Отец Милан Ѓорѓевиќ: Интерстелар

interstellar-movie-wormhole

Sneaking past a black hole’s event horizon, scanning the hole’s singularity and retrieving gravity-mastering data is impossible. As for falling into a black hole and seeing tidal forces disintegrate your vessel without making you into spaghetti, then entering a region prepared by your future self only to re-emerge into normal space-time via wormhole… well, criticism seems superfluous.

And, yet, this is a film worth watching…

(Alasdair Richmond)

Интерстелар на Кристофер Нолан е долг, исцрпувачки филм, направен по класичен холивудски СФ канон, предвидлив и накитен со патетични спилберговски орнаменти, но сепак – сериозно инспиративен. Впрочем, тука е вистинската сила на Нолан: размислувањата за филмот да те обземат дури откако добро ќе се отспиеш (барем така функционира кај мене). На кратко, филмот дава доволно простор и материјал за негова аскетска интепретација, при што би издвоил две одлични поенти, кои се генерираат околу две централни теми: самотијата и домостројот. При тоа, филмот нуди префинето стилизирана антиципација на дијалектиката помеѓу божествените енергии и созданието.

Исклучиво во „црната дупка“ на потполната самотија (откажување од таткото свој, мајката своја и т.н., т.е. од сите и од секого) е можно вистинското пронаоѓање на ближниот, т.е. превозмогнувањето на самотијата. Тогаш кога човек ќе престане да се плаши од самотијата и по силата на љубовта ќе се нурне во неа – тогаш успева да ја победи. Со самотијата се победува самотијата… Пред неколку дена ја препрочитав „100 години самотија“ на Маркез (полни 16 години после површното читање во средно). Самотијата има безброј лица: некаде е свесна за себеси, некаде не е, некогаш е затворена во 4 ѕидови со години, некогаш е постојано опкружена со луѓе, час е апатична, час бива понесена од страстите. Но, она што е заедничко за сите наведени изрази е дека ниту еден од нив – љубов нема. Не похота, не вљубеност… просто љубов. Љубов, која не зависи од љубовта на другите луѓе; љубов која може да сака и тогаш кога другите луѓе не ја сакаат; љубов која ќе сака и тогаш кога ќе нема никој друг – кога ќе ги нема луѓето, кога ќе го нема светот, кога во црната дупка ќе бидам јас, сам, совршено сам. Впрочем, од таквата не-осамена самотија Бог го создава светот – неговата творечка љубов е насочена не само кон битието, туку и кон небитието и го повикува во постоење. Од црната дупка на божествениот примрак… Тоа е конечниот образ на човечкото богоуподобување.

Тука се надоврзуваме на втората поента: иманентноста на Бог е можна единствено преку човекот. Бог не е маѓепсник, кој сам ја „завршува работата“. На против, човекот е оној кој си ја завршува својата работа. Токму таа поента во филмот, особено при крајот кога се гледа дека „духовите“ на малата Марфи биле всушност нејзиниот татко, кој од надвременскиот простор на црната дупка цело време се обидувал да стапи во контакт со неа. Оваа поента може да се толкува во атеистички клуч, но би потсетил дека границата помеѓу патот на апофатизмот и патот на атеизмот некогаш е толку тешко видлива, што многу често паѓаме во искушение покомплексното да го сведеме на поедноставното и нам попознатото. Апофатичкиот пат во аскетиката секогаш остава доволно простор за човековата слобода и вера. Бог се објавува, но по правило на таков начин, што јас и после „средбата“ ќе треба да верувам во него. Секогаш ќе остане можноста да ја загубам таа вера, т.е. да ја интепретирам таа средба на поинаков начин, да ја припишам на сопствената вообразба, да решам дека само јас постојам, но не и тој, или едноставно да заборавам на неа. Во тоа се состои крстот на диофизитизмот, крстот на ортодоксијата наспроти религијата – Бог стана човек, вистински човек, безостаточно човек, во се што по природа му е својствено на човекот. И сето тоа, со цел човекот да стане – таков човек. Да стане човек во „црната дупка“ на сепрегрнувачката самотија, човек проникнат од присуството на недопирливите, непоимливи, невидливи „тие“, кои станале „тој самиот“, кои дејствуваат во него и преку него надвор во осамениот, но бесконечно сакан свет.

проф. д-р отец Милан Ѓорѓевиќ

Извор: digitalareopagus

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *