Отец Томас Хопко: „Ете, Младоженецот доаѓа…“

Страдалната Седмица почнува со Ете, Младоженецот доаѓа…, а тоа е поврзано со параболата за десетте девојки (види Мт 25,1-13) кои треба да бидат будни и подготвени, да имаат масло со себе, та кога ќе го чујат повикот: „Ете, Младоженецот доаѓа“, да бидат подготвени да Го пречекаат. Тоа е тропарот, главната химна што се пее на почетокот од оваа Седмица, на утрената во Понеделникот, Вторникот и Средата:

Ете, Младоженецот доаѓа на полноќ и блажен е оној слуга што ќе биде најден како бдее, но недостоен оној што ќе биде начекан како спие. Затоа внимавај, душо моја, да не бидеш отежната од сон, да не бидеш предадена на смрт и затворена надвор од Царството, туку сепни се повикувајќи: Свет, Свет, Свет Си, Боже, заради Богородица помилуј нè.

И ете, нашиот Младоженец доаѓа и треба да бидеме подготвени да Го пресретнеме, подготвени за да влеземе во брачната одаја. Исто така, при крајот на овие служби се пее една друга химна, наречена Светилен. Во манастирските цркви за време на сеноќни бденија првата химна Ете, Младоженецот доаѓа на полноќ се пеела кога било мрак, половина од ноќта, но потоа сонцето почнувало да се појавува на хоризонтот и го пееле Славословието: Слава Тебе Кој ни ја покажа светлината. Тогаш се пеел и Светилниот:

Ја гледам брачната одаја украсена, Спасителу мој, но немам облека за да влезам во неа, просветли ја облеката на мојата душа и спаси ме.

Земи ме при Себе.

За време на ова сите верни се клекнати и се молат на Бога, на Младоженецот.

Кога ја читаме параболата за оној што влегол на свадбата без свечена облека, а потоа бил истеран (види Мт 22,1-14), треба да се разбере смислата на истото. Некои мислат дека облеката се нашите добри дела, нашите дела на милосрдие и дека треба на Бога да Му покажеме дека ги имаме овие дела, овие нешта, за да би нè пуштил внатре. Во оваа парабола Исус вели дека некој влегол без облека на гозбата, па затоа бил истеран надвор од веселбата, од брачната одаја, оти немал облека. Затоа некои мислат дека тој немал дела кои би ги покажал и тоа е многу често учење. Но, јас мислам дека тоа не е правилно разбирање. Ние немаме дела, акти, ништо што би ни дозволило да влеземе во брачната одаја.

Всушност, во времето на Христос, кога некој дом правел свадба, родителите ги поканувале луѓето да дојдат на свадбената веселба на своето дете, на синот. Кога луѓето доаѓале, домаќинот не ја обезбедувал само храната, пиењето и музиката за танцување, но исто така ја обезбедувал и облеката. Значи, ако си поканет на свадбена гозба, оној што те поканил, домаќинот, ти ја давал и облеката. А ако некој влегол без облека, тоа значи дека скришум влегол, се прошверцувал, т.е. не ја примил облеката што требало да му ја даде оној кој го поканил. Ние христијаните веруваме, дека Бог преку Христос ни ја дава таа свечена свадбена облека. Всушност, ние сме облечени во облека којашто е Самиот Христос: сите, што сте крстени во Христа, во Христа се облековте (Гал 3,27). Он е нашата свадбена облека. Он не е само Младоженецот, но и свадбената облека; Он дури е и самото свадбено јадење, Он е јагнето Божјо што се јаде, Он е Лебот, Он е Виното, Он е сè. И треба да знаеме дека за да влеземе во Царството Божјо, во брачната одаја, да бидеме Негова невеста – треба да ја примиме облеката што Он ни ја дава. Он ќе нè облече, Он ќе не украси и разубави, исто како што Јахве ја облече Својата невеста кај Езекил. Он ја облече во свила и раскош, ја очисти и разубави. И Езекил вели дека таа била толку убава што сите народи на земјата ѝ завидувале. Ова разубавување ни се дава нам од Бога. Не е нешто што можеме самите да го направиме. Ние сме спасени преку верата по благодат, а не преку некакви дела (Ефес 2,8-9). Затоа оние што биле оставени надвор од брачната одаја, кои немале масло, ако употребиме друга метафора, се во таква ситуација бидејќи не го зеле она што Бог им го дал. Маслото што Бог го дава е елеос. Игра на зборови (во грчкиот јазик): елио е масло, а елеос е милост. Ние ја примаме милоста Божја и затоа по благодат влегуваме во брачната одаја и Он нè облекува, нè очистува од нашата голотија и стануваме Негови.

Еве што одбележуваме на почетокот на Страдалната Седмица.

(продолжува)

отец Томас Хопко

Прв дел

Г.Г.

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *