Материјали за реферат на тема „Религија и наука“ (1)

Прашања што отстрануваат од стереотипите. – Што нема во Библијата? – Аскетизмот и науката. – Добар збор за инквизицијата. – Верата на научните револуционери

Веќе век и половина како светските училишта одгледуваат бубачки, кои ги населуваат во главите на учениците. Една од најуранетите бубачки е онаа што поткопува некаде во делот од левото уво и со своите пипци го раздразнува невронскиот синџир, со чија помош школуваниот човек упорно тврди: „Науката и христијанската догматика се неспоиви!!! Науката се раѓала, преодолевајќи го жестокото спротивставување на мрачните црковници! И само по мерата на ослободувањето на луѓето од оковите на средновековната схоластика се родила научната мисла!“.

Толку сме навикнале на тој словесен поток (зашто својот жубор тој го започнал уште во училиштата пред Револуцијата, со самото тоа подготвувајќи го „големиот пресврт“) што не возникнува никаква желба со помошта на „алгебрата“ (т.е. логиката и историјата) да се поверува на неговата привидна „хармонија“.

А дури и во тој вообичаен печат има малку вистина, која, при сериозен однос кон неа, е способна да го ослободи сознанието од магиите на атеистичката пропаганда. Таа мала вистина се состои во тоа, дека науката и навистина се раѓа по мерата на исходот на човештвото од Средновековието.

Но, сега се појавуваат прашања.

Првото е: ако науката се раѓа во некоја епоха, значи, таа не секогаш го придружувала човештвото? Човекот, пак, секогаш се интересирал за светот што го опкружува. Секогаш се трудел да го спознае. Но, научниот начин на спознавање на светот не се појавил со раѓањето на човекот, туку со раѓањето на науката. Значи, науката не е едноставно стремеж да се дознае за светот, туку тој да биде спознаен со помош на определени методи. Значи, постојат неколку методи на спознавање на светот од страна на човекот, а науката е само еден од нив. Тој метод е извонредно ефективен. Но, дали е универзален? Дали тој е соодветен за разрешување на сите проблеми, што возникнуваат кај човекот при спознавањето на неговото место во светот?

Второто прашање е: ако науката се родила во некоја етапа од историскиот развиток на човекот, може ли таа да биде во конфликт со оној свет што и ја породил неа? Секако, во определена минута, детето приложува напори за да излезе од лоното на мајката, а мајката прави напори да го подгурне детето од себе. Но, дали тоа значи дека односите на детето и неговата мајка треба да се дефинираат само во термините на конфликтологијата? Ако науката се родила на излезот од светот на Средновековието, значи, имено, во тој свет, како минимум, таа била зачната и износена…

Третото прашање е: дали науката се раѓа во минутата на исходот на целото човештво од Средновековието или само на некој негов дел? Ако е само дел, можеби, средновековната историја токму со тој дел била во нешто специфична? Ако науката се раѓа на исходот, имено, на западниот свет од неговото Средновековие, не значи ли тоа, дека во западното Средновековие (за разлика од индиското или арапското) имало нешто што го овозможило раѓањето на науката?

Четвртото прашање е: ако науката противречи, имено, на Христијанството, зошто тогаш другите култури не довеле до раѓање на науката? Зошто само Христијанството, со неговата божем најдлабока антинаучност, ја создало културата во која и се случила научната револуција од 16-17 век.

Петтото прашање е: ако научната револуција се случува на исходот на европската култура од Средновековието, тогаш на исход кон што таа се случила? Зашто, недоволно би било да се каже дека нешто се случило при излегувањето од молитвената соба. Интересно е да се дознае каква соба започнувала зад прагот на молитвената. Имало ли таму салон за танцување или библиотека, бања или лабораторија? Каде одел оној кој излегувал?

Сите тие прашања се сведуваат на едно: зошто Коперник, Галилеј, Њутн и Декарт биле христијани? Зошто не будисти? Не муслимани? Ниту следбеници на Конфучиј?

Науката не е таму каде човекот едноставно се интересира за природата. Науката не е таму каде човекот точно дефинира едни или други природни феномени или искажува хипотези, кои подоцна се потврдуваат. Еленоводачот патува по тундрата и пее песна, составувајќи ја по принципот „што гледам – за тоа пеам“. Сè во таа песна може да биде точно: снегот навистина да е бел, а елените да бидат брзи…  Но, без оглед на сета негова вистинитост, текстот не може да се нарече научен. Во науката е прифатено да се демонстрира не само уловениот плен, туку и јадицата и мамецот, со кој била фатена рибата.

Науката е таму каде се предлагаат јасно осознани, отрефлексирани методи на собирање и проверка на информации и судови. Први такви методи, во истражувањето на природата, се методот на експериментирање и методот на математичко моделирање на физичките процеси. И двата метода се појавуваат токму на границата меѓу 16 и 17 век.

Зошто не порано? Зошто не на друго место, туку токму во Европа? И во каква Европа? Во Европа, која е сè уште христијанска, или, пак, во Европа, која е веќе световна, „расхристијанета“?

За да се разбере што се случувало во Европа во 16 и 17 век, треба да се обратиме кон подревните времиња.

Знаеме дека културата на Средновековието била христијанска. Што значи дека во нејзината основа лежела Библијата. А, еве, во основата на Библијата лежи веста за тоа, дека единствено значајна врска (религија) е врската на душата и Бога. Богот на Библијата е над светот, т.е. наткосмичен. Он не е дел од космосот и не е олицетворение на неговите стихии. Он не е сонцето, туку Создател на сонцето. Он не е месечината, туку Творец на Месечината.

Библиските пророци предупредуваат од идолопоклонство, т.е. од поклонувањето на она што е создадено, што не е Бог. Паганот во секој природен процес гледа душа и дејство на некој бог. За да ги одучи луѓето од анимизмот („сè е полно со богови“), Библијата решава во жртва на религијата да ја принесе естетиката. Не насладувај се со светот, не воодушевувај се од него. Прво, разбери дека светот и Бог не се едно и исто, и дека твојата прва љубов треба да биде кон Творецот. На страниците од Библијата нема ниту едно пејзажно отсликување, ниту еден портрет. Нејзиниот свет, попрво, е создаден од инженери, отколку од уметници: има инструкции како да се изгради Ноевиот ковчег, но нема негово опишување; има инструкции како да се изгради Соломоновиот храм, но нема импресионистички забелешки за тоа како тој „изгледал“; има опишување на тоа како во шест дена бил устроен светот, но нема опишување на убавините на тој свет.

(продолжува)

ѓакон Андреј Кураев

2 коментари

Напиши одговор на о. виктор Откажи одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *