За поднесувањето на злото (1)
Кај ава Антониј дошле некои браќа и му рекле: кажи ни слово, како да се спасиме. Старецот им одговорил: сте го слушале Писмото? Тоа ви е доволно. Тие рекле: отец, ние и од тебе сакаме да слушнеме. Старецот им рекол: Евангелието вели: ако некој те удри по десниот образ, сврти му го и другиот (Мт 5,39). Тие му рекле: не можеме да го направиме тоа. Старецот им одговорил: ако не можете да го вртите и другиот, барем, во крајна мера, поднесете (удар) на едниот. И тоа не го можеме – му рекле. Старецот им одговорил: ако и тоа не можете да го направите, тогаш не враќајте на другите со иста мера. Браќата рекле: и тоа не го можеме. Тогаш старецот му рекол на својот ученик: подготви им малку каша, бидејќи се слаби. Ако едното не го можете, а другото не го сакате, тогаш што да ви правам? Треба да се молиме!
Еднаш ава Јован Колов седел наспроти црквата, а браќата биле околу старецот и прашувале за своите помисли. А некој од старците, кога го видел тоа, поттикнат од завист, му рекол: твојот сад, Јоване, е полн со отров. Ава Јован му одговорил: така е, отец! И ти го рече тоа, оти ја виде само надворешноста, а што ќе речеше да ја видеше внатрешноста?
Раскажуваа за Јован Тивејски, ученикот на ава Амој, дека тој дванаесет години му служел на старецот, кога овој бил болен, и седел со него на рогозината, но старецот не обраќал внимание на него. И макар што Јован многу се трудел за него, страецот никогаш не му рекол: биди спасен! (во смисла: благодарам!) Но, кога старецот се приближил на смртта и кај него се собрале старците, тогаш го фатил за рака и му рекол: биди спасен, биди спасен! И на старците им рекол: ова е ангел, а не човек!