За осудувањето (1)

Некогаш во киновијата (општожитие, манастир) на ава Илит се случило искушение со еден брат. Откако го избркале оттаму, тој заминал во планината кај ава Антониј. Кога братот поминал некое време кај него, Антониј повторно го испратил во киновијата, од којашто дошол. Но браќата, штом го виделе, повторно го избркале. Братот се вратил кај ава Антониј и му рекол: отец, не сакаа да ме примат! Тогаш старецот го испратил кај нив со овие зборови: еден кораб претрпел бродолом, го изгубил товарот и самиот едвај се спасил до брегот; а вие сакате да го потопите и она што се спасило на брегот. Браќата, штом слушнале дека ава Антониј го испратил него, веднаш го примиле.

Еден брат паднал во грев и бил истеран од црквата од страна на презвитерот. Ава Висарион станал и излегол заедно со него, велејќи: и јас сум грешник.

Ава Исаија рекол: ако ти дојде помисла да го осудиш ближниот за некаков грев, тогаш најпрво размисли за себе самиот: самиот ти нели си погрешен од него? И ако мислиш дека правиш добро – не надевај се дека си Му угодил на Бога. Тогаш нема да се дрзнеш да го осудуваш ближниот.

Тој исто така рекол: во неосудувањето и непонижувањето на ближниот се состои спокојот на совеста.

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *