Биоетика (9): За евтаназијата (2)
По прашањето за евтаназијата, ние разликуваме пасивна и активна евтаназија. Христијанинот има право да се откаже од напорите да го продолжи својот живот. Но, нема право на напор, којшто води кон прекратување на животот.
Во „Основите на социјалната концепција на Руската православна црква“ вака се говори за евтаназијата: „Не секогаш ефективно се отстрануваат претсмртните физички страдања со примена на средства против болка. Знаејќи го тоа, Црквата во такви случаи кон Бога ја обраќа молитвата: ’Разреши го слугата Твој од оваа неиздржлива болест и од горките негови немоќи и упокој го, онаму каде што се духовите на праведните‘ (Требник, Молитва за долгострадалник). Само Господ е Владетел на животот и смртта (види: 1Цар 2,6). Во Неговата рака е душата на сè што е живо и духот на секоја човечка плот (Јов 12,10). Затоа Црквата, останувајќи верна на пазењето на Божјата заповед: Не убивај (2Мојс 20,13), не може да ги признае за морално прифатливи денешните обиди во светското општество за легализација на т.н. евтаназија, т.е. намерното умртвување на безнадежно болните (па, и по нивна волја). Барањето на болниот за убрзување на смртта понекогаш е условена од состојбата на депресија, која го лишува од можноста правилно да ја оценува својата положба. Признавањето на законот за евтаназија би довело до унижување на достоинството и извратување на професионалниот долг на лекарот, кој е повикан кон зачувување, а не кон прекинување на животот. ’Правото на смрт‘ лесно може да се преврати во закана за животот на пациентите, за чие лечење недостасуваат парични средства. На тој начин, евтаназијата претставува форма на убиство или самоубиство, во зависност од тоа, дали во неа учество ќе земе пациентот“.
Сепак, во православниот свет има и помека позиција – кон неа се придржува задграничната Црква: „Како христијани, ние секако го сметаме животот за свештен дар од Творецот Господ и признаваме, дека само Он има власт да го прекрати. Исто така, не гледаме Божја волја во тоа, со помош на современата медицинска техника вештачки да се одржува животот, кога потполно е очигледно, дека без таква радикална помош, животот на човекот не само што не може да се продолжи, туку и оздравувањето е невозможно. Сметаме за целисходно, по срдечна молитва, беседа со духовник и медицински персонал да се прекине вештачкото одржување на животот, претходно опростувајќи се со оној што умира“.
Исто така, дозволата за евтаназија е вистински начин за конечна деконструкција на родбинските врски и чувства. Ако роднините на неизлечиво болен човек знаат за дозволата за убрзување на исходот, тогаш тие токму кон таков избор ќе го подгурнуваат болниот. И тоа ќе биде користољубива молба. Користа на роднините е нивниот стремеж да се вратат на нормалниот режим на живот, во чиј центар нема да биде постелата на болниот. Роднините со знаци, интонации и дури со директни наговарања ќе го подгурнуваат оној што умира кон тоа тој што побргу да си замине од животот и местото на живеење. Од поколение во поколение евтаназијата ќе станува секојдневна. И на крајот на краиштата ќе почне да се стреми да се поистоветува со пензијата.
ѓакон Андреј Кураев
Прв дел Втор дел Трети дел Четврти дел
Петти дел Шести дел Седми дел Осми дел
Г.Г.