Биоетика (12): За смислата на страданијата

Христијанството е етика со двојно дно: јас немам право да постапувам со другите луѓе така, како што сум должен да постапам со себе. Според зборовите на Аверинцев, Христијанството навистина создало виртуозна култура на набљудување на сопствената вина. Јас сум должен да им простувам на другите, но немам право да си простам себеси. Не треба да ги барам гревовите кај другиот човек, дури и ако тој се нашол во беда, но ако со мене се случила беда – треба да се замислам за своите гревови.

Затоа и не можев да пројдам покрај една забелешка во „Аргументи и факти“. Во 1998 година, архимандритот Сергиј (Стуров) на страниците од тоа издание вака објаснил, зошто во декември 1997 година се совпаднале неколку катастрофи: „И свештенослужителите, и верниците ја предупредуваа телевизијата, дека не треба да го прикажува филмот ’Последното Христово искушение‘, дека Бог не дозволува да биде исмеан. Нашиот глас никој не го слушна и гледаме како по прикажувањето на филмот, врз Русија се истурија страшни катастрофи по рудниците под Новокузнецк, во Иркутск, во Нарјан-Мар“.

Звучи благочестиво. Архимандритот Сергиј се потрудил во очите на читателите да изгледа како голем верник. Но, во кого? Во каков Бог верува тој? Во евангелскиот Бог на љубовта или во шашав олимписки бог? Зар во неговото претставување Господ нема да изгледа безумен садист? НТВ навистина направила богохулство, прикажувајќи го тој филм. Но, на каква основа може да се тврди, дека поради гревот на московските телевизиски политичари, Бог ги казнува новокузнецките рудари?  Како е поврзана со тој филм бремената жена, која изгорела во хеликоптерот под Нарјан-Мар? Зар Промислата не може да дејствува прецизно, враќајќи им на виновниците за злото, па слепо уништува сè надесно и налево, не бирајќи ги лицата? Ако Бог со Својата љубов ги трпи непосредните иницијатори на гревот, не посетувајќи ги ниту со болест, ниту, пак, со жалост, тогаш зошто да се смета, дека Он така решително и страшно за нивниот грев казнува надворешни луѓе?

blakejob1

Од богословско-теоретско гледиште, опасна работа е така избрзано (и згора на тоа, со таква кратка историска дистанца) да се оценува патот на Промислата. Од богословско-практично гледиште, пред сè, навистина е неопходно да се признае, дека моралното достоинство на човекот се определува со тоа, колку тој е спремен да најде смисла во своите сопствени страдања. Како што говорел светителот Јован Златоуст, „оној што се научил да Му благодари на Бога за своите болести, не е далеку од светоста“. За себе човекот може да размислува со зборовите на болниот од стихотворението „Во болница“ на Пастернак: „О Господи, колку се совршени делата Твои – размислуваше болниот… – Завршувајќи во болничка постела, го чувствувам жарот на Твоите раце…“. Но, не благочестие, туку едноставно морален идиотизам би било да се отиде кај сосетката и авторитетно да ѝ се објави смислата на нејзините беди: „Ти, Марија, затоа вчера ногата ја скрши, затоа што завчера со мене в црква не појде!“…

А од едноставно морално гледиште – не е добро да се искористи болката на другите луѓе како повод да се продекларира: „Епа, те предупредив! Сега разбравте колку сум бил во право?!“.

Промислата си има свои таинства. Но, тоа се таинства, а не тајни, и за нив не може да се има брзодејствувачки клучеви (т.е. не можат веднаш да се дешифрираат).

Меѓу болеста и човечките можности постојат некои сокриени релации. Ги имам предвид мудроста и болеста, креативноста и болеста. Откритието на креативните можности кај болниот се случува благодарение на или наспроти болеста?

Може да биде и едното и другото. Ќе ги напомнам зборовите на Булат Окуџава: „А душата – точно е тоа – ако е изгорена, посправедлива, помилосрдна и поправедна е таа“. Во христијанската традиција има традиционален пример – тоа е ленот. За од тврдиот лен да се добие мека, извонредна ткаенина, од која може да се направи пелена за бебе, тој лен треба долго време да се гмечи. Се случува и Господ долго време со беди да ја гмечи човечката душа, за таа да стане помека.

„Подобро да умреме, отколку да отидеме при непријателите на Бога, каква е ползата телото да се исцели, а душата да се погуби…“. Дали ова искажување на Јован Златоуст може да се примени по однос на народните исцелители?

Може, но не кон сите. Ако тој исцелител лечи со тревки, со мануелна терапија, тогаш ништо страшно нема во тоа. Но, еве, ако на сето тоа се наложува некакво религиозно осмилување од видот „таа тревка е добра, затоа што била набрана, кога месечината била во третата четвртина“ и „тоа се случи точно на полноќ, затоа што духовите слетале кај таа камилица“ – во тој случај тоа е магија. Тогаш не треба да се прибегнува кон тоа.

(продолжува)

ѓакон Андреј Кураев

Прв дел    Втор дел    Трети дел    Четврти дел

Петти дел    Шести дел    Седми дел    Осми дел

Деветти дел    Десетти дел    Единаесетти дел

Г.Г.

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *