Како да се изучуваат зборовите на светите отци

Царството Божјо не е Талмуд, ниту, пак, механичка збирка на библиски или светоотечки цитати надвор од нашето битисување и нашите животи. Царството Божјо е внатре во нас, како динамичен квасец што темелно го променува целиот живот на човекот, неговиот дух и неговото тело. Она што се бара во изучувањето на светите отци, за да се остане верен на отечкиот дух на слободата и достоен за нивното духовно благородие и свежина, е да се пристапи на нивните свети текстови со стравот со кој им пристапуваме и ги почитуваме нивните свети мошти и свети икони. Ова литургиско почитување наскоро ќе ни открие дека овде се наоѓа уште една неискажлива благодат. Целата атмосфера е поинаква. Постојат одредени пасуси во светоотечките текстови од животно значење, за кои чувствуваме дека бараат од нас и вршат во нас една необична промена. Нив мора да ги направиме дел од нашето битие и нашите животи, како вистини и како гледишта, за да се закваси сè.

И во исто време мораме да се вложиме целосно во изучувањето на отците, пополека и без брзање. Овој брак, ова крштение во патристичката студија ни го дава она што ни е потребно, не додатен товар од светоотечки цитати и меморирање на туѓи мислења, туку стекнување на ново јасно чувство кое го оспособува човекот да ги гледа нештата поинакво и правилно. Ако се ограничиме на учење на пасуси напамет и на нивно механичко класифицирање – и така ги учиме луѓето – тогаш паѓаме во основна грешка која едноставно прави да бидеме неуспешни во поучувањето и запознавањето со светоотечкиот начин на живот и философија. Главна карактеристика на светоотечкото творение е тоа, дека тоа е зачнато и живее, дека е формирано и дека расте, како резултат на благодатта и силата на слободата на Духот.

Она што отците го бараат и го даваат е промената што доаѓа од Духот. Ако сакаме да им пристапиме надвор од оваа реалност, тие за нас ќе останат неразбирливи како писатели и презрени како личности.

Предавањето на патристичкиот збор, зборот на светите отци, не е во приложувањето на нивните изреки кон една или друга тема со помош на усогласување. Тоа е процес во кој храната се зема од страна на живите организми, се преработува од нив и се претвора во крв, живот и сила. И, следствено, тоа значи преминување во радост и објавување на чудото со самиот факт на битието приведено во живот, опит спознаен на начин кој ги предизвикува сомнежот и испитувањето. На тој начин, живиот светоотечки збор не се соопштува механички, ниту се зачувува археолошки, ниту, пак, му се пристапува преку екскурзии низ историјата. Тој се предава целосно, полн со живот, преминувајќи од род во род преку живите организми, променувајќи ги, создавајќи „отци“ кои го прават него нивен личен збор, нова своина, чудо, богатство коешто расте со самото негово дарување. Ова е непроменливата промена обликувана од силата која го менува распадливото во нераспадливо. Тоа е вечното неподвижно движење на зборот Божји и на неговата вечно-жива непроменливост. Секој ден зборот изгледа поинаков и нов, а е истиот. Ова е тајната на животот што длабоко навлегол во нашата мртва природа и ја воскреснува неа однатре, кршејќи ги портите на адот.

Предавањето на отечките зборови на други значи дека јас самиот живеам; дека сум променет од нив. И дека мојот метаболизам има сила да ги промени, та да можат да бидат јадени и пиени од личноста на која ѝ ги нудам. Оваа промена на зборот внатре во човекот, и промената во него која е резултат на тоа, ја зачувува непроменета тајната на личносниот и неповторлив живот, којшто „светоотечки“ е соопштен и даден. Тоа е како храната што мајката ја јаде: таа ја храни неа и ја одржува во живот, и во исто време во неа станува мајчино млеко, животен напиток за стомакот на нејзиното бебе. Колку е прекрасно човекот да стане теологија. Тогаш, што и да прави, и пред сè што прави спонтано, бидејќи вистинито е само она што е спонтано, тој сведочи и зборува за фактот дека Синот и Словото Божјо се воплоти, дека се вочовечи преку Светиот Дух и Секогашдева Марија. Ова молкум говори за неискажливите таинства кои се открија во последните времиња.

архимандрит Василиј (Гондикакис) Ставроникитски

Г.Г.

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *