Митрополит Методиј: Божикно послание 2016/17

rsz_2mitropolit_metodij-page-001

Голема е тајната на побожноста:

Бог се јави во плот,

посведочен беше од Духот,

се покажа на ангелите,

беше проповедан на народите,

светот Му поверува, и се вознесе во слава!

(1 Тимотеј 3:16)

 Возљубени духовни чеда,

Да се сплотиме сите во радост и веселба на празникот на Рождеството Христово, денот во кој ни се откри Tајната над тајните приготвена од пред сите векови за спасение на човечкиот род. Оној, Кој по природа е вечен и Творец на целото создание, врз себе зеде обличје на човек. Несоздадениот се изедначи со Своето создание, за созданието да го подигне кон Себе. Како родител кој прави сè на своите деца да им помогне да го достигнат врвот на своите потенцијали, така и Бог ја отклони пречката која нè ограничува, и не престанува да нè издига до полнотата на нашите можности. Тајната на Воплотувањето, стана непрестан извор на благодат за сите нас. И така, денес, кога Рождеството Христово силно свети врз нашите животи, радосно се присетуваме дека Небесата се широко отворени за секој од нас. Да пееме со радосен восклик на денот на кој Творецот дојде на земјата, денот на кој вечниот Логос божји се воплоти од Светиот Дух и Дева Марија и стана Човек, со единствена цел нас смртните и пропадливите да нè воведе во нераспадливост и вечност. Токму во овие празнични денови, кога сè околу нас нè поттикнува и ни укажува на „нужноста“ од минливото и распадливото, по милоста Божја да се одважиме и триумфално да зачекориме кон нашиот нов и возвишен статус.

Мили мои во Христа,

Воплотувањето Христово се нарекува Тајна над тајните не затоа што се работи за некаква скриена мудрост во која можат да проникнат само најегзотичните мистици, туку затоа што на натприроден начин, кој ги надминува нашите интелектуални капацитети, во личноста на Исус Христос се споија Божјото и човечкото, вечното и минливото, совршеното и пропадливото. Помеѓу овие две постои онтолошки јаз кој може да биде премостен единствено од Оној Кој битствува вон секоја категорија и Кој не може да биде дефиниран со материја, простор и време. Токму затоа, Вечната Мудрост, Умот и Поредокот Божји, Кого ние го условуваме со Неговото земно име Исус Христос Синот Божји, превземајќи ја човечката природа врз Себе, истата ја обожи, онтолошки ја преобрази и ја воздигна до степен на образ и подобие божјо (1 Мојс. 1:26-27), правејќи нè да бидеме слични на Него (1 Јован 3:2; Филип. 3:21). Тој се приближи до нас, за да можеме и ние да се приближиме до Него.

Драги браќа и сестри,

Преку Воплотувањето и Раѓањето, Христос ни објави дека Самиот е полнотата на присуството на Божјата слава (Јован 1:14, Кол. 1:15.19). Станува збор за истото присуство кое на планината му се јави на Мојсеја; истото присуство кое во вид на огнен столб ноќе и столб од облак дење го водеше Израилскиот народ во Ветената земја; истото присуство кое пребиваше во Свјатаја Свјатих на Соломоновиот Храм. Но ваквото присуство драги мои, иако спектакуларно и во цела своја полнота, сепак беше ограничено; достапно само на малкумина и врзано за едно место во храмот односно скинијата каде можеше да се пристапи само еднаш или двапати годишно. Она што беше несовршен првообраз во Стариот Завет, стана суштинско исполнување во Христа. „Ете, девица ќе зачне во утробата своја и ќе роди Син, и ќе го наречат Емануил – што значи: со нас е Бог!“ (Мат. 1:23; Исаија 7:14). Истото тоа присуство, овој пат на далеку повозвишен начин, се всели во утробата на Дева Марија и триесетина години живееше како еден од нас. Со актот на Христовото Воплотување и Рождество сè е променето за човечкиот род. Дадено ни е да можеме да се подвизуваме и обожуваме, што, пак, беше и првичната цел на Отецот – да го отсликуваме не само Неговиот лик, туку и Неговото подобие. Се разбира, ова не е само како некаков интелектуален концепт кој убаво звучи, туку реално присуството на Славата Божја, кое преку Христовото Воплотување и Рождество е дадено неограничено во срцата на секое создане кое истото го посакува. Тоа е она што светите отци го нарекуваат „чувството на Божјото присуство“, кое може да биде искусено од секој од нас.

Драги мои во Христа Богомладенецот,

Домостројот на спасението не може да се замисли без клучната улога на Дева Марија. Додека на денот на Рождеството се присетуваме на Христа и Неговото Воплотување, вториот ден од Божиќ е посветен токму на Неговата Мајка, Пресвета Дева Марија, кој пак е еден од најстарите Богородични празници. Свршена за праведниот Јосиф, уште пред да знае за маж, ангелот Гавриил ѝ ја пренесе радосната вест дека спасението на човечкиот род ќе се случи токму преку благословеното и натприродно зачнување во нејзината утроба, токму преку нејзиниот Син Исус Христос. Иако отпрвин во целост не можеше да ја разбере пораката на ангелот, Дева Марија со длабока побожност истата ја прифати без приговор. „Марија пак, рече: Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои!“ (Лука 1:38). Токму заради ваквиот одговор, заради нејзината посветеност на нејзиниот Син сè до крајот на нејзиниот живот, а над се заради присуството на Богомладенецот во нејзината утроба, Дева Марија се удостои да биде наречена Богородица. Затоа ние во химните ја величаме пеејќи, „Достојно е, навистина, Блажена да те нарекуваме Тебе, Богородице, Присноблажена и Пренепорочна, и Мајко на нашиот Бог! Почесна од Херувимите, и неспоредливо пославна од Серафимите, Бога Словото нетлено што Го роди, навистина си Богородица, ние Те величаме.“

Возљубени во Господа,

Христовото доаѓање во светот е секако поврзано и со воспоставувањето на Небесен мир. Секој со себе го носи тоа што го има и го нуди она што тој всушност Е, а самиот Христос е Кнез на Мирот. „Зошто Младенец ни се роди – Син ни се даде; власта е на рамењата Негови, и ќе го наречат: Советник, Чудесен, Бог силен, Отец вечен, Кнез на Мирот.“ (Иса. 9:6). Токму затоа и во молитвите на Црквата, пред сè, застапуваме за Небесен Мир, кој извира единствено од Христа. „Мир ви оставам; мирот Свој ви го давам; Јас ви го давам не како што го дава светот. Да не се плаши вашето срце.“ (Јован 14:27). Христос прави разлика помеѓу небесниот мир и несовршениот мир кој го нуди светот. Било кое општествено уредување, било кој светски водач, па макар бил и најпобожниот во светот, не може да понуди ниту да исполни ветување за глобален мир. Непостојаноста на човечките ветувања како и недостатокот на капацитет истите да се исполнат, се бројни и очигледни. Денес сме сведоци на недостаток на мир токму заради изразената подвоеност по расна, полова, класова и политичка основа, како во нашата татковина Р. Македонија, така и тука на Северноамериканскиот континент. Но, мирот Христов и Неговите ветувања се од сосем друга природа. Тој им припаѓа на преобразените. Припаѓа на оние кои се преумуваат. Преку Христовата благодат, ве повикувам да сплотиме околу Христа, Единствениот Кој може да ни даде поинаква перцепција на реалноста, та во Неговата љубов, ние да бидеме сејачи на Мирот. Само преку силата на Неговиот Дух можеме да бидеме победници над омразата, себичноста, арогантноста, саможивноста и ним сличните.

Мили мои,

Преку Воплотувањето и целокупното Христово искупително дело, нам ни е понуден неопсилив и сеопфатен дар на спасение. Се разбира, како и секој дар, ние треба да го примиме и да го ставиме во употреба. Малку значи за нас тоа што Христос онтолошки ја промени човечката природа ако ние лично не се одважиме и не дозволиме таквата промена активно да се реализира во нашите животи во целиот свој потенцијал. Христијанскиот живот е синергичен во кој Бог и човекот имаат удел подеднакво. Бог иницира и исполнува (она што ние не можеме), а ние одговараме и се исполнуваме (она што можеме). Тоа е најјасно видливо за време на богослужбите а посебно при Светата Евхаристија – Причест. Христос, во полнотата на присуството на Неговата слава се нуди на секој од нас, а ние одговараме со длабока побожност учествувајќи во Неговото Тело и Крв. Причестувајќи се ние, разбираме дека дарот кој ни се нуди е всушност самиот Христос, а добробитта која ја добиваме од таквиот дар е единење со вечноста во Телото Христово. Ете затоа е потребно да го послушаме советот на светитот апостол Павле кога нè поучува да не ги напуштаме и пропуштаме богослужбите (Евреите 10:25).

Возљубени во Христа Богoчовекот,

Рождеството Христово е вистинска радост. Спротивно на модерната индоктринација со која нè убедуваат дека верата во Христа е некаков непотребен и архаичен додаток на човештвото, кој разделува наместо да сплотува, ние цврсто стоиме во радоста на Рождеството и пееме за Неговата Слава. Уверени сме дека нашите срца и животи се створени за синергичен соживот со Бога и дека полнотата на животот произлегува токму од заедичарењето во Христа. Затоа, и овој Божиќ се молам Светлоста на витлеемската пештера жарко да свети врз вас и вашите семејства; мирот Божји кој го надминува човечкото разбирање да биде постојано со вас; радоста Христова која произлегува од спасението јасно да се очитува во вашите животи; а најмногу од сè, присуството на Неговата слава да биде искусена во сечие срце, пред сè во срцата на нашиот македонскиот народ, а потоа и по целиот свет во срцето на секој човек.

Нека ни е за многу години празнувањето на Рождеството на нашиот Господ и Спасител Исус Христос!

ХРИСТОС СЕ РОДИ – НАВИСТИНА СЕ РОДИ!

Митрополит Американско-Канадски

Методиј

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *