Апостолска вера и апостолски сомнеж (3)

rsz_tomas

Факт е, браќа и сестри, дека не можеме да се вратиме назад и сè да докажеме. Но, денес луѓето очекуваат, дури и бараат доказ. Интернетот има безброј сајтови за скептици и луѓе што се сомневаат, сајтови на атеисти што се обидуваат да ја уништат верата. И тие воопшто не се објективни, туку се обидуваат да ви покажат дека ова е правата вистина. Секако дека не се објективни. Тие не се пообјективни од христијанските сајтови што ја промовираат верата во Христос. Затоа треба да сте свесни за ова, зашто навистина се случува. Има многу луѓе што се обидуваат да ги уништат христијаните, Христијанството и верата во Христа. И зошто се случува ова? Затоа што светот Го мрази Христа, најмногу од кога било. Атеизмот се вклопува во нашата самодоволна и хедонистичка култура и тоа многу многу добро. Бидејќи атеизмот во суштина не е верување или одбивање на секое верување во Бога, туку атеизмот се поставува себеси на местото на Бога: јас сум си бог на самиот себе. Многу полесно е да не се одговара пред некого, јас си ги поставувам правилата; ако нема Бог, јас ќе си бидам бог на самиот себе. Јас ќе одлучувам што е правилно, а што погрешно. Јас можам да се претворам дека имам принципи, доблести, морал и стандарди. Но, потоа ќе можам да ги прекршам или игнорирам, кога нема да ми одговараат, бидејќи, се разбира, нема Бог, па јас ги поставувам правилата.

Ако тргнеме со став на скептицизам и негирање, ние никогаш нема да поверуваме. Свети Августин имал една омилена изрека: „Верувам за да можам да разберам“. Тој не вели: „Докажи ми прво, па потоа ќе поверувам“. Тој не рекол: „Разбирам, па затоа верувам“. Тој сфатил дека треба да се почне со некаков елемент на вера, пред да можеш да поверуваш или да разбереш нешто. Свети Августин не дошол до верата лесно; тој се мачел многу, но сфатил дека треба да се почне со отворено срце: „Верувам, за да можам да разберам“. Духовните предмети се таинствени, тие не можат да бидат редуцирани на објаснување, докази и логика.

Да Ви дадам уште еден пример. Како да Ви докажам дека мојот син Кристофер постои? Со неговиот извод на родените; некои би рекле: ама тоа може да е фалсификат, не е доказ. Но, ако Ве одведам горе на спратот и Ви ја покажам неговата соба, неговиот кревет, неговите облеки… Би ми рекле: е, тоа може да припаѓа кому било, тоа не е доказ. Но, ако Ве запознаам со Кристофер, тогаш можеби ќе поверувате дека тој постои. Како можеме да го докажеме постоењето на некој или нешто, па дури и Бог? Преку нашиот опит. Тоа е единствениот начин да Го познаеме Бога и да научиме дека Он навистина постои. Од ништо на што би можеле да укажеме во книга, или да видиме на видео, или што било. Ние конечно доаѓаме до познание на Христа, само преку опит на Него. И поради ова ние едноставно треба да сме отворени и за идејата, дека Бог нè прифаќа дури и со нашите сомнежи. И затоа Ве охрабрувам да разговарате со младите луѓе во Вашиот живот и да ги советувате да продолжат да одат во црква и да бидат отворени за Бога, зашто во спротивно, тие никогаш нема да поверуваат. Тие треба да се отворени за идејата на Бог, бидејќи Бог нè прифаќа дури и со нашите сомнежи. Нашите сомнежи се наша слабост, грев, како и секој друг. Никој од нас не е совршен. Не е тоа неопростлив грев, не е нерешлив проблем, а Христос умре за нас, додека бевме грешни.

Сигурна сум дека мојата баба никогаш не се сомневала. Која е разликата помеѓу таа генерација и нашата? Дали затоа што тие биле прости, необразовани; да, биле необразовани, ама не биле глупави. Во последно време размислувам, поврзано со оваа дискусија, за сторијата со Христос и богатиот. И после оваа средба со богатото момче, Христос рекол: полесно и е на камила да мине низ иглени уши, отколку на богат да влезе во Царството Небесно. Сите го знаеме ова, нели!? Ние обично не се поставуваме во категоријата на богатото момче, нели? Но, сите ние сме таму. Дури и денешните луѓе што ние ги нарекуваме сиромашни во индустриските земји, како Америка, Англија, Канада, Австралија, Западна Европа, дури и луѓето што ние ги сметаме за сиромашни, се богати во споредба со луѓето пред многу години, а со сигурност со луѓето од времето на Христос. Дури и сиромашните во нашата земја имаат телефони и фрижидери, понекогаш и автомобили, имаат доволно храна за јадење, не гладуваат по улиците. Но не толку одамна, луѓето ги трошеле сите свои приходи во борбата да преживеат. Треба да си обезбедиш за самиот себе, за да го преживееш денот, немало одмори, немало пензии, работиш додека не умреш. Луѓето што живеат во такви околности, како што бил животот на мојата баба, прекумерна работа и оскудност, целосна сиромаштија, таквите луѓе добро Го познавале Бога и немале никакви сомнежи. Но Го познавале, не од книги, туку од опитот, од молитвата. Го познавале затоа што ги извлекувал од дното на катастрофите, гладот, неволјите, безброј пати. Затоа што немало што друго да прават, туку сè што можеле да направат е да се обратат кон Бога, и се обраќале. И мислам дека нашата сурова опсесија да имаме докази за Бога не е само нус производ на нашето научно време или технолошко време, за што отсекогаш сум мислела дека е, но почнувам да размислувам дека тоа е нус производ на комфортите на нашето време, зашто ние би биле поповрзани со Бога, ако сме во потреба почесто да се обраќаме кон Него, отколку што тоа го правиме.

Оваа специјална лекција сакав да ја наречам „Апостолска вера и апостолски сомнеж“ со цел да поттикнам охрабрување, инспирација, надеж кај оние што меѓу нас сè уште се борат со сомнежи, бидејќи и самите апостоли се сомневале. Видете во Евангелието според Матеј, 28 глава, последната од тоа Евангелие. 28-та глава е една величествена сцена, наречена „Великото овластување“, во која Господ ги води учениците на една висока планина и ги испраќа по целиот свет да ги крштеваат сите народи во името на Света Троица. Ова евангелско четиво го читаме на секое Крштение. Но, видете како започнуваа тоа поглавје: се вели дека Христос ги одвел на врвот од една висока планина, тие паднале и Му се поклониле, ама некои се сомневале. Ова се зборови на Матеј. Овие луѓе Го виделе Христа воскреснат од мртвите и, сепак, некои се сомневале. Многу го сакам тоа. Бидејќи Матеј е сосема искрен во врска со тоа. Сосема искрен. Тој не се обидува да ги прикаже учениците како некакви апсолутни верници дури и во тој момент. Тие се сомневале гледајќи Го Христа воскреснат од мртвите и како ние да очекуваме од самите себеси никогаш да не се посомневаме. Бог не го очекува тоа од нас. Бог разбира. И Христос не ги отфрлил; Он можел да им ги прочита мислите; Он не рекол: „Како може да се сомневате во Мене, откако Ме видовте воскреснат од мртвите“. Он не го вели тоа. Многумина од нас, секако, си споменуваат за познатата епизода со свети Тома. Читајте го Евангелието според Јован. Ние секогаш мислиме дека бидејќи Христос му рекол на Тома: Блажени се оние што не виделе, а поверувале – тоа претставува некаков укор на Тома. Но, не мислам така. Кога размислувам на таа сторија, мислам дека Христос на Тома му го дал она што му било потребно за да го разреши својот сомнеж. Мислам дека многу љубовно му се обратил на Тома: „Дојди Тома, стави го прстот во дупките направени од клинците, стави ја дланката во реброто“. Он не го осудил Тома за таа слабост. Он можел и да не му се покаже на Тома. Она што е факт е дека дури и апостолите, драги браќа и сестри, требало да растат во нивната вера, бидејќи тоа е нешто што доаѓа со тек на време, преку нашиот однос со Христа.

(продолжува)

презвитера Евгенија Константину

Прв дел    Втор дел

Подготвил: Георгиј Глигоров

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *