За Божествената метаморфоза

kalista

Христос се преобрази – Навистина се преобрази

Христос се преобрази – Навистина се преобрази

Христос се преобрази – Навистина се преобрази

Денес нашата најсвета мајка, Црквата Божја, со својот премудар божествен ум, откако нè дарува со двете спасителни средства, постот и молитвата, нè приведува кон еден од Господовите празници – светото Преображение на нашиот воплотен Господ и Спасител Исус Христос. Преобразувањето се случи на врвот од Таворската гора. По милоста Божја, пред повеќе години се удостоив да се искачам на Тавор и да се поклонам на местото на божествената метаморфоза. Таму Господ им се откри на апостолите во сета слава Своја, или како што пее денешниот поетски изобраз, празничниот тропар – „колку што можеа да ја видат“. Христос беше придружен од две бележити старозаветни личности, светите пророци Мојсеј и Илија. Во подножјето на местото на преобразувањето се наоѓаа апостолите Симон – Петар, наречен Кифа или Камен, Јован, најљубениот, најмлад и најумен меѓу апостолите, и Јаков, братот Господов, првиот епископ на првата црковна општина во Ерусалим. Тие, а преку нив сите луѓе на Стариот и Новиот завет, станаа сведоци на овој голем настан.

На денешнава света Литургија преображението Христово е симболично претставено со чинот на благословување на грозјето. Плодот на лозјата има особена симболичка моќ. На таинствен начин, тој ни го открива семантичкото значење на празникот. Природата на човекот, која Христос ја носеше,  со која се откриваше и преку која општеше со Своите ученици, кореспондираше со времето во кое живееше. На денешен ден Неговата Богочовечка природа се откри во сета божествена посветеност и осветеност, во сета симфоничност на божествената и човечката природа во Богочовекот.

Драги мои, како што грозјето, откако ќе го изгмечиме, го испушта слаткиот сок содржан во зрната, така истиот тој сок, оставен да ферментира, си ја менува природата и се претвора во вино. Природата на виното е драстично различна од природата на сокот. Се случува квалитетна промена на природата. Новото вино се става во нови мешини. И неслучајно, драги мои, гроздовото зрно, т.е. виното, се зема како основен дар за извршување на тајната на светата Евхаристија. Како што во чинот на ферментирањето гроздовиот сок се претвора во вино, така во светата Евхаристија, по силата на наитните божествени енергии на Светиот Дух, виното се преобразува во вистинска крв Христова. Онака како што сомеленото пченично зрно се претвора во брашно, а брашното замесено со квас, вода и сол во тесто и леб, така лебот, по епиклезата на Светиот Дух, се претвора во тело Христово. Примајќи ги телото и крвта на Богочовекот, се причестуваме со Него целиот. Се соединуваме со Него целосно, на ипостасен план, така што не се храниме со капки крв и со парчиња месо, туку секој од нас посебно со целиот Христос се соединува, се ипостазира и се претвора во Оној со Кого се храни – во благодатен Христос, т.е. во богочовек по благодат. Неточно е, значи, обвинувањето на древните пагани дека христијаните се канибали.

Сите вие што денеска Го примивте Христа Бога во себе, дозволивте Христос да мине низ метаболизмот на вашиот душевно-телесен организам. Вие дозволивте вашиот духовен и телесен организам да се охристови, да се преобрази во Оној што Го примивте. И во тоа е тајната над тајните, чудото над чудесата што се случува на светата Литургија. Затоа, преку принесувањето на нашите дарови – лебот и виното, Литургијата е вечно оприсутнување на Лебот на животот, односно телото и крвта на Богочовекот како наша вистинска храна. И токму заради тоа доаѓаме на светата Литургија. Само заради тоа доаѓаме, возљубени мои. Светата Литургија ја губи смислата штом нема причесници. Во таков случај не знаеме зошто ја служиме. Центарот, фокусот на севкупниот историски живот на човекот е во светиот Путир. Во него нема лепче и винце, како што им кажуваат бабите на дечињата, туку Го има Самиот Христос, Кој во вид на леб и вино нам сите ни се раздава со љубов. Црквата на Него соѕидана не е нова религија, туку нов живот и квасец со чија помош човекот и светот се преобразуваат во нова твар, стануваат ново небо и нова земја. Амин.

отец Стефан Санџакоски

Од зборникот: Беседи од Калишта, Струга: Рубљов 2000.

Еден коментар

Напиши одговор на Matoski Klimentije Откажи одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *