Клајв С. Луис: Простување

cs lewisВо едно од претходните поглавја спомнав дека целомудрието е можеби најнепопуларната меѓу христијанските добродетели. Но не сум сигурен дека сум во право. Постои добродетел, уште помалку популарна. Таа се изразува во христијанското правило: Возљуби го својот ближен, како самиот себеси (Мт 22,39; Мк 12,31). Таа не е популарна, затоа што христијанскиот морал во поимот „ближен“ го вклучува и непријателот. Значи, доаѓаме до една ужасно тешка обврска да им простуваме на своите непријатели. Секој човек е согласен дека простувањето е многу добро нешто, додека самиот не се најде пред алтернативен избор, да прости или да не прости, зашто прошката треба да произлезе токму од него. Ние се сеќаваме како се најдовме во таква ситуација, кога започна војната. Обично самото споменување за оваа дилема предизвикува бура и не поради тоа што луѓето ја сметаат оваа добродетел за многу висока и тешка. Не, едноставно таквата прошка им се чини недопустлива и самата помисла за неа им е одвратна. „Ни се мачи од тие разговори“ – велат тие. И половина од вас веќе се спремни да ме прашаат: „А како вие би се однесувале кон гестапо, ако сте се родиле како Полјак или Евреин?“.

И самиот би сакал да го знам тоа. Исто како што би сакал да знам, што би направил, доколку пред мене се покаже изборот: да умрам со маченичка смрт или да се откажам од верата. Зашто Христијанството директно ми кажува, дека во никаква ситуација не треба да се откажам од верата. Во оваа книга јас не се обидувам да ви кажам, што би можел јас да сторам – јас многу малку можам да направам. Јас се обидувам да ви покажам, што е тоа Христијанство. Јас не го измислив него. И во самата негова срцевина ги наоѓам овие зборови: Прости ни ги долговите наши, како што и ние им ги проштеваме на нашите должници (Мт 6,12). Тука нема ниту најмало наговестување, дека прошката ни се дава во некакви други услови. Овие зборови совршено јасно ни покажуваат, дека ако ние не простуваме, тогаш и нам нема да ни се прости. Нема два пата. И така, што да правиме?

Што и да се обидеме да сториме, сè ќе биде тешко. Но мислам дека можеме да направиме две нешта што ќе ни ја олеснат задачата. Кога пристапувате кон изучување на математиката, вие не почнувате со диференцијално преметување, туку со едноставно собирање. Исто така, ако навистина сакаме да простуваме (а имено, сè зависи од желбата), најверојатно, најлесно ќе ни биде да почнеме со нешто полесно, отколку гестапо. На пример, од тоа да му простиме на сопругот, или сопругата, или родителите, или децата, или на најблиските соседи за она што ни рекле или сториле минатата седмица. Можеби на тоа ќе биде насочено целото наше внимание. Потоа треба да се разбере што значи „да се љуби ближниот, како самиот себе“. А како се љубам јас самиот?

Еве сега, кога размислував за ова, сфатив дека јас немам некоја особена нежност и љубов кон самиот себе. Јас дури не секогаш го сакам своето општество. Очигледно, зборовите „возљуби го својот ближен“ не значат „биди нежен кон него“ или „нека ти се допаѓа“. Впрочем, така и треба да биде – зашто, колку и да се трудите, вие нема да се присилите себеси да почувствувате нежност кон некого. Добро ли се однесувам јас кон себе самиот? Се сметам ли себеси за пријатен човек? Па, понекогаш и да (и тоа, несомнено, се моите најлоши моменти). Но, јас не се љубам себеси заради тоа; не заради тоа, дека себеси се сметам за драг. Всушност, сè е поинаку, љубовта кон себе ме побудува да размислувам дека јас навистина сум многу мил. Значи, ние можеме да ги љубиме и нашите непријатели, не сметајќи ги за пријатни луѓе. Колку добро! Зашто многумина мислат, дека простувајќи им на своите непријатели, ние треба да признаеме дека тие и не се така лоши, кога е јасно дека се лоши.

Ајде да се придвижиме уште еден чекор напред. Во моменти на просветлување, јас не само што не се сметам себеси за пријатен, туку (се сметам) и за одвратен. Со ужас размислувам за некои работи што сум ги извршил. Значи, по сè изгледа, може и да се ужаснувам од некои постапки на моите непријатели. И тука си спомнувам за зборовите, одамна произнесени од христијанските учители: „Ти треба да го мразиш злото, а не оној што него го извршува“. Или поинаку: „Да се мрази гревот, а не грешникот“. Долго време ова разликување го сметав за глупаво и измислено: како може да се мрази она што човекот го прави, а притоа да не го мразиш него самиот? Подоцна разбрав, дека многу години јас всушност така и се донесував кон еден човек – кон самиот себе. Колку и да ја мразам сопствената малодушност или лажливост, или алчност, јас продолжувам да се љубам себеси, тоа не ми било воопшто тешко. Всушност, јас сум ги мразел своите лоши квалитети, затоа што сум се љубел себеси. Токму затоа толку ме огорчувало мене она што го правев, она каков сум бил. Следствено, Христијанството не нè поттикнува ниту за малку да ја омекнеме таа омраза, којашто ја доживуваме кон жестокоста или предавството. Ние треба да ги мразиме. Ниту еден збор, што сме кажале за нив, не треба да повлекуваме. Христијанството сака ние да ги мразиме нив, како што ги мразиме сопствените пороци, т.е. да жалиме дека некој би можел така да постапува и да се надеваме дека некогаш и некаде тој ќе се исправи и повторно ќе стане човек.

Love-Your-Neighbor-As-Yourself-620x461

Вака можеме да се провериме себеси: да претпоставиме дека во весник читате некаква сторија за гнасни и нечисти жестокости. Следниот ден има соопштение и вие дознавате дека вчера објавената сторија не е сосема соодветна на вистината и дека не е така страшно. Ќе речете ли: „Слава на Бога, тие не се такви измамници, како што мислев!“ Или ќе бидете разочарани и дури ќе се обидете да се држите до онаа прва верзија – бидејќи вам ви е пријатно да мислите, дека тие се непоправливи никаквеци? Ако човекот го искусува второто чувство, тогаш, се плашам, дека тој тргнал на пат што, ако го помине до крај – ќе го одведе во мрежата на ѓаволот. Зашто тој сака, црното да биде уште поцрно.

Треба само да му се даде волја на тоа чувство, та по некое време да ни се присака сивото, а потоа дури и белото да стане црно. На крајот на краиштата, ќе посакаме сè, буквално сè – Бога, нашите пријатели, себе самите – да ги видиме во црна светлина. Потоа веќе нема да можеме да го потиснеме ова. Невоздржаната омраза ќе ја проголта таквата душа засекогаш.

Да се обидеме да се придвижиме уште за еден чекор понапред. Дали „Возљуби го својот непријател“ значи дека не треба да го казнуваме? Не, бидејќи и тоа што се сакам себеси, не значи дека во секој случај треба да се спасувам себеси од заслужената казна. Ако сте извршиле убиство, треба да се предадете на властите и да ја испиете чашата дури до смрт. Само ова е правилно, од христијански аспект. Затоа чинам, дека судијата – христијанин е оправдан, кога осудува престапник на смртна казна, оправдан е и војникот – христијанин, кога убива непријател на бојното поле. Вака размислувам уште од времето кога самиот станав христијанин, уште пред оваа војна. Зборовите „Не убивај“ не ги преведуваат точно. Во грчкиот јазик има два збора што значат „убива“. Но, едниот од нив едноставно значи „убива“, а другиот – „извршува убиство“. Во сите три Евангелија – според Матеј, Марко, Лука – каде што се приведува оваа Христова заповед (Мт 19,18; Мк 10,19; Лк 18,20), се употребува токму оној збор, што значи „не извршувај убиство“. Ми имаат кажано, дека ваква разлика постои и во староеврејскиот јазик.

„Убива“ воопшто не секогаш е исто што и „извршува убиство“, исто како што и сексуалниот акт – не секогаш е прељуба. Кога војниците го прашале Јован Крстител, што да прават (Лк 3,14), тој не им дал никакво наговестување дека треба да ја остават армијата. Ништо такво не барал ниту Христос, кога, на пример, се сретнал со римскиот стотник (Мт 5,13).

Образецот на витезот – христијанин, подготвен со целосно оружје да го заштитува доброто дело – е еден од највеличествените обрасци на Христијанството. Војната е одвратно нешто и јас го почитувам искрениот пацифист, иако мислам дека тој е во заблуда. Оние што не можам да ги разберам се нашите полупацифисти, коишто се обидуваат да внушат дека ако си принуден да се бориш, тогаш бори се, но притоа срамејќи се и не криејќи, дека правиш нешто од принуда. Таквиот срам им го одзема на прекрасните млади христијани она, што ним им припаѓа по право и секогаш ја придружувала храброста – бодроста, радоста и великодушноста.

Честопати размислувам, што би се случило, кога бев на фронтот за време на Првата светска војна, ако јас со некој млад Германец некако истовремено се убиеме еден друг и веднаш се сретнеме по смртта. Знаете, не би можел да си претставам дека некој од нас двајцата би се навредил, налутил или макар збунил. Мислам дека едноставно ќе се насмееме над она што се случило.

Се разбира, некој ќе рече: „Ако на човекот му е дозволено да ги осудува постапките на непријателот и да го казнува, дури и да го убива, тогаш во што е разликата меѓу христијанскиот и обичниот поглед?“ Разлика постои и таа е колосална. Си спомнувате: ние христијаните веруваме дека човекот живее вечно. Затоа значење имаат само оние мали белези на нашето внатрешно „јас“, коешто во крајна мера душата човечка ја обраќаат или во нешто небесно, или во нешто адско. Ние можеме да убиваме, ако тоа е неопходно, но не треба да мразиме и да се исполнуваме со омраза. Ние можеме да казнуваме, ако треба, но не треба притоа да чувствуваме задоволство. Со други зборови, треба да го уништиме длабоко во нас вгнезденото непријателство, стремежот да се одмаздиме за навредите. Не велам дека секој човек може право веднаш да ги отфрли ваквите чувства. Не може така. Но секојпат, кога ова чувство ќе навлезе во длабочината на нашата душа, ден по ден, година по година, цел живот должни сме да го победуваме. Тоа е тешка работа, но не и безнадежна. Дури и кога убиваме или казнуваме, кон непријателот треба да се однесуваме, како кон себе, т.е. да сакаме тој да не биде толку лош и да се надеваме дека ќе може да се подобри. Со еден збор, треба да му посакуваме добро. Еве што има предвид Библијата, кога говори да ги љубиме своите непријатели: треба да им посакуваме добро, негаејќи особена нежност кон нив и без да велиме дека тие се добри луѓе, ако воопшто не се такви.

Да, нам ни е речено да љубиме и такви луѓе, во коишто нема ништо достојно за љубов. Но, од друга страна, дали во секого од нас има нешто толку достојно за љубов и обожување? Не, ние се љубиме себеси само затоа што тоа сме ние. Бог ни заповедал да го љубиме секој човек токму така и по истата причина, заради која се љубиме себеси. Во нашата љубов кон нас самите Он ни дал веќе готов образец/пример, за да ни покаже како таа љубов дејствува/функционира. Ползувајќи се со сопствениот пример, ние треба правилото на љубовта да го пренесеме на внатрешното „јас“ кај другите луѓе. Можеби полесно ќе ни биде да го усвоиме тоа, ако си спомнеме дека токму така нè љуби Бог нас: не заради пријатните квалитети, коишто, според нашето мислење, ги имаме, туку едноставно затоа што ние сме луѓе. Освен тоа, ние немаме никакво право да бидеме љубени. Ние толку сме способни да се исполнуваме со омраза, што откажувањето од неа не ни е полесно, отколку откажувањето од пиењето или пушењето.

Клавј Стејплс Луис

Извор: „Mere Christianity“ („Едноставно Христијанство“)

Подготвил: Георгиј Глигоров

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *