Отец Томас Хопко: Црковниот Младоженец
Во православната традиција, седмицата на Господовото Страдание се нарекува Велика Страсна (или Страдална) Седмица. Секој ден од неа се нарекува Велик или Свет: Велики Понеделник, Велики Вторник, кулминирајќи со Велики Петок кога Господ е распнат, по што следи Благословената Сабота кога на службите се објавува дека Семоќниот Бог одмора од сите Свои дела, кога Неговиот Син, Логосот, преку Кого, за Кого, во Кого сите нешта се создадени, лежи мртов во гробот, за да ја победи смртта со смрт и да го обнови созданието.
Седмицата на Господовото Страдание започнува во неделата навечер, со вечерната служба на Цветници, а потоа и со утрените богослужби што следат. Овие утрени служби во православната традиција популарно се нарекуваат Последование на Младоженецот (Женихот): во Понеделникот, Вторникот и Средата (некаде овие служби се извршуваат навечер). Овие утрени служби започнуваат, како и секоја, со Шестопсалмието и големата ектенија, а потоа следи, како што е за време (на делничните денови) од Великиот пост, пеењето на трикратно Алилуија со стиховите:
Стих 1: Од ноќта утренува мојот дух кон Тебе, Боже, зашто Твоте заповеди се светлина на земјата.
Стих 2: Научете се на правда, вие што живеете на земјата.
Стих 3: Завист ќе го обземе невоспитаниот народ.
Стих 4: Наметни им зло, Господи, наметни им зло на славните на земјата.
Стиховите се земени од книгата на пророкот Исаија и во нив се потенцира покајанието, дека славните, арогантите, гордите на овој свет можат да бидат исцелени само со наидување на зло врз нив. А по Алилуија следи една химна, која е многу добро позната и возљубена меѓу православните и се нарекува Тропар на Младоженецот. Мораме да забележиме дека почетокот на Страдалната Седмица започнува со пеењето: Ете, Младоженецот доаѓа… Ιδού ο Νυμφίος έρχεται… На оваа служба една специјална икона се изнесува и поставува во центарот на црквата. Икона која понекогаш се нарекува Крајно Смирение (Понижување) или едноставно Младоженец (Црковен), каде Христос е претставен во образ на Страдалниот Слуга: Христос е претставен врзан, гол, со трнов венец, честопати има крст зад Него, тотално понижен, како Страдалниот Слуга на Јахве. И таа икона се изнесува при пеењето на: Ете, Младоженецот доаѓа…
Интересно е тоа што во Евангелијата називот Младоженец е едно од имињата на Месијата, тој израз го има во самото Свето писмо и е еден од најстарите месијански називи. Го има кај Марко во 2 гл. каде се зборува за Исусовите ученици, за постот и Јован Крстител, кога Господ вели: Зар можат сватовите да постат кога младоженецот е со нив!? Но ќе дојдат дни, кога ќе им го одземат младоженецот и тогаш, во тие дни, и тие ќе постат (Мк 2,19-20). Исус Самиот Себе се нарекува Младоженец. Исто така, во теолошкото Евангелие според Јован, кога се зборува за Јован Крстител и кога го прашуваат него: Пророк ли си? Не. Христос ли си? Не. Кој си тогаш? Јас сум гласот на оној што вика во пустината… (Јн 1,21-23), потоа во 3 гл. Јован вели: Оној што ја има невестата е младоженец; а пријателот на младоженецот, кој стои и го слуша, многу се радува на гласот на младоженецот… Тој треба да расте, а јас да се смалувам (Јн 3,29-30). Јован како да вели: јас сум кумот на свадбата, но Исус е Месијата, Младоженецот. А Младоженецот доаѓа по Својата невеста, бидејќи каков е тој Младоженец без невеста, би немало смисла. Невестата Христова сме ние, целото создание, целиот универзум, целото човештво е создадено за да стане Христова невеста, како што Израил праобразно беше невеста на Јахве. А знаеме од Писмото дека невестата не беше верна на Младоженецот кој ја љубеше. Читајте ги Еремија, Исаија, особено Езекил 16 гл. каде се говори за тоа како Бог го избра Израил (за Своја невеста) додека беше бебе во крв, а потоа порасна, ѝ се оформија градите, дојде време за љубов и Јахве ѝ се предаде Самиот нејзе, ја изми, ја очисти, ја облече со прекрасна облека и ѝ стави накит и слава, сè е опишано толку моќно кај Езекил. Но, таа не беше верна и блудствуваше со лажни богови, вршејќи прељуба со Аштарти и Вааловци и оние кои воопшто не се богови, бунтувајќи се и понижувајќи Го Оној што ја љубеше. Како што еден познат протестантски писател, Семјуел Териен, рекол: „Јахве е рогоносец, Јахве е Сопруг, изневерен од Сопствената Сопруга.“ Читајте го Исаија, кај него сè е за неверната жена. А тоа сме ние, тоа е Израилот, тоа е човештвото, тоа си ти, тоа сум јас.
И така, Младоженецот доаѓа и доаѓа за да нè земе при Себе. Доаѓа за да ја докаже Својата љубов до самиот крај. Доаѓа лишен од Божеството или поточно богословски речено: откривајќи го Своето Божество преку Неговото понижено човештво. Како што ап. Павле го поставува тоа на еден силен начин: Оној, Кој не знаеше грев, Бог за нас го направи грев (2Кор 5,21). Он стана клетва за нас, за ние да бидеме благословени. Он умре и стана труп заради нас, та преку Неговата смрт ние да живееме, да бидеме воскреснати и да станеме едно тело со Него (евр. басар ехад) – едно тело со Него, преку Неговото прекршено Тело и пролеаната Крв и да бидеме вратени назат во домот на Отецот.
отец Томас Хопко
Подготвил: Георгиј Глигоров