Петровденскиот пост

ss-peter-and-paul-embrace_resized

Петровденскиот пост му претходи на празникот на светите првоврховни апостоли Петар и Павле; затоа се нарекува уште и Петропавловски или само Апостолски пост. Овој пост својот корен го има во древните времиња на Црквата. По сè изгледа тој првично претставувал пост за оние кои од некаква причина (на пр. патување) не постеле за Пасха, па затоа овој пост бил еден вид компезација за пропуштениот подвиг. Во Апостолските правила стои: „По неа (Педесетницата) празнувајте една седмица, па потоа постете, бидејќи е справедливо и да се веселите заради дарот Божји, но и да постите по олабавувањето“ (V,20).  Според ова, овој пост во себе ја содржи идејата на засилување на подвигот по празничниот пасхален период, кога сме се опуштиле со храната.

Овој пост се утврдува кога во 4 век, од страна на светиот рамноапостолен Константин Велики, биле подигнати храмови во чест на светите првоврховни апостоли Петар и Павле во Константинопол и Рим. Осветувањето на константинополскиот храм се случило на денот кога се празнува споменот на овие апостоли и оттогаш овој ден почнал да се одбележува особено торжествено како на Исток, така и на Запад.

Со празникот на светите апостоли Петар и Павле (29 јуни/12 јули по нов стил) завршува Петровденскиот пост, додека неговиот почеток е подвижен и зависи од празнувањето на Пасха (Велигден). Тој започнува една седмица по Педесетница, т.е. од понеделникот по Неделата на сите светии, а неговата должина варира од 8 дена до 6 недели.

Според прописите на Црквата, надворешната форма на овој пост, за разлика од Великиот, е поблага: (понеделник)[1], среда и петок е строг пост, во останатите денови е благословено да се јаде масло, а за викенди (сабота и недела) се дозволува и употреба на риба (можеби, како што велат некои, бидејќи апостолите биле рибари?); ако се падне празник во делничните денови се случува ублажување на постот за еден степен (ако е строг – се дозволува масло, ако е со масло – се дозволува риба); на Иванден (Раѓањето на св. Јован Крстител – 07.07.) се јаде риба, без разлика во кој ден и да се падне; ако има семејна слава, тогаш се разрешува употреба на масло, вино (=алкохол) и риба, во кој било ден и да се падне. Секако, со благослов на духовникот, ова правило може да се прилагоди (ублажи) во конкретни случаи.

Светите апостоли Петар и Павле биле толку различни: Петар бил необразован и сиромашен рибар, Павле бил син на богати и благородни родители, римски граѓанин со извонредно образование; Петар, маловерниот, трипати се одрекол од Христа, но горко се покајал и станал камен и основа на Црквата, Павле, најголемиот непријател на христијаните, кој жестоко се противел на Христа, подоцна станува најплодоносниот мисионер на Евангелието. Вдахновениот простак и избезумениот оратор, Петар и Павле, ја олицетворуваат духовната крепост и разум – двата најнеопходни мисионерски квалитета.

Овој пост веќе се исполнува во спомен и подражавање на светите апостоли, кои постеле пред да тргнат да го проповедаат Евангелието (Дела 13,3) и затоа тој за нас има мисионерска димензија. Ние не сме предметот на апостолската мисија, туку ние сме оние кои се нивни следбеници и продолжувачи на нивното дело. Овој пост во нас го поттикнува мисионерскиот императив, да сведочиме за Евангелието и за Царството Небесно, кое преку Христа веќе ни е дарувано, а кое особено го предвкусивме во веќе поминатиот пасхален период.

[1] Строгиот пост во понеделник, како и воопшто постот во понеделник, е монашка традиција која постои од времињата на древните византиски манастири. Освен средата и петокот, монаштвото почнало да пости во понеделник, кој во богослужението на Православната црква е посветен на ангелите. Монашкиот начин на живот претставува ангелски начин (образ) на живеење, уподобување на бесплотните сили. Бидејќи традицијата на пост во понеделник е сугубо монашка, таа не би требало да биде задолжителна за сите православни христијани, како што и е обичај во многу црковни јурисдикции низ светот.

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *