Сестра Васа: Кризата на литургиското благочестие

Предавање на сестра Васа Ларин, одржано во Москва, на 21 март 2015. Ви ги претставуваме накратко, основните тези на нејзиното експозе.

Прв дел од написот во два дела

rsz_vasa

Зборот „криза“ происходи од грчкиот κρίσις – точка на преврат, решавачки момент. Секоја криза може да приведе како кон растење, така и кон распад, во зависност од тоа, како ние одговараме на тој предизвик.

Богослужбената криза се појавува, кога надворешните форми продолжуваат да постојат, но престануваат да ја исполнуваат својата функција.

Примери на надворешни форми во богослужбениот систем на византискиот обред:

Часовите – богослужението на дневниот циклус. Кога се служат часовите, на пример, трети и шести пред Литургијата (во руската богослужбена пракса, заб. на прев.), тогаш обично свештеникот врши исповед, луѓето поставуваат свеќи, хорот држи проба итн. Надворешната форма продолжува да продолжува, но престанува да ја исполнува својата функција, своето назначување.

Се чини дека може да се предложи да не се извршуваат часовите како што, на пример, тие не се извршуваат кај Грците, но ние настојуваме да ја исполнуваме надворешната форма. При сево ова, секојдневното доживување на споменот за Христовите страданија кај нас отсуствува.

Пасијата (Акатист кон Христовите Страданија, заб. на прев.) е замена на она што веќе постои во уставот – службите на Страсната седмица.

Благодарствен молебен. Веднаш по Литургијата се служи благодарствен молебен. Зошто, кога само што завршила Евхаристијата/Благодарењето? Притоа, во ова време може да се забележи како верниците се активираат, затоа што ова благодарење е поразбирливо од Евхаристијата (ова можеме да го споредиме со сечењето на празничниот леб кај нас, кој обично се случува веднаш по Литургијата, кога само што сме го поделиле Небесниот Леб, заб. на прев.).

Анамнеза (anamnesis)

Во што се состои целта на Божествената Литургија? Самиот Господ зборува за таа цел: „правете го ова во Мој спомен“. Целта е споменување, анамнеза. Но, дали е можно секоја недела да се биде во храмот на Литургија и да не се твори ова живо споменување, извршено заради нашето спасение од Троичниот Бог?

Апсолутно е можно, и тоа се случува кога не ја слушаме централната молитва – Анафората. Многу често за време на богослужението, Анафората не се чита на глас; кај нас има обичај на тајно (тивко) читање на евхаристиските молитви.

Но, за кого е напишана таа молитва? Ако сметаме дека таа е за Бога – тогаш тоа е богохулство, на Бог не му е потребно напомнување за историјата на нашето спасение. Тие текстови се напишани за надградување на Црквата, за нас.

Анамнезата, како цел на Евхаристијата, во себе го вклучува и неизменливиот дел на Црковното Предание, и изменливиот:

Неизменливиот дел е содржината на нашата вера. Откровението на Бога за Својата Црква и за Себе вон времето.

Изменливиот дел е оној начин на којшто се предава неизменливата содржина на Црковното Предание во културолошки и историски контекст. Она, на кој начин се остварува анамнезата во заедницата на верните, како таа се предава од човек на човек.

Словото и символот во богослужението

Како што е познато, предавањето на анамнезата се случува со помош на јазикот. Господ не говорел со апостолите на грчки јазик, па дури и текстот на Светото писмо, прифатен од нас претставува превод, интерпретација, производ на црковниот ум и вера.

Затоа творењето на анамнезата претпоставува дека богослужението е разбирливо, дека неговиот јазик е разбирлив. Словото стои во центарот на Откровението – „И Словото стана тело“. Ние Слово Го нарекуваме Спасителот.

Апостолот Павле во 14 глава од првото послание кон коринтјаните вака расудува за тоа:

„Ти благодариш убаво, но другиот не се надградува. Му благодарам на мојот Бог, зашто зборувам на други јазици повеќе од сите вас; но в црква повеќе сакам да кажам пет зборови разбирливи, отколку илјадници зборови на непознат јазик“ (1Кор 14,17-19).

Апостолот не гледа полза во неразбирливиот јазик, ако другите не се надградуваат. И се разбира, ние не можеме да го наречеме апостолот Павле реформатор (обновленец, новотар), иако настојувал на тоа службата да биде разбирлива.

Во византискиот систем на богослужението, словото/зборот се соединува со образот/сликата. Богослужението се состои од образи, символички дејствија и предмети. Секоја Литургија е символична. Тоа не значи дека таа не е вистински дејствена. Зборот „символ“ значи „соединувам во едно“, т.е. соединувам една реалност со друга.

Преку символот, невидливиот свет се поистоветува со видливиот. Во Црквата нема граница меѓу небото и земјата, сè се испреплетува, небото и земјата се среќаваат. И оваа средба особено јавно се случува во литургиското дејствие.

Сè во Црквата се случува, благодарение на основата на Боговоплотувањето. Божественото и човечкото се соединуваат во Едниот Богочовек, и врз основа на таинството на Боговоплотувањето станува возможно и нашето обожение преку општењето со Него.

Символот (или образот, или иконата) и словото треба да одат рака под рака во богослужението.

Символичкото дејствие треба да биде придружено со слово, коешто го објаснува дејствието. Но, за жал, ние честопати гледаме само дејствие, но не слушаме слово.

(продолжува)

монахиња д-р Васа (Ларин)

Подготвил: Георгиј Глигоров

Ознаки:
Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *