Берѓаев: За достоинството на Христијанството и недостоинството на христијаните (7)

7. Христиladderјанската вера нè повикува, пред сè, да го бараме Царството Божјо и божественото совршенство. Но, на христијанската вера ѝ се туѓи мечтателноста и утопизмот, псевдомаксимализмот. Христијанството е реалистично и светите отци секогаш повикувале кон духовна трезвеност. Христијанското сознание ги гледа сите тешкотии, што лежат на патот до совршениот живот. Тоа знае, дека во Царството Божјо се влегува насила. Христијанството секогаш нè повикува да врвиме од внатрешното кон надворешното, а не од надворешното кон внатрешното. По никакви надворешни насилни патишта не може да се достигне совршен живот – личен или општествен. Неопходен е внатрешен, духовен препород. А, тоа последното, е дело на слободата и благодатта, а во ниеден случај не – на наопходноста и принудата. Совршени христијани и совршени христијански општества не можат да се создаваат на никаков принуден начин. Неоходна е вистинска, реална промена, во душите на луѓето и во душите на народите. Од тоа што луѓето се нарекуваат христијани, од тоа што дури и ја исповедаат христијанската вера, уште не следува дека тие го достигнале совршениот живот. Остварувањето на христијанското совршенство во животот е бескрајна и тешка задача. Само малкумина подвижници (аскети) се искачуваат до врвот на совршениот христијански живот. Отфрлувањето на Христијанството заради несовршенството и лошите својства на христијаните, всушност, е незнаење и неразбирање на првородниот грев. За оние што го познаваат тој грев, е јасно, дека недостоинството на христијаните може само да го потврди, а не да го побие, достоинството на Христијанството. Тоа е вера на искушението и спасението од гревот. Христијанството ја возвестува вистината за тоа, дека светот лежи во зло и дека човекот е грешен. Другите различни учења сметаат, дека може да се достигне совршениот живот без вистинска, реална победа над злото. Христијанството, меѓутоа, не мисли така. А тоа се стреми кон реална, духовна победа над злото, духовен препород и возраѓање. Христијанството е порадикално од другите учења и побарувањата му се поголеми.

Најпротивречната црта на Христијанството во историјата била онаа – што мошне многу нешта и мошне многу луѓе носеле надворешни христијански обележја и знаци, а всушност, реално не биле христијани. Нема ништо поодбивно од лагата, преправањето и лицемерието. Токму тоа предизвикува протест и отфрлање. Државата се нарекуваше христијанска, ги носеше обележјата и знаците на Христијанството, но реално не беше христијанска. Истото би можело да се рече и за христијанскиот бит, за христијанската наука и уметност, за христијанското стопанство и право, за целата христијанска култура. Сè се нарекуваше христијанско, но реалното преобразување и просветување не одговараше на тоа име. Со Христијанството се оправдуваше дури и експлотацијата на човек од човек во социјалниот живот, се заштитуваа богатите и силните од овој свет. Стариот јазичнички човек, во кого беснееја греовните страсти, живееше во христијанскиот свет и беше повикан за христијанско преобразување на животот. Црквата внатрешно му содејствуваше, но не можеше со насилства да ја победи неговата стара огревовена природа. Тоа е внатрешен, таен процес. Царството Божјо доаѓа тајно. Во христијанскиот свет се напластија многу лицемерија и лаги, многу релативизирање и реторика. Тоа не можеше, а да не предизвика протест. Протестот против Христијанството и отпаѓањето од Христијанството неретко беа само искрена желба, сè надворешно да му соодвествува на внатрешното. Ако однатре нема Христијанство, тогаш и однадвор нека нема. Ако државата, опшеството, културата, внатрешно не се христијански, тогаш тие нека не се нарекуваат христијански, нека не се преправаат и нека не лажат. Ваквиот протест си имаше и добра страна – нељубов кон лагата и љубов кон вистината. Но, заедно со вистинитоста и искреноста, со протестот против лагата и лицемерието изникна нова лага, ново лицемерие. Врз основа на тоа, што луѓето и општеството биле нереално, невистинито, привидно, лицемерно и надворешно христијански, започнаа да тврдат, дека самото Христијанство е неправда и лага, започнаа да го сметаат злото кај луѓето за зло кај самото Христијанство. И, слествено, се разбира, започнаа да сметаат, дека стојат на поголема висина, дека се посовршени и исповедаат повистинит светоглед. Наместо христијанското лицемерие, се појави антихристијанско лицемерие. Противниците на Христијанството мислат, дека се подобри христијани, дека се попросветени и подобро ја знаат вистината. А, всушност, тие се соблазниле од луѓето коишто се одрекле од Вистината, поразени повеќе од човечките изопачувања на вистината, отколку од самата вистина. Тие се полоши од христијаните, бидејќи го загубиле чувството за грав. Ниче со гнев го напаѓаше Христијанството затоа што ги гледаше само изродените, надворешните христијани, а не го гледаше и не го разбираше самото Христијанство.

stock-footage-eagle-preens-feathers-atop-russian-church-cross-blue-sky-background-p

Христијанскиот свет преживува криза, којашто го растресува до самите негови темели. Човечката душа жеднее да проникне во длабочините на самиот живот, жеднее да го дознае најсуштественото и нужното, сака да живее со вистината и правдата. Во нашиве дни, под влијание на сите преживеани стресови, луѓето пред сè, сакаат со ништо неприкриена и неизопачена вистина. Човекот е изморен од лагата, од релативноста, од надворешните знаци и форми, коишто ја смениле изворната реалност на животот. И човечката душа би сакала да ја види христијанската Вистина, без посредништво на лагата внесена од страна на христијани, и би сакала да се присоедини кон Самиот Христос. Заради христијаните луѓето Го заборавија Христа, престанаа да Го гледаат. Христијанскиот препород ќе биде, пред сè, обраќање кон Христа, кон самата Христова Вистина, ослободена од човечките изопачувања и прилагодувања. Сознанието за несовладливоста на првородниот грев не треба кај човекот да го задушува сознанието за неговата одговорност кон Христовото дело во светот, туку треба да ја мобилизира енергијата за служење на тоа дело. Реалното остварување на Христијанството, на Христовата Вистина и Христовите завети понекогаш изгледа напорна, безнадежна задача. Но, самото Христијанство нè учи, дека само со човечки сили, тоа не може да се оствари во животот. Невозможното за човекот, е возможно за Бога. Оној што верува во Христа знае дека не е сам, дека Самиот Христос е со него; дека е повикан да ја остварува во животот Христовата вистина заедно со Христа, својот Спасител.

Николај Берѓаев

Извор: Домострој 11/12

Прв дел    Втор дел    Трет дел    Четврти дел    Петти дел    Шести дел

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *