Искупување на времето
Една година завршува и започнува друга, секунда по секунда, часовникот чука уште од почетокот на светот. Кое е значењето на времето? Зошто толку сме опседнати со него и зошто повторно и повторно го прославуваме минувањето на уште една година со забави и огномети?
Едно објаснување може да биде дека новата година којашто настапува со себе носи и бран надеж, една вера дека можеби ќе бидеме поуспешни отколку во минатата година. Резолуциите се неминовни на преминот меѓу годините, но повеќето од нив се тривијални нешта, како слабеење или оставање на пушењето, ништо суштинско. Сепак, по изминувањето на одредена возраст очигледно новогодишните прослави, а особено родендените, стануваат слатко-горчлив настан и минувањето на годините не претставува прославување заради навлегување во зрелост, туку почеток на едно спуштање по надолнина.
Текот на годините нè менува, но Бог останува вечен, непроменлив, надвремен, „а Ти си секогаш ист, и Твоите години нема да завршат“ (Пс 101,27).
Времето е поинакво за Бог и за нас, како што и псалмопеачот забележува: „Зашто пред Твоите очи илјада години се како вчерашен ден, што поминал, и колку една стража преку ноќта. Годините нивни минуваат; тие се како трева – изутрина; наутро ќе процути и ќе помине, а навечер паѓа и се исушува“ (Пс 89,4-6).
Колку време ни е потребно во светот? Царот Давид вели дека „дните на нашиот живот се седумдесет години, а ако сме крепки и до осумдесет години; и повеќе време од нив се во труд и болести, бидејќи брзо минуваат и ние летаме со нив“ (89,10).
Ние сме во постојан страв дека нема многу да направиме во текот на времето што го имаме, страв дека немаме контрола над неговото неумоливо минување, страв дека нема да имаме доволно време. Но, доволно време за што? За да го потрошиме на тривијални задоволства, да оставиме „нешто“ зад себе, да го видиме светот? Всушност, ова би можело да се смета како „губење на времето“.
Треба да го видиме времето од една поинаква перспектива. Времето не е некаква трка, туку дар од Бога. Без разлика колку ќе живееме, еден час, 30 години, 100, нам ни е дадено доволно време за да здобиеме спасение. Еден отец еднаш има кажано дека ако човекот сака да се спаси, доволен е само еден ден од изгрејсонце до зајдисонце. Ние го имаме библискиот пример на разбојникот на крстот, кој го „украде“ рајот со еден збор.
Иако вакви нешта можат да се случат, тие се само исклучоци, бидејќи ние не сме господари на времето, само Бог го знае почетокот и крајот на светот и на секого од нас. Тогаш, како можеме да знаеме кога да се покаеме, како би можеле да знаеме кога да ставиме крај на долгогодишното духовно одлагање? Некои се обиделе да го предвидат крајот на светот, но погрешиле.
Сепак, постои друг начин, наместо да погодуваме, ние треба да се подготвуваме, треба да се обидеме да живееме секој ден, како да е последен. Свети Василиј Велики велел дека најголема философија е сеќавањето на смртта. Навистина, имајќи ја оваа перспектива на ум, секој ќе сфати дека најдобрата резолуција е покајанието, фундаменталната промена од губење на времето во искупување на времето. Како христијани, ние треба да го искупиме времето што ни е дадено, ползувајќи го правилно за наше спасение и на тој начин да стекнеме вечност.
протопрезвитер Василиј Тудора
Подготвил: презвитер Георгиј Глигоров