Презвитера Џини: Апостолска вера и апостолски сомнеж (4)

Четврти и последен дел од предавањето 

rsz_galileja

Имам еден интересен светоотечки пасус што сакам да го споделам со вас. Неодамна побараа од мене да дадам некои забелешки и референци на едно случување овде во USD (Универзитетот на Сан Диего). Овие забелешки требаше да бидат произнесени на денот на Вознесението (Спасовден). Знаете, католиците го имаат преместено празникот од четврток во неделата што следува (православните можеби не се запознати со тоа), но тоа беше денот на Вознесението за нас православните и јас решив да го поставам тоа како тема на мојот коментар. Па барав одредени патристички писанија за Вознесението. И пронајдов еден прекрасен оддел од свети Лав Велики. Неговиот коментар говори за тоа како Вознесението им помогнало на апостолите да ги разрешат сопствените сомнежи; цитатот е прекрасен и одговара на нашата тема:

„Како човекот да биде оправдан преку вера, ако нашето спасение почива на оние нешта што лежат пред нашите очи. Штом нашиот Господ му се обратил на оној што изгледа се сомневал во Христовото Воскресение, додека не бил искушан со поглед и да може да ги допре трагите од Неговите страданија и самото Негово тело: Вие поверувавте, бидејќи Ме видовте. Блажени се оние што не виделе, а поверувале. Ние велиме дека спасението не зависи од она што можеме да го видиме, да го потврдиме. Искрено речено, затоа и се нарекува вера, бидејќи не можеме да докажеме“.

Затоа ако некој во Вашиот живот очекува доказ, нема да го добие. Видовте ли како свети Лав го започнува својот коментар, зборувајќи за тоа како ние сме спасени преку вера. Всушност, тој вели, бидејќи сме оправдани преку вера. Денес кога ги слушаме овие зборови, ние секогаш размислуваме за нив во контекстот на протестантската реформација: спасени сме преку вера – тоа било протестантско мото, не едноставно преку вера, туку само преку вера, нешто што го нема во Библијата, зборот – само. Но, Лав проповедал многу пред протестантската реформација, повеќе од илјада години пред тоа. И тој не го разбирал тоа така. Во првите неколку поглавја од 1Кор, Павле има намера да каже дека христијанската порака не може да биде докажана со логичка методологија, дека таа нема смисла во областа на рационалното. Во 1Кор тој говори за христијанската безумност наспроти световната мудрост и тој вели: јас не дојдов кај вас со елоквентна мудрост, јас дојдов проповедајќи ви Го Христа Распнатиот. Распнатиот Месија! Тој можел да рече и: Распнатиот Спасител, Распнатиот Бог. Ова не било нешто лесно за луѓето ниту во антиката да прифатат. Затоа тој продолжува: камен на сопнување/скандал/соблазна за Евреите и безумство/будалаштина за паганите. Тоа е нелогично и безумно, бидејќи Елините и останатите во тоа време очекувале нешта во согласност со елинската философија. Морало да биде елоквентно, морало да биде логично и морало да има одличен ораториум. И Павле вели: не можам да го направам тоа, бидејќи она што проповедам е Распнатиот Месија! Бидејќи она што го кажувам бара вера. Во очите на светот, Распнатиот Месија е нелогичен и нерационален.

Бог сака да Му пријдеме според верата, а не затоа што сме биле убедени преку логика, рационалност или наука, за да поверуваме. Ова е така и затоа што Бог е неспознатлив/непоимлив за човечкиот ум. На Бога можеме да Му пристапиме единствено со вера. Не го довршив пасусот од Лав, па да се навратиме на тоа:

„Оваа вера зголемена со Господовото Вознесение и утврдена преку дарот на Светиот Дух (Педесетница) не била застрашена од ограничувањата, затворите, гладот, огнот, нападите од дивите ѕверови, мачењата од суровите гонители. Оваа вера изгонувала духови, исцелувала болни, воскреснувала мртви. Самите блажени апостоли, откако биле утврдени со многу чудеса и поучени со многу беседи, сепак биле во паника од ужасот на Господовите страданија и не ја прифатиле вистината за Неговото Воскресение без колебање. (И оваа вера) толку многу напреднала/прогресирала по Господовото Вознесение, така што сè што порано постојано ги исполнувало со страв било исполнето со радост. Бидејќи тие го подигнале целото созерцание на нивниот ум кон Неговото Божество, коешто седнало од десната страна и повеќе не биле попречувани од бариерите на телесниот вид да го упатуваат нивниот умствен поглед кон она што никогаш не ја напуштила десната страна на Отецот, при снисходењето/слегувањето на земјата и не ги заборавило апостолите, при Своето Вознесение на небесата“.

Така што, поенатата на свети Лав е дека дури и апостолите се сомневале; на некој начин, тоа што Христос бил физички присутен меѓу нив направило да им биде уште потешко да поверуваат. Но, забележете како тој вели, дека тие раснеле во верата. Прво, секако, тие верувале дека Он е Месијата, дури и Господ во некоја мера, но по Воскресението поверувале малку повеќе, по Вознесението уште повеќе, по Педесетница повеќе… И со сигурност, како што минувал нивниот живот и ги виделе сите овие чудесни нешта, задлабочувајќи го својот однос со Христа преку молитвата, тие станале џинови на верата. Тоа се луѓето што сега ги гледаме, но тие не биле совршени, туку обични човечки суштества, како сите нас. Затоа се надевам дека ќе ги утешите луѓето во Вашите животи, коишто се прашуваат себеси и се борат со овој проблем/прашање на верата. Особено младите луѓе. Тие треба да знаат дека е во ред да се зборува за тоа и нема од што да се срамат, туку треба да продолжат да се молат, макар да имаат сомнежи, и да продолжат да одат во црква. Ова прашање е многу важно и треба да се зборува за него и кога Ве охрабрувам да разговарате со тинејџерите, не мислам дека ова е проблем за младите тинејџери; нив не треба да ги воведеме во нешто за што сè уште не се подготвени, но постарите тинејџери – дефинитивно. Луѓето на 18-19 години често се мачат со ова прашање и додека размислував што да Ви кажам, ова го дискутирав со мојот духовен отец, којшто има огромна парохија; му реков дека мислам дека ова е една причина зошто тинејџерите не сакаат да одат во црква: тие се чувствуваат лицемерно од тоа што одат во црква или се молат, кога имаат толку многу сомнежи, особено во периоди на големи сомнежи, и тие се чувствуваат глупаво и лицемерно да одат во црква. И тој ми кажа дека ова не единствената причина, но многу често младите луѓе престануваат да одат во црква, бидејќи имаат направено сериозни гревови и затоа не сакаат да одат во црква, бидејќи во основа не сакаат да се соочат со Бога. Не сум размислувала за тоа, но ова има многу смисла.

Знаеме дека тинејџерите и младите луѓе многу често не сакаат да одат во црква, а родителите избираат, или да се расправаат во врска со ова или да ги остават сами да решат. Но, размислете за фактот дека имате некој млад човек што одбива да оди во црква: не мора да значи дека тоа е затоа што црквата им е досадна (тоа може да биде оправдувањето што ќе Ви го понудат), но можно да е поради фактот дека имаат мака со верата или, пак, сториле некои гревови, а тие не би разговарале со вас за тоа. Но, можете да ги охрабрите да разговараат со некој свештеник за ова и да се растеретат од она што и да станало бариера меѓу нив и Бог. Само размислете за тоа; не мора да значи дека нашите деца сториле сериозни гревови, не би сакале да веруваме во тоа, но се случува и тоа. И наместо да дозволиме ова да ги оддалечи од Црквата, подобро да ги охрабриме да разговараат со свештеник, да отидат на исповед и да се обидат да го обноват својот однос со Бога. Се надевам дека ова ви беше од полза.

 презвитера Евгенија Константину

Прв дел    Втор дел    Трети дел

Извор: http://www.ancientfaith.com/podcasts/searchthescriptures/apostolic_faith_and_apostolic_doubt

Презвитера д-р Евгенија Константину е современ православен библист, предавач на универзитетот во Сан Диего. Таа е позната по својот динамичен говор и енергичните презентации во своите коментари на Светото писмо, објаснувајќи го на современ јазик низ призмата на црковните свети отци. Нејзините прекрасни предавања, поврзани со објаснување на библиските книги и текстови, како дел од проектот Search The Scriptures, можете да ги преслушате тука.

Подготвил: Георгиј Глигоров

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *