Зошто жената не може да биде свештеник?

од Дневникот

Среда, 11 февруари 1976

Зошто жената не може да биде свештеник? Долг разговор за тоа имавме вчера со Том (Хопко), против кого се креваат, како што слушам, и православни жени, заради неговата статијаShmeman3 во последниот „Quarterly“ (St. Vladimir’s Seminary Quarterly – тромесечно списание на Богословијата „Св. Владимир“ во Њујорк). Оттогаш, кога започна бурата (во врска со англиканците), мене сѐ повеќе ме восхитува не самата тема на спорот, туку она што во него се разоткрива за богословието. Невозможноста да се најдат решавачки аргументи ни за, ни против – решавачки во смисла на нивна објективна убеденост за двете страни. Секој излегува во право за себе, т.е. во сопствената перспектива, „причина за“ сопствената аргументација. „Нашата“ страна понекогаш ме потсеќа на прекорите на о. Јован Кронштадски кон Лав Толстој: „О безумен грофе! Како ти не им веруваш на св. апостоли…“ Сепак, зар и не е целата работа во тоа, што сѐ започнало – кај Л(ав) Т(олстој) – со „неверие“ на св. апостоли. Затоа аргументацијата ex traditione (базирана на традицијата) едноставно се дава вон целта. „Ереста“ е секогаш нешто со многу одредена цел, не нешто измислено; таа навистина е, пред сѐ, избор на длабочина, а не конкретна грешка што може да се поправи. Одовде потекнува безнадежноста на сите „богословски дијалози“, ако секогаш би станувало збор за „дијалектика“, за аргументи. Сите аргументи во богословието се post factum, сите се вкоренети во опитот; ако, пак, опитот е поинаков, тие не се применливи, што и станува – по кој ли пат! – очигледно во овој спор за „свештенството на жените“.

Том: „Како, на пример, да се објасни дека жена може да биде претседател на САД, а не може да биде свештеник?“ Ми се чини – одговарам – дека таа не би требало ни да биде претседател на САД. Но, тоа сега никој и не го говори, и да се каже тоа би значело веднаш да се нанесе навреда. А исто така не треба ни да се навредува, и еве нѐ внатре во еден маѓепсан круг. Тој маѓепсан круг е неизбежен, ако е нарушен некој органски, првичен и вечен опит. Меѓутоа, во основа, нашата култура и се содржи во неговото отфрлање и нарушување, така што самата нејзина суштина и се состои од таквото негирање – тоа е нејзин опит. Тоа е опит само на негативност, бунтовност, протест, и самиот поим „ослободување“ (liberation) е исто така целосно негативен. На нашето сознание, на нашиот „првичен“ опит современата култура нафрлува цела бура на принципи, кои, иако изгледаат „позитивни“, всушност се негативни, не произлегуваат од никаков опит. „Сите луѓе се еднакви“: еве еден од корените, најлажниот од сите a priori. Сите луѓе се слободни. Љубовта е секогаш позитивна (одовде, на пример, оправданоста на хомосексуалноста итн.). Секое ограничување е опресивно (угнетувачко). Додека самите христијани ги признаваат сите овие „принципи“, додека тие, со други зборови, ја признаваат културата, на овие принципи изградена, никакви расудувања за невозможноста на жените да бидат свештеници не само што немаат смисла, туку во суштина претставуваат и лицемерие, и самоизмама.

Накратко, ако ние започнуваме со некоја апстрактна, непостоечка, наметната на природата еднаквост меѓу мажите и жените, тогаш никаква аргументација не е возможна. А тоа значи, дека треба да се започне со разобличувањето на самите овие принципи како лажни – слободата, еднаквоста итн., лажни имено со својата апстрактност, „измисленост“. Треба да се отфрли целата современа култура во нејзините духовни – лажни, дури и демонски – претпоставки. (Да се отфрли, пред сѐ) – најдлабоката лажност на принципот на „споредување“, кој лежи во основата на патосот на еднаквоста. Со споредување никогаш ништо не се постигнува, тоа е извор на злото, т.е. на зависта (зошто јас не сум како него), потоа – на злобата и, конечно, на бунтот и поделбата. Но токму ова е вистинската генеологија на ѓаволот. Тука ниту во една точка, ниту во еден стадиум нема нешто позитивно, сѐ е негативно од почеток до крај. И во таа смисла нашата култура е „демонична“, затоа што во нејзината основа лежи споредувањето. А бидејќи споредувањето секогаш математички приведува кон опитот, знаењето на нееднаквоста, тоа секогаш приведува и кон протест. Еднаквоста се утврдува како непотребност на никакви разлики, а бидејќи тие постојат – тоа доведува до борбата со нив, т.е. кон насилно изедначување и, што е уште пострашно, кон нивно негирање како сама суштина на животот. Онаа „личност“, машка или женска, не е важно, која жеднее за еднаквост, веќе, во суштина, е опустошена и безлична, зашто „личното“ кај неа го сочинувало токму она што е „различно“ од сите други и што не е потчинето на апсурдниот закон на „еднаквоста“.

Alex_si_Juliana_Schmemann

Спроти демонскиот принцип на „споредување“ Христијанството ја поставува љубовта, чија цела суштина се наоѓа токму во потполното отсуство во неа и како на „извор“ и како на „суштина“ на споредувањето. Затоа во светот нема и не може да има еднаквост, бидејќи тој е создаден од љубов, а не принципи. И светот жеднее за љубов, а не еднаквост, и ништо – го знаеме тоа – не ја убива така љубовта, не ја заменува така со омраза, како што тоа го прави токму таквото постојано наметнување на еднаквоста како цел и „вредност“ на светот.

А токму во љубовта, и во ништо друго, е вкоренета двојственоста на човекот како мажи и жени. Тоа не е грешка, која човекот треба да ја исправи со „еднаквост“, не е недостаток, не е случајност – тоа е првото и најонтолошко изразување на самата суштина на животот. Тука исполнувањето на личноста се остварува во себепредавањето, тука се победува „законот“, тука умира самопотврдата на мажот како маж и на жената како жена итн.

Сето тоа значи дека воопшто и не постои никаква еднаквост, туку онтолошка различност, која ја прави љубовта возможна, т.е. единството, а не „еднаквоста“. Еднаквоста секогаш претпоставува мноштво „еднакви“, кое никогаш не се претвора во единство, бидејќи целата срж на еднаквоста е во неговото љубоморно запазување. Во единството не се уништува различноста, туку самата станува единство, живот, творештво…

„Машкиот“ и „женскиот“ принцип се соприродни на светот, но само човекот ги претвора нив во семејство. Омразата на нашата култура кон семејството постои затоа, бидејќи последното го изобличува злото на „еднаквоста“.

отец Александар Шмеман

Г.Г.

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *