Иларион Алфеев: Симфонијата на надворешните црковни врски

прв дел од интервјуто во два дела со архиепископот волоколамски Иларион

rsz_ilarionalfeev_resized (1)

Символика: од служба на служба

– Владико, до неодамна Вие богослужевте во еден од најмузикалните градови на светот – Виена. Таму живееле и твореле највеличествените композитори – Моцарт, Хајдн, Бетовен, Шуберт, Брамс. Веројатно тоа и Ве поттикнало да творите музика?

– Мојата композиторска судбина е чудна и необична. Еднаш во својот живот ја оставив музиката. Сепак, тоа го сторив сознателно и, како што претпоставував, засекогаш. Едноставно, се најдов пред избор: да ѝ служам на музиката или на Црквата. И јас ја избрав Црквата.

11 години одев на часови по виолина и композиција во музичкото училиште „Гнесини“, а потоа во Московскиот конзерваториум. Се очекуваше да станам професионален музичар. Но, паралелно почнав да одам во црква. И како што минеше времето, храмот сè повеќе ме привлекуваше, а музиката сè помалку.

– Т.е. Вас Црквата Ве оттргнала од музиката?

– Неколку години живеев во состојба, не на раздвоеност, туку некако постојано се прашував себеси: кому треба да му го посветам животот? На крајот на краиштата сфатив, дека најмногу од сè сакам да ѝ служам на Црквата.

– Колку години имавте тогаш?

– 15. Мислам дека мојот избор беше резултат на оној внатрешен процес, којшто не може едноставно да се објасни со зборови. Но, потрагата ме приведе кон непогрешлив резултат.

– Толку сте сигурен во тоа?

– Човекот, кој стапил на патот на служење на Црквата и тоа го сторил сознателно, никогаш нема да зажали за својот избор.

– И Вие го напуштивте Московскиот конзерваториум?

– Од конзерваториумот ме повикаа во армијата. Такви беа условите: прво се бараше да се даде „свештениот долг“ кон Татковината, а веќе потоа да се занимаваш со она кон што душата повикува. Секако, ако не отидев на служба во армијата, јас веднаш ќе се запишев во Богословија. Сепак, не сакав да ја одбегнам службата во армијата, знаев дека треба да се отслужи и потоа со мирна совест останатиот живот да го посветам на она кон што се стремев – на црковното служење.

– Каде служевте, ако тоа не е воена тајна?

– Во Обрасцовиот оркестар на Пограничните војски. Со целиот оркестар патувавме по караулите на Далечниот исток, одржувавме концерти на естрадна музика. Мојот инструмент беше електрооргули. Пропатувавме дел од границата со Кина – од Хабаровск до Благовештенск. Од една караула до друга – стотици километри.

Сигурно, имате и награди?

– Имаше обележје, знак што се ставаше на гради „Одличје на пограничната војска“. Иако, според мене, не го заслужив. Бев самостоен и непотчинет.

– Што Ве поттикнуваше кон такви значајни чекори?

– Одев во храм. Требаше да кријам дека сум верник. Тогаш не смееше да се носи на вратот крст, па затоа го зашивав на јаката од војничката кошула.

– А каде го чувавте Евангелието – сигурно не во војничкото шкафче?

– Ми подарија минијатурно Евангелие, што можеше да се стави в џеб. Но, јас знаев дека порано или подоцна ќе го откријат. Затоа го научив напамет Евангелието според Јован, а книгата ја криев.

– Што се случи по армијата?

– Ме демобилизираа во ноември, а да се запишам во Богословија беше доцна, зашто учебната година веќе беше започната. За да не губам време, решив да одам во манастирот на Светиот Дух во Вилнус. И следниот септември веќе бев свештеник.

– А музиката?

– Расчистив со неа, како што ми се чинеше тогаш, еднаш засекогаш. Одрекувањето од светот за мене, пред сè, претставуваше одрекување од музиката. Затоа што мене, освен музиката, целосно гледано, ништо не ме поврзуваше со светот. Повеќе не пишував музика, не свирев на музички инструменти и дури не слушав музика на плочи.

Во црква не е досадно

– Има многу млади луѓе, кои се сметаат себеси за верници, но во црква не одат. Тие велат дека таму им е досадно. Се разбира, дека црквата не е дискотека, таму не се оди за забава, но сепак, дали може да се измени ситуацијата?

– Не можам да си претставам, како може некој да се досадува на богослужение. Во училишните години неколку пати одев во дискотеки и училишни забави, каде што се собираа моите врсници „да се покажат себеси и тие други да видат“. И умирав таму од досада. Се водеа празни и бесцелни разговори. Настаните што се случуваа во т.н. младинска средина секогаш ми изгледаа некако невкусни, а веселоста на сокласниците – вештачка.

– Во црква е поинаку?

– Во црква сè е поинаку. Само таму успеав да ја почувствувам реалноста на вистинскиот живот.

– Дали служењето на Господа е доходовно дело?

– Кога го започнував својот свештенички пат и служев во Литванија, тогаш едноставно живеев во бедотија. Моите парохјани беа најсиромашни луѓе, а јас добивав симболична плата. Во 1991 година дојдов во Москва и тука веќе имав три задолженија: служев како клирик во храм, а исто така предавав во Московската духовна семинарија и во Институтот на свети Тихон. Целиотмесечен приход ми изнесуваше 12 долари. Еден долар добивав за службата во храмот, 10 – во Духовната академија, и уште еден – во Институтот на свети Тихон. Пресметувам во долари, затоа што рубљата тогаш многу паѓаше. Општо земено, реално заработував два килограми сирење месечно.

– Како преживувавте?

– Заработував со преведување – од англиски на руски и обратно.

Кога доаѓа музиката

– Како се вративте на музиката?

– Постепено почнав повторно да слушам музика. На пример, возејќи автомобил. Но на концерти или на опера не одев, а и до ден денес не одам. За шесте години живот во Виена, само еднаш бев во знаменитата Виенска опера. И само затоа што еден пеач од нашиот црковен хор ја исполнуваше таму партијата на Командор во „Дон Жуан“ и ме молеше да дојдам и да го слушнам.

– Имате цврста волја!

– Кога имав 20 години, бев многу радикално настроен. Ја напуштив музиката и си мислев дека тоа е засекогаш. Но, како што се вели, човекот претполага, но Бог располага. Во одреден момент, очигледно периодот на радикализмот помина, почнав да си дозволувам да слушам по малку класична музика. Иако со неа не се занимавав активно. Но, во 2006 година нешто во мене одеднаш се смени – и почнав да пишувам музика.

– Како тоа одеднаш– ниту од едно или од друго нешто? Сигурно имало некаков поттик?

– Таа улога ја одигра еден концерт во Москва на фестивалот на православна музика. Хорот од храмот на светителот Николај во Толмача при Третјаковската галерија го исполни моето сочинение старо 20 години – „Ниње сили небеснија“. Го слушнав и…

– Посакавте уште нешто да сочините?

– Да. Во мојата глава одеднаш почнаа да возникнуваат музички идеи, теми, при што во такво изобилство, што ми се чинеше дека во мене се таложеле, како во сандаче, две децении. Мелодиите како да паѓаа од небо. Не помнам дека такво нешто ми се случило во годините кога учев во конзерваториумот. Тогаш со голем труд творев музика.

За 10 дена напишав „Божествена Литургија“ за мешан хор. При што, процесот на творење се совпадна со патувања во разни земји, затоа во основа пишував во авионите или во чекалните.

– Дали пишувавте на петолиние?

– Прво и тоа го немав при рака. Со проста рака цртав линии на обичен лист и таму ги запишував нотите.

– Ова можеби е наивно прашање: како се раѓа музиката? Дали при рака, освен петолиние, секогаш да се има, да речеме, уште и пијано?

– Музиката се раѓа во главата и во срцето. За тоа сосема не е задолжително поседувањето на пијано. Кога пишуваш со инструмент, творечкиот процес е сосема поинаков. На пијаното може да се испроба музиката, да се отсвири едно или друго. И одненадеж да слушнеш нешто оригинално. Тогаш може и да се запише. Но кога се нема пијано, музичките теми се раѓаат внатре, мене ми останува само да ги пренесам на хартија. Имено, така прво ја напишав „Божествената Литургија“, потоа „Сеноќното бдение“. Токму така се појавија и „Страданијата според Матеј“.

(продолжува)

Превод: Георгиј Глигоров

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *