Митрополит Методиј: Отвореност за Преданието
Теологијата секогаш била, а и денес треба да биде, воспитувач на Црквата, патеводител и критериум за членовите на црковната заедница. Таа не му се обраќа на светот, и не постои заради светот, туку заради Црквата. Теологијата како теорија (theoria – созерцание), дури и во најелементарното поимање на верувањето во Бога, немала потреба од некакво објективизирано истапување од самата себеси за да му даде објаснување за себе на светот, или да му се прилагоди на умот на светот во самоосмислувањето. Телогијата е Црквата и Црквата е теологијата. Верата е Црквата и Црквата е верата. Во таа смисла, суштинската неподвоеност на субјектот на верувањето и неговиот теориски (созерцателен) контекст на самосвест резултирал со една ваква, навидум парадоксална ситуација, во која теологијата има задача да се зборува себеси, а не да зборува за Бога.
Во текот на своето двомилениумско историско постоење, Црквата сè до нашиве денови, немала потреба да се дефинира себеси во некоја јасна и кондензирана формула. Во безбројните страници на светоотечкото писмено наследство не наоѓаме ниту една реченица која би наликувала на феноменолошка дефиниција на Црквата. Апологетиката и според својата научна ориентација и според својата интонација не излегувала од рамките на интересот да го објаснува изворното догматско учење. Дури и тогаш кога се впуштала во полемики со еретичките учења, и тогаш таа настапувала од позиција на сведок, лекар и педагог на изворната вера, а не просто критичар на некаква неслична или различна наука, односно доктрина. Со други зборови, борбата со ересите е третирана како внатрешна борба на Црквата, а не надмудрување со светот.
Во својата патолошка екстровертност, современата теологија, сè повеќе отуѓена од изворниот образец, како да има потреба повеќе да се занимава со светот, со себеси во контекст на светот, или да му се прилагодува на светот, отколку да го негува непроменливиот образ на спасоносните откровенија содржани во црковното предание. Зборот догма дури и свесно се избегнува.
Сè повеќе се заборава на фактот дека црковните пастири се учители и воспитувачи, чувари на преданието и служители на олтарот Божји. Тие се обдарени со достоинството да ги имаат клучевите од Царството Небесно, според Петровото преемство. Со тоа и строгоста на нивниот живот и нивната морална одговорност многукратно се зголемува. Ја имаат власта сето она што ќе го врзат на земјата да биде врзано и на небесата, а сето она што ќе го разрешат на земјата, да биде разрешено и на небесата. Но, за жал, во стварноста работите изгледаат парадоксално поинаку. Современите пастири, како учители и теолози par excellence, сосема ја запоставуваат теологијата, и во сферите на теоријата и во сферите на катадневната прагма.
Наместо погоре спомнатото достоинство, современите пастири и теолози, многу често и доброволно, си ја земаат улогата на подведувачи и макроа на некоја наводна црковно-народна традиција, новокомпонирана замена за црковното предание. Тие го проституираат и осакатуваат црковниот обичај и ред, сè со цел да ги стекнуваат симпатиите, а уште поважно, и парите на потенцијалните верници-финансиери. Се претвораат во трговци со свеќи и благослови. Венчаваат во време на пост. Измислуваат адети и ритуали не само несвојствени, туку и недолични за Црквата. Погребуваат самоубијци за да не го повредат или разобличат малаграѓанскиот срам на ужалените семејства, и самите најчесто номинални христијани. Евхаристиската теологија ја сведуваат на: „еве ти дедо сокче“. Некои дури и причестуваат со „домашни“ лаживчиња и ја оправдуваат оваа бласфемија со небулозна хипохондрија. Организираат набожни лицитации на сè што ќе се најде во храмовите. Богословските науки ги прилагодуваат на помодните идеолошки трендови, измислувајќи такви апсурдни псевдодуховни концепти, што ниеден позитивен религиозен облик не може да ги препознае или прифати. И што уште не. Сè според острастената логика на личната полза. What’s in it for me??? Тоа црковно профитерство, потоа, по личната слабост го прифаќаат и негуваат и други членови од формалната заедница. Црквата, т.е. јас – во најопскурната и гревопоклона форма. Поточно, прво јас, па Црквата. Многу слично на она што го посака Сатанаил и заради што падна до дното на пеколот.
Но, свештеното предание на Црквата не е ниту тоа како бабите разбрале, ни тоа како кажувал стариот поп во село, ни како се правело во стари крај, ни како е попрактично во Америка, ни како замислуваат новопечените капиталисти излажани дека се верници, – туку според тоа како божествената наука ја примија апостолите од самиот Господ и Спасител Исус Христос, и како во изворна форма тоа исто предание тие им го пренесоа на светите отци и учители на Црквата, за сите времиња. И нашево време во тоа воопшто не е исклучок.
Премногу често во последно време се потенцира пасивноста во мисијата на православната Црква. Затворени самите во себе го губиме чувството за објективната стварност околу нас. Ваквите забелешки во некоја смисла имаат оправданост. Но, лекот и решението за ваквата состојба секако не е во поголема секуларизација, поголема отвореност кон светските критериуми на религиозно живеење. Потранспарентни за светот никогаш и не сме биле. Компромисите и кокетеријата ни станаа професионален жаргон. А тоа сепак не нè прави ни подостоинствени, а ни поавтентични и полуцидни во сведочењето на живата вера. Куртоазните зборови не нè спасуваат. Не секој што вели: „Господи, Господи“, ќе влезе во Царството Небесно! – вели Господ. Евхаристиската срж на светото предание, взаемното лично принесување на литургиската трпеза на која реално се остварува единството на Бога и човекот е почетокот и исполнувањето на секоја теологија, на секоја мисија и на секое сведочење. Низ подвижничкиот живот на постојано ревнување и подготовка за литургиското единство и реално учество во истото, се надминуваат сите парадокси и конфликти меѓу човекот и светот, а животот со живиот Бог е предание кое не познава детерминанти.
Според истото тоа предание и верниот народ е наречен царско свештенство, свет народ, свети, Црква, богочовечка заедница која низ соборниот светотаински живот се грижи за своето спасение. И тоа е особено важно да се запамети, ние сме во Црквата заради единството со Бога, а не за било каква друга корист или цел.
митрополит Методиј (Златанов)
Глаголјај Истинну сердцем своим и духом своим. Аллилуиа!
Ви благодарам дедо Методиј на овој текст.
Jas ne sum siguren , zosto da ima prepukuvanja, Vladika na Vladika a celata nasa Crkva i narod lezat nadvor od edinstvoto na Crkvata. Sega M.Zlatanov, koj so sekoja pocit ni dostavuva mislenje toj veli, ‘da se zboruva za sebe si a ne za Boga’.. ili, ‘da se mudruva so svetot’, koga nie vo nasata crkva nemam informativen centar ili do skoro se obrna vnimanie na na ‘kako da postapuvame so ostanatite. Sega imame gnev i ‘edna strana na rabotite,’ se drzime samite sebe zatvoreni i ete, ne smeeme da mudruvame, so svetot, zarem Svetite Otci ne bile nauceni za grckata i evrejskata filozofina i mudruvanje, i sekako tie morale da naucat za niv pa potoa da dadat od
odgovor.
Колку силен текс,жива вистина и реалност.
Особено за не`придржувањето на свештенството кон црковните канони који не би требало да не интересираат нас туку поглаварите.
или тоа значи дека каколот почнува од корењата.
тешко нас…
Мое лична мисла за техтов е , вл. Методиј се убаво си кажува во овој техт , значи како теорија добро звучи ама тој сето ова што го спомена како примери или да речам слабости на клирот тој лично треба да го примени на себе а после и да ги научи и неговите свештеници ,пошто еве еден пример што ке наведам сега е од една црква во Детрот уствари катедралниот храм кај што тој самиот служит пошто Тој е митрополитски храм …. Пр. Еве веке неколку години по ред овај храм (црква) организираат пикник во самиот Успенски Пост пред самиот голем Празник на БогоМајката, во кој нормално со допуштеније на Владиката сета храна е мрсна ( скаричка ) значи овај пример не е измислен туку е факт …. Не сум сигурен дали е со благослов на Владиката ама и да не е со негов благослов мислам дека е од свештеникот (кој е и старешина на храмот и архиерејски намесник) а тој делува под самиот владика ,а има и многу други примери кој би сакал да споделам со вас кој што се случуваат во неговата епархија ама доволно е овај за да разберете дека тоа што го пишуват и зборуват е само еден голем ПАРАДОКС….