За ава Сисој (6/19 јули)

Sv. Sisoje Veliki

Овој боговдахновен отец еднаш беше запрашан од браќата: Ако братот падне во грев, дали му е доволна една година за покајание? – Суров е тој збор, одговори старецот. На тоа браќата рекоа: Значи, му требаат шест месеци за да се покае? – Старецот одговори: Многу е. Тогаш браќата повторно го прашаа: Можеби му се потребни четириесет дена за покајание? – И тоа е многу, одговорил старецот. Потоа рече: Верувам во милосрдието на Човекољубецот, дека, ако човекот се покае со целата своја душа, Бог ќе му го прими покајанието за три дена.

Некој брат го праша ава Сисој: Што да правам, отец, бидејќи паднав во грев? – Стани, чедо, и ќе се спасиш, одговори старецот. На тоа братот рече: Но, јас само што се кренав, повторно паднав. – Повторно стани! – му возврати старецот. Тогаш братот праша: Тогаш, до кога ќе паѓам и станувам? – Старецот одговори: Додека не ти дојде крајот и те затекне или во добро или во зло; затоа треба постојано да се поправуваш себеси, за во таква состојба и смртта да те затекне.

Еднаш некој подарил мев со вино на браќата на Антониевата гора. Еден монах налеа од виното во еден мал сад и со чашата во рака отиде при ава Сисој; ја наполни чашата и му ја подаде на авата, и тој ја испи; потоа му налеа и друга, а авата ја испи и неа; но кога тој му налеа трета и го понуди со неа светиот ава, тој одби, велејќи: Доста, брате! Зар не знаеш дека третата е од сатаната?

Еден монах бил напуштен од својот другар соподвижник, и доаѓајќи кај ава Сисој, му рекол: Ме напушти мојот другар што живееше со мене и сакам да му се одмаздам. – Старецот на тоа му рече: Ајде да се помолиме на Бога! – И додека се молеа, светиот старец во својата молитва го кажа и ова: Господи! Отсега не ни е потребна Твојата грижа за нас, бидејќи ние самите ќе се одмаздуваме за себе! – Кога братот ги слушна овие зборови, падна пред нозете на старецот и му рече: Отсега нема да му се заканувам на братот. Прости ми, отец! – И така ава Сисој го излечи својот брат.

Ава Амон му се жалеше на ава Сисој дека не може да ги запамти прочитаните мудри изреки, за да може повторно да ги каже во разговор со луѓето. Свети Сисој му одговори: Тоа не е потребно. Потребна е само чистота на срцето. Ако ја здобие неа, човекот треба да говори од неа без додатна грижа.

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *