Иларион Алфеев: Симфонијата на надворешните црковни врски (2)

Втор и последен дел од интервјуто

– Вие така бестрашно се нурнавте во сферата на Јохан Себастијан Бах. Познато е дека врв на неговата вокално-драматична музика станал токму ораториумот Страданија според Матеј. Колку тој е во созвучност со Вашето творение?

– Мојата идеја се состоеше во тоа, старата форма на „Страданијата“, која всушност постоела уште пред Бах, но нашла свој највозвишен израз во неговото творештво, да ја исполнам со православна содржина. Се појавија „Страданија“, основани на православната духовна традиција. Таму текстовите од православното богослужение, како и самата музика, упатуваат на црковна служба. Тоа е обид да се пренесе на сцена атмосферата што возникнува во православниот храм на Велики Петок, кога се извршува богослужението посветено на Христовите страданија.

Во исто време, секој композитор ги определува за себе оние уметнички принципи што ќе ги подражава во своето творештво. Понекогаш тој постапува рационално, а понекогаш тоа се случува само по себе во процесот на творењето. Во конкретното творение, јас се потпирав (волно или неволно) на три разни стилистички слоја. Прво, баховската традиција – музичкиот стил од епохата на барокот. Второ, стилот на руската црковна музика, на онаа што и денес ја слушаме во храмовите, но која во основа е од 19. век. И трето, стилот на одделни композитори од 20. век, такви како Шостакович, Прокофјев.

– Како го оцени Вашето творештво патријархот Алексиј II, кој беше голем познавач на класичната музика?

– Неговата светост, приснопамјатниот патријарх Алексиј II присуствуваше на првата интерпретација на „Страданија според Матеј“ во Големата сала на Московскиот конзерваториум на 27 март 2007 година. По концертот, тој ме покани кај себе и рече: „Ви благодарам за прекрасната музика“. Заедно со него на концертот беше и митрополитот Кирил, сегашниот свјатејши патријарх.

Страданијата според Матеј ги слушаа во Рим. Каква беше тамошната реакција? Дали мислењето на католиците се разликуваше од мислењето на православните?

– Приемот од страна на публиката беше најтопол. Кога ја пишуваш музиката, не знаш дали таа ќе најде одѕив во душите човечки. Една работа е што самиот ги внесуваш своите доживувања во делото, а друга дали тие ќе бидат предадени на другите, дали ќе бидат примени од слушателите. Контактот со публиката може да се случи, а може и не. Во овој случај контактот беше стопроцентен. Луѓето го разбраа она што сакав да го изразам преку таа музика.

Облекување за 40 секунди, ручање за шест минути

ilarion intervjuЦвеќиња, аплаузи… Дали се почувствувавте како ѕвезда?

– Како прво, јас сум свештенослужител. И во своето творештво – дали станува збор за музички творенија, преводи или книги, се трудам да сведочам за Христа, да го донесам Словото Божјо и Неговата убавина до човечкото срце. А тоа е примарната задача на пастирот.

– Како се чувствувате, кога излегуваат Ваши нови книги или се преиздаваат стари?

– Кога добивам испечатена книга, не чувствувам никаква еуфорија. Освен тоа, првото што обично ми се случува во такви случаи: кога ќе отворам на некоја страница, наоѓам печатна грешка, што не сме ја виделе при препрочитувањето, ниту јас, ниту редакторот, ниту, пак, лекторот.

– Да се вратиме на почетокот од нашиот разговор – за привлечноста на Црквата за младите. Дали сметате дека во тоа успеваат свештениците, кои до неодамна биле идоли на младите?

– Секој свештенослужител во Црквата го внесува својот сопствен опит. Тој опит може да биде вреден и потребен. Навистина, има свештенослужители што произлегле од средината на научниците, музичарите, актерите или претставниците на другите професии. Често таквите свештеници се способни да воспостават многу подобар дијалог со претставници од својот претходен кружок, отколку свештениците што немаат таков опит. Сепак, не е работата во тоа. Поради некоја причина, обично се мисли дека Црквата се само свештениците. Всушност, Црквата е целата полнота на верните луѓе: и епископите, и свештениците, и ѓаконите, и монасите, и мирјаните. Секој свештенослужител е должен да го искористи опитот пред свештенството и сиот свој творечки потенцијал за слава на Бога и Црквата, и за полза на луѓето. И тоа се однесува не само на свештениците, туку и на сите членови на Црквата. И како мирјанин, занимавајќи се со некоја светска работа, исто така може да се донесе полза и на Црквата, и на друѓите луѓе, восприемајќи ја својата световна професија како форма на служење на Бога.

– Некои познати рок-музичари во Русија се сметаат себеси за верници. Често тие своите концерти ги спроведуваат со проповед. Какво е Вашето мислење за идејата на православен рок?

– Јас се воспитував во традицијата на класичната музика и никогаш не ме привлекувала рок-музиката. Мене класичната музика ми е многу поблиска. Современата младина, за жал, малку слуша класика. А тоа е огромен слој од светската култура.

– Што мислите, зошто младината ја отфрла класичната музика?

– За да ја примиш музиката, треба да ја разбираш. Но, ако си воспитан на некои други обрасци, тоа не е едноставно. Иако, јас не би рекол, дека интересот кон класичната музика опаѓа. Концертните сали се полни, компакт-дисковите бргу се продаваат, значи и класиката е барана. Освен тоа, мислам дека рок-музичарите, чии имиња денес одекнуваат по цела Русија, со време ќе бидат заборавени, но Бах, Бетовен, Шуберт, Брамс остануваат за векови. Човештвото одново и одново ќе се обраќа кон тие колоси на класичната музика.

– Според Вас, дали рок-музичарот може позитивно да влијае врз умовите?

– Зошто да не. Ако тој е верник, тогаш може. Зборовите за верата, за христијанскиот морал од устата на рок-музичарот, мислам дека ќе остават впечаток кај неговите почитувачи или ќе ги натераат да се подзамислат. Тоа е мисија од свој вид. Зашто секој христијанин, со што и да се занимава, секогаш може да биде со Бога, сите негови дела и сиот негов живот можат да бидат од Него осветени.

– Дали за Вас творењето на музика, на книги, претставува хоби?

– Хобито претполага имање на слободно време. А него и претходно практично го немав, а сега – по назначувањето за претседател на ОВЦС (Одделот за надворешни црковни врски) – и воопшто го немам.

– Зар сосема, ниту половина час?

– Ако се погрижам, можам да најдам половина час. Во текот на долгите години служење на Црквата, јас разработив цел систем за наоѓање на слободна минута.

– Дали може да ја кажете тајната?

– Треба да станеш порано, а да си легнеш подоцна.

– Кое време е тоа за Вас?

– Сè зависи од околностите, но сонот не смее да биде повеќе од шест часа. Секако, може и помалку да се спие, но тоа е веќе за такви подвижници, кон кои себеси не можам да се вбројам. Потоа, од армијата стекнав навика набрзина „да примам храна“. Во армијата ручекот траеше шест минути. Сега обично ручам 10 минути. Штедењето на времето за ситници како резултат може да даде половина час, можеби час, дури и два. Исто така, многу време поминувам на пат. Во авиони, во аеродроми, во автомобили. Се трудам да ги испланирам и искористам дури и тие часови. Зашто, летот може да трае и половина ден, цел ден, дури и деноноќие – на пример, за Австралија.

– Дали имате музички планови?

– Во август минатата година, кога една недела престојував во Финска, напишав едно дело, кое до сега сèуште не е интерпретирано. Тоа е симфонија за хор со оркестар на зборовите од псалмите – „Песна на восходењето/искачувањето“. Се претпоставува, дека тоа сочинение ќе се слушне на 26 ноември во Големата сала на конзерваториумот.

Но, во моментот немам никакви понатамошни планови. Неговата светост, патријархот Кирил, еднаш рече: „Владиката Иларион сега треба да пишува само една симфонија – на надворешните црковни врски“. Со тоа и се занимавам деноноќно.

Извор:«Российская газета» — Недела №4969 (145) од 6 август 2009

Прв дел од интервјуто

Превод: Георгиј Глигоров

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *