Митрополит Методиј: Отвореност за Преданието

Теологијата секогаш била, а и денес треба да биде, воспитувач на Црквата, патеводител и критериум за членовите на црковната заедница. Таа не му се обраќа на светот, и не постои заради светот, туку заради Црквата. Теологијата како теорија (theoria – созерцание), дури и во најелементарното поимање на верувањето во Бога, немала потреба од некакво објективизирано истапување од самата себеси за да му даде објаснување за себе на светот, или да му се прилагоди на умот на светот во самоосмислувањето. Телогијата е Црквата и Црквата е теологијата. Верата е Црквата и Црквата е верата. Во таа смисла, суштинската неподвоеност на субјектот на верувањето и неговиот теориски (созерцателен) контекст на самосвест резултирал со една ваква, навидум парадоксална ситуација, во која теологијата има задача да се зборува себеси, а не да зборува за Бога.

Во текот на своето двомилениумско историско постоење, Црквата сè до нашиве денови, немала потреба да се дефинира себеси во некоја јасна и кондензирана формула. Во безбројните страници на светоотечкото писмено наследство не наоѓаме ниту една реченица која би наликувала на феноменолошка дефиниција на Црквата. Апологетиката и според својата научна ориентација и според својата интонација не излегувала од рамките на интересот да го објаснува изворното догматско учење. Дури и тогаш кога се впуштала во полемики со еретичките учења, и тогаш таа настапувала од позиција на сведок, лекар и педагог на изворната вера, а не просто критичар на некаква неслична или различна наука, односно доктрина. Со други зборови, борбата со ересите е третирана како внатрешна борба на Црквата, а не надмудрување со светот.

Во својата патолошка екстровертност, современата теологија, сè повеќе отуѓена од изворниот образец, како да има потреба повеќе да се занимава со светот, со себеси во контекст на светот, или да му се прилагодува на светот, отколку да го негува непроменливиот образ на спасоносните откровенија содржани во црковното предание. Зборот догма дури и свесно се избегнува.

orthochurch

Сè повеќе се заборава на фактот дека црковните пастири се учители и воспитувачи, чувари на преданието и служители на олтарот Божји. Тие се обдарени со достоинството да ги имаат клучевите од Царството Небесно, според Петровото преемство. Со тоа и строгоста на нивниот живот и нивната морална одговорност многукратно се зголемува. Ја имаат власта сето она што ќе го врзат на земјата да биде врзано и на небесата, а сето она што ќе го разрешат на земјата, да биде разрешено и на небесата. Но, за жал, во стварноста работите изгледаат парадоксално поинаку. Современите пастири, како учители и теолози par excellence, сосема ја запоставуваат теологијата, и во сферите на теоријата и во сферите на катадневната прагма.

Наместо погоре спомнатото достоинство, современите пастири и теолози, многу често и доброволно, си ја земаат улогата на подведувачи и макроа на некоја наводна црковно-народна традиција, новокомпонирана замена за црковното предание. Тие го проституираат и осакатуваат црковниот обичај и ред, сè со цел да ги стекнуваат симпатиите, а уште поважно, и парите на потенцијалните верници-финансиери. Се претвораат во трговци со свеќи и благослови. Венчаваат во време на пост. Измислуваат адети и ритуали не само несвојствени, туку и недолични за Црквата. Погребуваат самоубијци за да не го повредат или разобличат малаграѓанскиот срам на ужалените семејства, и самите најчесто номинални христијани. Евхаристиската теологија ја сведуваат на: еве ти дедо сокче. Некои дури и причестуваат со „домашни“ лаживчиња и ја оправдуваат оваа бласфемија со небулозна хипохондрија. Организираат набожни лицитации на сè што ќе се најде во храмовите. Богословските науки ги прилагодуваат на помодните идеолошки трендови, измислувајќи такви апсурдни псевдодуховни концепти, што ниеден позитивен религиозен облик не може да ги препознае или прифати. И што уште не. Сè според острастената логика на личната полза. What’s in it for me??? Тоа црковно профитерство, потоа, по личната слабост го прифаќаат и негуваат и други членови од формалната заедница. Црквата, т.е. јас – во најопскурната и гревопоклона форма. Поточно, прво јас, па Црквата. Многу слично на она што го посака Сатанаил и заради што падна до дното на пеколот.

Но, свештеното предание на Црквата не е ниту тоа како бабите разбрале, ни тоа како кажувал стариот поп во село, ни како се правело во стари крај, ни како е попрактично во Америка, ни како замислуваат новопечените капиталисти излажани дека се верници, – туку според тоа како божествената наука ја примија апостолите од самиот Господ и Спасител Исус Христос, и како во изворна форма тоа исто предание тие им го пренесоа на светите отци и учители на Црквата, за сите времиња. И нашево време во тоа воопшто не е исклучок.

Премногу често во последно време се потенцира пасивноста во мисијата на православната Црква. Затворени самите во себе го губиме чувството за објективната стварност околу нас. Ваквите забелешки во некоја смисла имаат оправданост. Но, лекот и решението за ваквата состојба секако не е во поголема секуларизација, поголема отвореност кон светските критериуми на религиозно живеење. Потранспарентни за светот никогаш и не сме биле. Компромисите и кокетеријата ни станаа професионален жаргон. А тоа сепак не нè прави ни подостоинствени, а ни поавтентични и полуцидни во сведочењето на живата вера. Куртоазните зборови не нè спасуваат. Не секој што вели:Господи, Господи, ќе влезе во Царството Небесно! – вели Господ. Евхаристиската срж на светото предание, взаемното лично принесување на литургиската трпеза на која реално се остварува единството на Бога и човекот е почетокот и исполнувањето на секоја теологија, на секоја мисија и на секое сведочење. Низ подвижничкиот живот на постојано ревнување и подготовка за литургиското единство и реално учество во истото, се надминуваат сите парадокси и конфликти меѓу човекот и светот, а животот со живиот Бог е предание кое не познава детерминанти.

Според истото тоа предание и верниот народ е наречен царско свештенство, свет народ, свети, Црква, богочовечка заедница која низ соборниот светотаински живот се грижи за своето спасение. И тоа е особено важно да се запамети, ние сме во Црквата заради единството со Бога, а не за било каква друга корист или цел.

митрополит Методиј (Златанов)

5 коментари

Напиши одговор на Christian Dushko Откажи одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *