Како христијанското учење може да биде добро, кога толку многу христијани премногу грешат!?

Многу често кон христијаните се упатува ваков приговор: Како христијанското учење може да биде добро, кога толку многу христијани премногу грешат!? Притоа, често како примери се наведуваат одделни христијани, па дури и членови на црковната ерархија, коишто се однесувале спротивно на она што Христијанството учи. Од тоа, противниците на Христијанството изведуваат заклучок, дека христијанските принципи имаат големи слабости, бидејќи нив ниту самите христијани не ги усвојуваат.

На прв поглед приговорот изгледа тежок и секој христијанин не може веднаш да најде задоволителен одговор. Рускиот мислител Берѓаев, во една своја мала брошура изнел мисла, којашто можеме да ја прифатиме како еден од одговорите. Бидејќи таа книга не е достапна на широката читателска публика[1], а сметаме дека христијаните треба да го знаат одговорот на ова поставено прашање, затоа накратко ќе ја обработиме и изнесеме таа мисла.

Ако вредноста на некое движење или учење сакаме да ја проценуваме врз основа на припадниците (адептите) што ги усвојуваат тие идеи, тогаш не можеме да ги земеме најлошите претставници како пример, туку најдобрите! Најлошите претставници се, всушност, примерот на луѓе што даденово учење правилно не го прифатиле и оствариле, па затоа нив и не можеме да ги земеме како типични претставници на тоа учење. На пример, ако некој ја проучува историјата на комунистичката мисла, тогаш тој треба да се задржи на основачите на таа идеја и на припадниците што најдобро ја сфатиле неа и оствариле, а не на некои фракционисти и ревизионисти. Врз основа на најдобрите претставници треба да се изучуваат и различните философски и уметнички правци, како и социјално-историските движења и случувања.

Некој можеби мисли дека е поправилно да се најде некое компромисно решение, па како типични претставници на некое движење да се покажат оние „просечни“ луѓе, а не најдобрите или најлошите. Меѓутоа, ниту ова не е правилно, зашто тоа би биле луѓе што само делумно ја прифатиле и оствариле дотичната идеја. Значи, најдобрите претставници се вистинските претставници на некое учење.

Да го пренесеме сега ова на Христијанството. Христијаните што тешко грешеле се само примери на оние луѓе што не го оствариле високиот христијански идеал. А вистинските претставници на Христијанството се светителите. Тие докажале дека Христовите зборови се достапни за луѓето, дека нив луѓето можат да ги прифатат и остварат. Затоа христијаните можат да се гордеат со своите вистински претставници.

Ако таквите претставници се имаат предвид, тогаш на Христијанството, како на учење, не може ништо да му се приговори.

[1] Николај Берѓаев, „Достоинството на Христијанството и недостоинството на христијаните“

Драган Милин

Извор: Православни мисионар, год. XVI, бр. 90 (2/1973).

Подготвил: Георгиј Глигоров

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *