сака да го отстрани, убие или како што велат лекарите, да изврши „чистење“ на својата утроба која треба да биде најсвето место во кое се негува и живее еден нов благословен живот! Сега, наместо тоа, мајчината утроба стана погубилиште и место на убивање, небаре бебето е нешто нечисто и извалкано што треба веднаш да се отстрани. Но, таа жена на тој начин станува слична на Ирод кој од страв да не ја изгуби својата власт, не ги поштеди витлеемските младенци. Тие беа грабнувани од рацете на своите мајки и убивани пред нивните очи. А, можеби токму тоа „непланирано“ чедо, по Божја промисла и милост ѝ е доделено на мајката да ја чува и негува кога е болна и уморна и да се грижи за неа во нејзината старост. Од денот кога жената своето бебе ќе го жртвува на ѓаволот, од тој миг таа живее како богоотпадничка и нехристијанка, поробена од својата себичност и недостоинственост, таа тогаш само личи на човек, но од нејзината човечност не останало ништо.

Денес чедоморството претставува народна катастрофа. Секоја година сè повеќе и повеќе расте бројот на жртвите од оваа немилосрдна војна. Нашиот народ сè повеќе старее, бидејќи бројот на родените деца е сè помал. Убивајќи ги своите деца, ние ја уништуваме својата земја, семејство, народ и иднина. Ние на овој начин вршиме народно самоубиство. Многумина се фалат со својот патриотизам, за својата љубов кон својата татковина, но татковината пред сè е самиот народ. Родителите што го убиваат своето бебе, ја убиваат својата иднина. Тие вршат геноцид на сопствениот народ. Болниците во кои лекарите треба да спасуваат човечки животи, се претворија во логори на смртта. Ние станавме пилати што секојдневно изрекуваат смртна пресуда за невини деца, а лекарите – платени убијци што ладнокрвно убиваат за бедни триесет сребреници. Во една болничка соба, лекарите нè убедуваат колку многу се загрижени за нашето здравје и колку се трудат да нè излекуваат, а во другата – со мирна совест убиваат бебиња.

Што да прави жената или девојката, која во својот живот направила чедоморство?

Пред сè, треба да стане свесна за тежината и големината на овој грев и да се покае. Архимандритот Рафаил вели: „Крвта се измива само со солзи.“ Покајничките солзи се почеток на еден нов христијански живот кој води во заедница со Бога и со Неговата милост. „Човечки е да се згреши, но демонски е да се остане во грев“ – велат Светите Отци. Божјата милост е голема, долготрпелива и Бог ја излива врз секого што се труди да живее во покајание. Сите вие што сте паднале во овој грев, крвавите дамки можете да ги измиете со покајнички солзи и со цврста решеност дека никогаш повеќе нема да го повторите овој грев, да не го оправдувате, туку со солзи на очите и искрена молитва, да се трудите со молитва до крајот на својот живот за Севишниот Бог да ви прости.

Сите вие кои што сте извршиле чедоморство, и мажи и жени, (бидејќи и мажот е директен учесник во овој грев), ако имате вера во Семилостивиот Бог, имате сили со кои можете да им се спротивставите на лукавите демони. Секогаш кога ќе се обидуваат да ве наговорат да го повторите овој страшен грев или, пак, кога ќе се обидуваат да ве турнат во очајание и депресија, имате сила – благодатта Божја, имате утеха – Светата Православна црква, која е благочестива Мајка што постојано бдее над своите чеда, имате заштита – Промислата Божја, имате и оружје – постот, молитвата и надежта, имате потпора – верата, ги имате за свои помошници и соборци – ангелите и светителите, а особено Пресвета Богородица.

Бог е многумилостив и долготрпелив. Колку само се радува на нашето вистинско покајание и на нашиот труд и борба против духовите на овој свет. Во Светата црква има илјадници примери на луѓе што од блудници, разбојници и убијци, станале праведни и свети.

abort9

Гревот и покајанието се заеднички

Жената што абортирала треба да се освести и да ја сфати тежината на овој грев. Не треба да очајува и да губи надеж. Искреното покајание ја привлекува Божјата милост која ја разгонува невидливата демонска темнина, која како смртоносен отровен облак ја обвила куќата во која е планирано и извршено ова страшно убиство.Мажот и жената треба редовно да присуствуваат на Света литургија, да постат и да се исповедуваат, а со свештенички благослов и да се причестуваат. Само покајничките солзи може да донесат опростителна радост. Покајте се, зашто се приближи Царството небесно (Мт 3,2).

Покајте се, зашто постои Бог – Владетел на небото и земјата, пред Кого сите еден ден ќе застанеме да примиме вечен Суд. Тогаш наши обвинители ќе бидат сите убиени деца кои не сме ги удостоиле да ја видат дневната светлина. Колкава ли тага ќе почувствуваат сите жени – чедоморки кога за прв пат ќе го видат своето чедо и за прв пат ќе го чујат неговиот детски глас:– „Мајко, зошто ме уби? Зарем не знаеш колку те сакав додека живеев во тебе? Сакав да те прегрнам, но џелатот ги исече моите раце. Сакав да те гушнам силно и да го почувствуваш моето весело срце, но ножот го прободе. Сакав да ме милуваш, но ти ме фрли онаа студена ноќ. Мојата љубов не ти беше потребна и ти реши јас да умрам. Но, иако во вечноста не сум лишен од сјајот на Христовата светлина која допира оддалеку во зраците на оваа светлина која ме обзема трајно, те сакам, моја несреќна мајко.“

Што ќе одговори непокаената жена? Онаа што се покајала при таа средба сигурно ќе рече:

– „Направив голем грев кон тебе, но затоа целиот мој живот се трудев да направам за тебе сè што можев, жалам и се кајам за тоа дело, те молам прости ми, мое мило чедо.“

Човекољубив Господи, излеј ја својата милост врз сите младенци неправедно убиени во мајчината утроба и насели ги во населбите на мачениците, зашто, ниту лош збор прозборија, ниту лоша мисла помислија, ниту чекор направија, ниту солза просолзија, а со маченички венец се овенчаа, трнлив венец кој беше исплетен од рацете на нивните родители. Мали маченици! Радувајте се во прегратките на благиот Христос, заедно со сите невини жртви паднати од Авел до денес и молете се и за оние кои по тело и крв ви беа најблиски и најдраги, заедно со ангелите и сите светии, сега и секогаш и во вечни векови, Амин.

митрополит Брегалнички г. Иларион

2 коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *